28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените за 2017-та – оптимизам при неизвесност

Бизнисмените за 2017-та – оптимизам при неизвесност

mak

Раст на економијата од околу 3% и натамошен пад на невработеноста, но под многу тешки и неизвесни околности – ова се очекувањата на бизнисмените за 2017-та, година во која, како што велат, главен приоритет на повеќето компании ќе биде преживувањето а не ширењето.

Домашни, регионални и глобални ризици

Ризиците за економијата бизнисмените ги групираат во три категории – домашни, поради политичката криза; регионални, пред се грчките проблеми; глобални, мигрантскиот бран, заканите од тероризмот. Сето ова за нашите стопанственици значи дека претстои навистина тешка година.

„За 2017-та година треба да се земат предвид одредени фактори и ризици. Пред се мислам на политичката состојба во земјава, дали ќе дојде до конечно разрешување и стабилизирање и отпочнување на едни помирни текови. Потоа, економското влијание од соседството, пред се состојбата во Грција“ вели Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопанки комори (ССК).

За бизнисмените од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) главениот проблем сепак е кај политичарите – бараат што поскоро формирање Влада и стабилизирање на состојбата.

„Не сме оптимисти. Сметаме дека на земјава и претстои турбулентен период на економски план зашто влегува во новата година со речиси истите проблеми, а ја очекуваат и уште едни избори, локалните. Изборите завршија и сега очекуваме формирање нова влада во законски утврдениот период. Ако постапката се пролонгира и ситуацијата повторно се усложни, тоа секако ќе значи застој, пред се во функционирањето на институциите, а индиректно, и во бизнисот“ изјави Назим Ејупи, СКСЗМ.

Ликвидноста подобрена, но проблематична

Ликвидноста и пристапот до кредити е проблем со кој македонските компании се соочуваат со години. Лани имало одредени подобрувања – законот за финансиска дисциплина ги дава првичните резултати, но потребно е уште многу работа.

„Можат да се споменат и некои недоследности кои што бизнис заедницата ги бараше минатата година со цел да се ефектуира подеднакво за сите, и државниот и приватниот сектор да ги почитуваат сите одредби од законот за финансиска дисциплина. Има подобрување во тој поглед и се надеваме дека доколку се стават во ред работите и од тој аспект секако ќе има натамошно подобрување на ликвидноста“ смета Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Кон средината на декември Народната Банка (НБРМ) одлучи да ја намали каматата на благајничките записи од 4 на 3.75% бидејќи оцени дека економијата по подолг период почнува да се стабилизира. Ова беше сигнал за банките да го одврзат ќесето и да го зголемат кредитирањето. Сепак, пристапот до свеж капитал останува предизвик за најголем дел од домашните компании. Во Сојузот на стопански комори сметаат дека се потребни посебни линии наменети за осовременување на производството и за поврзување на домашните со странските компании.

„Да можат да земат кредити за да можат да набават нова современа технологија и да произведуваат финални продукти кои ќе бидат за намена на користење на странските инвеститори. Во такви услови сметаме дека домашните компании би преземале таков чекор бидејќи купувачот е познат“ смета Алексов, ССК.

Зголемување на соработката со институциите

Во двете најголеми стопански комори, СКМ и ССК, начелно се задоволни од соработката со институциите, но сметаат дека треба да се работи на нејзино натамошно продлабочување.

„Досега во просек некаде меѓу 70 и 75 проценти од барањата кои ги доставуваме Владата ги прифаќа и ги имплементира. Меѓутоа, ставот на ССК е дека треба да бидеме вклучени во самиот почетен процес односно во првичната идеја за носење нови или измена на постојните закони. Во тој дел јавно – приватниот дијалог треба да се подобри односно да се интензивира“  вели Алексов, ССК.

„Минатата година направивме напредок во соработката со инспекциските служби од аспект на првенствено предупредување а потоа и санкционирање иако има индивидуални случаи каде треба повеќе да се работи на нивно подобрување“ вели Георгиева, СКМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП