20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Македонија во топ 10 бизнис дестинации – реалност или илузија?

Анализа: Македонија во топ 10 бизнис дестинации – реалност или илузија?

invest

Петти во Европа, десетти во светот, подобри од 25 од 28-те земји членки на ЕУ. Doing business на Светската Банка ја рангира Македонија меѓу економиите во кои е најлесно да се води бизнис – дали е така и во пракса или само во извештаите?

Што содржи најновиот извештај Doing business?

Македонија е рангирана на десеттото место во светот според општите услови, гледано по категории најдобро стоиме кај времето потребно за отворање на бизнис (4-ти), плаќање даноци (9-ти), добивање градежни дозволи (11-ти), заштитата на малцински инвеститори (13-ти), добивање кредит (16-ти), ефикасност на надворешна трговија (27-ми), снабдување со енергија (29-ти), решавање на стечајните постапки (32-ри), исполнување на договорите (36-ти), регистрација на имот (48-ми).

„Македонија се вбројува меѓу државите кои креирале унифициран и модерен регистар на имот, функционален и безбеден систем на трансакции, полесен пристап до информации за активностите на сопствениците на акции, поголема улога на акционерите во менаџирањето со фирмите, како и зацврстување на правата на кредиторите“ се наведува во извештајот Doing business 2017.

Светска Банка нотира дека земјава ги подобрила пристапот до кредити и заштитата на малцинските инвеститори, а справувањето со неликвидноста се одвивало полесно преку процедурите за усвојување на плановите за реорганизација на фирмите, како и преку поголемо учество на кредиторите во стечајните постапки.

Каде е Македонија, а каде е Балканот?

На листата која опфаќа 190 држави, земјите од регионот се далеку зад Македонија. Словенија се наоѓа на 30-то место, Бугарија 39-то, Хрватска 43-то, Србија е 47-мо, Црна Гора 51-во, а Албанија 58-мо, Грција 61-во, а Турција 69-то.

Годинава во најдобрите десет економии се вбројуваат Нов Зеланд (1), Сингапур (2), Данска (3), Хонг Конг (4), Република Кореја (5), Норвешка (6), Британија (7), САД (8), Шведска (9) и Македонија (10).

Пред една деценија Македонија на истиот извештај беше рангирана на 94 место.

„За првпат во историјата на Doing business Македонија се приклучи на првите десет топ реформатори за бизнис што е големо постигнување. Ако погледнеме регионално, Македонија е најдобрата во регионот на Европа и Евроазија. Ова е постигнато со многу активен моментум на реформи… Следниот предизвик ќе биде да се продолжи со реформирањето и да се пренасочи фокусот на правните институции. За заинтересираните субјекти автоматски да се обезбедат информации за да имаат транспарентен пристап до регулативата. Ова би бил следниот чекор што го гледаме како предизвик за државата“ вели Валентина Салтане од Светската Банка.

Влада: Doing business доказ за спроведените реформи

Високото рангирање е доказ и потврда за спроведените реформи во изминатите години, велат од Владата – во последнава деценија Македонија напредувала за дури 84 позиции на оваа листа, период во кој биле спроведени над 30 системски реформи кои вклучуваат намалување на административните процедури, воведување на едно шалтерски систем, електронско поднесување на документи и поврзување на институциите.

„Овој континуиран напредок е резултат на напорна и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки… Извештајот е најреномиран светски економски извештај и има големо внимание кај светските мултинационални компании. Бизнис климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата“, објаснува вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

„Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит, полесно се пристапува до кредити и многу побргу се решаваат стечајните постапки“ вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Експерти и бизнисмени: извештаите не секогаш ја отсликуваат реалноста

Дел од експертите и бизнисмените, пак, сметаат дека извештаите не секогаш ја отсликуваат реалноста – она што е предвидено во законите и правилниците не е 100% преточено во реалноста и во праксата.

Поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев за Радио „Слободна Европа“ оценува дека критериумите на Светска банка се формални и не ја одразуваат суштината и укажува оти тоа најдобра се гледало од примерот со Македонија.

„Со сите политички мешања на државата во бизнисот на лош начин, со сета корупција што владее, со целата политичка криза да се соопштуваат такви резултати повеќе е срам за Светската банка отколку придонес за изготвување некаква реална информација за луѓето внатре и надвор… Луѓето што работат во Македонија знаат дека има политички притисоци на власта, пречки за доаѓање до нормална комуникација со државата и знаат дека има корупција на сите нивоа“, вели Гошев.

Според бизнисменот Мендерес Кучи, Светска банка ги зема предвид општите услови за водење бизнис. Тој се согласува дека Македонија формално ги исполнува условите, но дополнува дека разочарувањето ќе биде големо кога тој што се повикал на номинирањата во Doing business ќе дојде да инвестира.

„Ќе наиде на неликвидност на компаниите, на слаб пазар, на нестабилност во смисла на закони, на проблеми доколку сака некоја работа да ја оствари според законот. Ако се земе предвид колку е потребно да згаснеш компанија ќе види кои се тешкотиите. Добро е што имаме таков имиџ надвор и убаво да се видат отстапките што државата им ги дава на странските инвеститори, но ќе се разочараат во однос на тоа што ќе го видат тука“, вели Кучи за Радио „Слободна Европа“.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП