28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција конечно го ратификуваше договорот за „Турски поток“

Турција конечно го ратификуваше договорот за „Турски поток“

potpis-erdo33

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган го потпиша законот за ратификација на договорот со Русија за изградба на гасоводот „Турски поток“, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.

Па така, Турција конечно го ратификуваше договорот.

Вчера, пред да отпатува во официјална посета на Русија, турскиот премиер Бинали Јилдирим потсети дека парламентот на земјата го одобрил законот за ратификација на договорот во текот на минатата недела. „Сега очекуваме рускиот парламент да го стори истото“, рече Јилдирим, цитиран од агенциите.

Проектот „Турски поток“ беше претставен од руското раководство во декември 2014-та година како алтернатива на откажаниот „Јужен поток“, потсетува „ТАСС“.

Според плановите поморскиот дел од гасоводот треба да се состои до четири цевки, од кои секоја со годишен капацитет од 15,75 милијарди кубни метри. Засега е сигурно дека ќе се направи само цевка која ќе испорачува гас до турските корисници. Другите цевки зависат од одобрението на Европската унија (ЕУ), како ако бидат реализирани, синото гориво ќе се испорачува до Европа преку територијата на Турција и Грција.

За кратко преговорите со Турција за проектот беа прекинати поради кризата во билатералните односи, настанати по соборувањето на руски воен авион од страна на турски воздухопловни сили во реонот на сириско-турската граница. Односите меѓу Москва и Анкара сепак се „затоплија“, откако Ердоган се извини за инцидентот.

На преговорите во август во Санкт Петербург меѓу претседателите на Русија и Турција Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган беше одлучено работата на „Турски поток“ да биде обновена.

Со проектот гасоводот ќе минува по дното на Црното Море до европскиот дел на Турција и границата со Грција. Должината на морскиот дел ќе биде околу 910 километри, а на копнениот – 180 километри.

Проектот се проценува на 11,4 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП