28 март, 2024
ПочетнаКОЛУМНИTip of the week: Меракот нема цена!

Tip of the week: Меракот нема цена!

Untitled-1

Пред некој ден, со еден пријател се расправавме, како можел да даде толку пари на некоја работа за која ние сметавме дека не вреди толку! Во целата таа конструктивна дискусија, ние уверувајќи го дека згрешил, а тој бранејќи ја својата одлука, одеднаш еден од пријателите ни се сврти и ни рече „луѓе, како може да му пререкувате на човекот, кога знаете како велат старите, меракот нема цена”. Сите замолчивме! Навистина така е. Колку пати сме се нашле во таква ситуација кога желбата да добиеме (поседуваме) нешто ни била толку голема што некако магично сме наоѓале пари и оправдување за нашата постапка, само да го добиеме тоа нешто.

Сите знаеме дека желбите и соништата се тие што нè водат напред и се нашиот мотив да остваруваме и да постигнуваме нестандардни резултати. Сите сме свесни за силата на нашата волја, кога посакуваме нешто многу силно и што сè сме подготвени да направиме за да го оствариме тоа. Но, дали навистина меракот нема цена?!

Замислете дека можете да си ги исполните сите желби?! Дали мислите дека ќе бидете среќни? Дали можеби, ако го купите тој автомобил (бидејќи цел живот сте сонувале за него), нема да ви се налути вашата сопруга или нема да бара компензација за таа толеранција (за која вие не сте подготвени да ја дадете)? Дали остварувајќи некоја своја желба, можеби ќе разочарате некој соработник или клиент, пријател, роднина или можеби ќе немате доволно време да се посветите на своето дете, како резултат на реализација на таа желба?

Ако сакате да видите една перспектива, што значи да се остварат сите желби, може да го погледнете извадокот од филмот Bruce Almighty (линк)

Секој ќеиф, мерак или желба има своја награда, но и своја цена. Прашањето е колку сме свесни за последиците и колку сме подготвени да „платиме”! Следен пат кога ќе ве заведе некоја желба, прашајте се:

  1. Дали ова е моја желба: прво да почнеме од тука. Не сите желби се наши лични, природни. Ние многу често, а несвесно, знаеме да ги исполнуваме желбите на нашите родители, пријатели, менаџери, колеги итн.
  2. Колкава ми е чергата: пред некој ден еден соработник ме консултираше за една бизнис можност, за која и тој не е сигурен колкав економски поврат ќе има, но дека има голем мерак и желба да го направи. Јас му одговорив дека, идејата нема некоја бизнис логика и оправданост, но ако е многу богат и може да си дозволи таков луксуз, а нема да повреди никој, да ја направи.
  3. Каков бенефит ќе добијам од таа желба: дали користа/бенефитот од исполнување да таа желба е поголем од влогот и од ризикот (можните негативни последици) од нејзиното исполнување! Или едноставно направете листа на бенефитите, од една страна, и листа на влогот што го давате и донесете одлука.
  4. Дали некој ќе биде повреден, ако ја остварам таа желба: да мислевме сите дали работејќи го тоа што го работиме, остваруваме или исполнуваме свои желби, ќе повредиме некого, светот ќе беше прекрасно место за живеење. Многу е тешко и спротивно на нашата (не)природа ние да размислуваме за другите. Но, потрудете се барем за кратко да размислите пред да ја донесете финалната одлука.
  5. Бидете набљудувач: набљудувајте како да не се работи за вас туку за некој друг. Дали, ако сте во нивна позиција, некој пријател, соработник, роднина би го советувале да се бори за остварување на некоја желба.

Според дефиниција, „желба” се дефинира како „чувство или силна потреба за нешто што не лесно да се оствари или да се добие, да се сака нешто кое нема или најверојатно нема да се случи”. Според тоа, може да заклучиме дека желбите повеќе не се остваруваат, отколку што се остваруваат. Значи, мора да направиме мудра одлука следниот пат кога ќе решиме да оствариме некоја своја желба или мерак.

 

Со успех во промените,

 

Петар Лазаров

Член на тимот

МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг

www.macedonia-consulting.com

www.macedonia-export.com

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП