20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПобеднички старт на Mакедонија на Мундијалот во Франција

Победнички старт на Mакедонија на Мундијалот во Франција

mkd-tun

Македонската репрезентација со победа 34:30 (13:14) над Тунис стартуваше на 25-то Светско првенство. Македонија мечот го доби со пресврт во последните 19 минути, кога успеа да ја стигне предноста на противникот од четири гола.

Тежок исцрпувачки натпревар одиграа избраниците на Лино Червар во Мец против Тунис. На крајот победи нивната желба, добрата тактичка и физичка подготвеност, и брилијантната игра на играчите со најдолг стаж во репрезентацијата: Лазаров, Стоилов, Миркуловски, Манасков…

Македонија добро започна со 2:0, но Тунис одговори со серија од три гола до деветтата минута. Следуваше период во кој наизменично се постигнуваа голови сé до 18. минута кога Македонија се одвои на 10:8, нешто повеќе не дозволи тунискиот голман Мусауи кој одбрани четири зицери, а првиот дел го заврши со 10 интервенции.

Одбраните на својот голман Тунижаните ги претворија во еден гол позитива по првиот дел (13:14).

Стартот на вториот дел го донесе најлошиот период во играта на македонската селекција. Лошо функционираше нападот, во ситуација кога Македонија играше „седум на шест“ во нападот, Тунис постигна три гола и во 36. минута достигна предност од четири гола (16:20).

Пет минути подоцна предноста на Тунис остана иста 20:24, но од таа 41. минута Македонија започна да го „меле“ противникот.

Тунижаните веројатно охрабрени од предноста започнаа да играат грубо во одбраната, нивната преагресивна игра судиите ја казнуваа со исклучувања. Македонија во 47. минута израмни на 25:25, нерешено беше и во 51. минута кога следуваше еден блиц-криг на Македонија од четири гола, со кои практично беше решен победникот.

Кире Лазаров одигра брилијантен натпревар – постигна 12 голови (12/16 шут), во чекор го следеше Стоилов со седум гола, а Манасков постигна пет.

Кај Тунис најефикасни беа Бугами со девет и Теж со седум гола, додека голманот Мусауи имаше 12 интервенции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП