28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложба на Биљана Кајевиќ во Куманово

Изложба на Биљана Кајевиќ во Куманово

слика

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, во четврток, во 20 часот, во Изложбениот салон, ќе биде отворена изложба на фотографии, цртежи, објекти на авторката Биљана Кајевиќ. Изложбата е со наслов “Коса“ и се базира на линија, структура, форма, симболика и сето тоа преточено во дваесеттина експонати во коишто косата е ставена во разни контексти и релации.

„Зар самата природа не ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса? Но, ако жената си ја остави косата, тоа е чест за неа, бидејќи косата и е дадена место покривало“, така напиша Севети Павле до Коринтјаните (1 Кор. 11: 14-15); срамот за едниот пол е чест за спротивниот пол.

Навистина, дебатата за симболизмот на косата е истовремено древна и комплексна. Косата е можеби нашиот најмоќен симбол на индивидуалниот и групен идентитет – моќен прво заради тоа што е физички и заради тоа екстремно личен, и второ заради тоа што и покрај тоа што е личен тој е, исто така, повеќе јавен отколку приватен. На косата отсекогаш и се придавале мистични карактеристики, некаква жива и моќна симболика со која се манипулирало во зависност од тоа каква порака треба да се пренесе од индивидуално кон групно ниво.

Во религиозните групации, генерално, должината на косата најчесто укажува на следниве состојби: долга коса – неконтролирана сексуалност, кратка коса – рестриктирана сексуалност, избричена коса – целибат.Еквивалент, но не во сексуална конотација, во општествената средина, е симболизмот на социјална контрола пренесен преку изгледот на косата, т.е. кратка коса – социјална контрола; долга коса – состојба надвор од општествените норми, бунтовништво.

Меѓутоа, во оваа генерална поделба не се вклопуваат жените кои по некакво „природно“ правило треба да имаат долга коса, која во најопшт контекст ја симболизира женственоста. Заради тоа, секаков облик на кратење, разобличување или потполно отстранување на косата кај жената е акт на разобличување на нејзиниот женски аспект и често низ историјата еден од најсрамните казни, на симболично ниво, за низа „женски“ престапи, како: вештичарење, прељуба, застранување од правилата и нормите на дадената општествена или религиозна групација.

Косата секако крие некаква магија, во било кој контекст да ја разгледуваме, преку нејзината естетска функција, преку нејзиното чудо на непрестан раст, преку значењето што го има во немата меѓучовечка комуникација, како сретство за контрола од страна на религиозни и општествени формации, форма на идентификација и знак на припадност…

Биљана Кајевиќ дипломира на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, во класата на професор Рубенс Корубин. По дипломирањето работи на дизајн на поштенски марки и разгледници за одделот за филателија при Пошти на Р.Македонија (Марката од серијата Олимписки игри во Атланта се најде во најтесниот избор на 14 марки од 60 земји во светот за наградата Олимпија во организација на МОК и Меѓународната федерација на олимписката филателија) – работи илустрации за едукативна детска книга за животни. (Учество на дел од илустрациите на Меѓународниот саем на детска книга во Болоња, Италија 2006)

Изложбата ќе биде поставена до 14 октомври.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП