Американскиот милијардер и берзански шпекулант Џорџ Сорос објави денес во весникот The Wall Street Journal дека дава 500 милиони долари во полза на мигрантите и бегалци, изразувајќи надеж дека и други ќе го следат неговиот пример.
„Одлучив да вложам 500 милиони долари за специфичните потреби на мигрантите, бегалците и приватните заедници“, пишува Сорос во американскиот економски дневен весник.
„Ќе вложам во ‘стар-апи’, етаблирани компании, општествени иницијативи и активности кои ги втемелуваат самите мигранти и бегалци“, пишува уште Џорџ Сорос.
Натаму во текстот вели дека е во потрага по „добри вложувачки идеи во разни сектори меѓу кои е новата дигитална технологија“.
„Напредокот во тој сектор може да им помогне на луѓето да имаат поделотворен пристап до владините, правосудните, финансиските и здравствените служби“, истакнува Сорос кој се надева дека неговиот ангажман ќе ги „инспирира другите инвеститори“.