25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: Mногу леб и малку месо – просечната плата оди само на...

Анализа: Mногу леб и малку месо – просечната плата оди само на храна

namirniciii33

Просечна плата од околу 22.000 и минимална од 10.000 денари. Најголем дел од работниците имаат примања помеѓу овие две суми. Сето ова влијае на квалитетот на живот, па и на трпезата – Македонецот јаде сè повеќе леб и зеленчук и сè помалку месо и риба. Како да се промени ова? Експертите велат дека има простор за раст и на просекот и на минималецот, но и дека мора да се работи на зголемување на продуктивноста.

Трошоците на живот пораснале за 0.2%

Трошоците на живот се зголемиле за 0.2% за една година. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во септември 2016-та во однос на септември 2015-та храната и пијалаците биле поевтини за 0.1%, комуналиите за 0.1%, останатите стоки и услуги за 1%; поскапување има кај алкохолот за 4.9%, облеката за 1.2%, мебелот за 3.8%, комуникациите за 1.4%. Кога се ќе се собере вкупните трошоци се поголеми за 0.2%.

Сè „потешка“ синдикална кошница

И анализите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ покажуваат дека живеачката поскапела за една година.

Најновите податоци за потрошувачката кошница што тие ја пресметуваат се од февруари 2016-та. Во однос на февруари 2015-та таа „натежнала“ за 164 денари односно од 32.161 денар се зголемила на 32.325 денари. Најголем дел од овие пари, 13.428 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 683 денари или 2.2%.

Според податоците на Државната статистика просечната нето плата во февруари годинава била 21.813 денари, таа покривала само 67.5% од синдикалната потрошувачка кошница.

Благ раст на просечната плата

Најновите податоци на ДЗС, пак, покажуваат дека просечната плата има блага тенденција на раст. Се однесуваат на јули кога таа изнесувала 22.334 што е за 2.2% повеќе во однос на истиот месец лани.

Според Државниот завод за статистика ваквото зголемување најмногу се должи на растот во секторите градежништво од 9%, административни и помошни услужни дејности од 6.7% и информации и комуникации од 6.2%.

Во јули 1.6% од вработените не примиле плата.

70% од работниците под просекот – како да се промени ова?

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната. Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат и со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Според анализите на институтот за економски истражувања и политики Finance think дури 43% од вработените земаат помали плати од 12.000 денари, а само 8% повеќе од 25.000 денари, додека, пак, половина од вработените во земјава земаат плата меѓу 12.000 до 25.000 денари.

„Постои простор за пораст на минималната плата. А и последните анализи на институтот покажаа дека порастот на минималната плата до 50,9 отсто од просечната плата ќе ја намали невработеноста. Во моментов тоа ниво е 11.300 денари. Но со промената на просечната плата, ова ниво би се сменило, само потребна е внимателност на порастот. Над овој износ, порастот на минималната плата може да ја зголеми невработеноста, односно нископлатените сектори не би можеле да издржат плата над ова ниво и повисока плата од овој праг би можела да предизвика отпуштање работници“ вели Благица Петрески од Finance think.

Бизнисмените пак велат дека додека стопанството не порасне и не почне да создава посериозни работни места со поголем профит, платата не може да расте.

„Во услови на ниска инфлација и стабилен курс на денарот, платите можат да пораснат само во случај на зголемување на продуктивноста во компаниите. Секој пораст поголем од порастот на продуктивноста ќе ја намали конкурентноста на нашите компании на пазарот и ќе доведе до затворање на компаниите. Во нашето стопанство се уште доминираат трудоинтензивни дејности, каде што најголемиот процент од вработените се со низок степен на образование и работат едноставен мануелен труд. Бројот на високо образованите кадри во овие компании е многу мал и нивните повисоки плати не можат да влијаат на зголемување на просекот“ објаснува Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

Како изгледа просечната трпеза на Македонецот?

Според публикацијата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2014-та“ што ја изготви ДЗС стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.

Сето ова влијае и на трпезата. На неа просечниот Македонец има најмногу леб и зеленчук, а најмалку месо и риба. Државната Статистика пресметала дека просечно еден човек на ден консумира по 200 грама леб и уште 130 грама други житарки, речиси 300 грама зеленчук и 125 грама овошје. Потрошувачката на месо и сувомеснато е 100 грама, на риба 15 грама, на млеко и преработки 100 грама, а по едно јајце во просек се јаде секој втор ден.

Статистичарите пресметале и дека дневно еден Македонец јаде по 20 грама чоколади и кекси, а пие по 150 милилитри сокови. Не се троши ни многу алкохол – просечно по 2 милилитри жестоки пијалаци, 5 вино и речиси 20 милилитри пиво.

Потрошувачката на цигари oпаѓа постојано – пред три години еден Македонец во просек пушел по 2.4 на ден, а лани по 2.

Овие податоци се од деталната анализа на потрошувачката на домаќинствата за 2014-та на Државниот завод за статистика, документ кој се објавува еднаш во годината. За 2015-та се уште не е подготвен.

Колкава е просечната и минималната плата кај соседите?

Според Евростат најниска минимална плата на Западниот Балкан има Косово, 130 евра. Во Албанија е 150 евра, во Србија е 174, во Црна Гора е 193, а во Босна 191 евро. Со последното покачување Македонија има минималец од 10.080 денари односно 163 евра. Ние бевме и една од последните земји во регионот и во Европа која со закон ја утврди висината на минималната плата, која треба да го штити стандардот на работниците, но и нивните права.

И во однос на просечната плата Македонија стои полошо од соседите. Кај нас таа е 22.334 денари односно 363 евра. Во Србија е 421, во Црна гора 477, во Хрватска 770 евра, а во Словенија 1.004 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП