29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАOnecoin – кој е ризикот при вложување во виртуелни валути? НБРМ предупредува!

Onecoin – кој е ризикот при вложување во виртуелни валути? НБРМ предупредува!

onecoin

И ризично и незаконско – да не се вложува во Onecoin и слични дигитални валути, предупредува Народната Банка.

Нивните анализи покажале дека парите многу лесно можат да пропаднат, да бидат украдени, да ја изгубат вредноста, да бидат искористени за криминални активности.

Освен за граѓаните препорака има и за банките – да одбијат извршување на трансакции за кои се сомневаат дека се однесуваат на дигитални и крипто валути.

„Клиентите треба да бидат свесни дека овие софтверски платформи не се банки, и дека не постои правна заштита за средствата кои ги вложуваат преку нив. Доколку платформата престане со работа, не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обесштетени, како што е тоа случај со средствата вложени во банка“ се наведува во соопштението на Народната Банка.

Onecoin е понова дигитална валута слична на веќе познатата Bitcoin, постои само виртуелно, а количината во оптек ја одредува компјутерски алгоритам. Се купува на интернет; најмалиот првичен влог е 130 евра вистински, реални пари; потоа со неа се тргува, а вредноста зависи од понудата и побарувачката.

Валутата ја промовира Onecoin limited, регистриран во Гибралтар, а потоа префрлен во Дубаи. Главните операции се водат преку претставништвото во Бугарија од каде е и основачот. Според финансискиот извештај компанијата има 60 вработени, а минатата година остварила приход од речиси 3.5 милиони евра и профит од нешто над 250.000 евра.

Нашата идеја е да станеме како Facebook или Google и да ги доближиме криптовалутите до обичниот човек, вели основачот Ружа Игнатова за бугарски „Капитал“. Според неа нема ништо незаконско во нивните активности.

„За разлика од Bitcoin која е анонимна валута, ние бараме копија од лична карта за сите трансакции над 2.500 евра, имаме иста политика како Paypal. Имаме строги правила и не сакаме да ризикуваме“ тврди Игнатова во интервјуто.

Сепак, на незаконитоста и ризиците од купување и тргување на onecoin освен македонската предупредија и бугарската, финската, шведската, норвешката и други централни банки. Полицијата во Обединетото Кралство вчера отвори истрага за активностите на компанијата.

Постои сомнеж дека станува збор за пирамидална шема бидејќи старите членови добиваат бонуси за секој ново регрутиран корисник.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП