25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФилмот „Пожар на море“ ја доби главната награда на „МакеДокс“

Филмот „Пожар на море“ ја доби главната награда на „МакеДокс“

pozar nagrada33

Со доделувањето на наградите и проекцијата на филмот „Пожар на море“ од Џанфранко Роси, кој ја доби главната награда „Кромид“, заврши седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

На фестивалот, што се одржа од 20 до 26 август во Куршумли-ан, на платото пред Куршумли-ан, во Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје, во пет програми беа прикажани 63 креативни документарни филмови, а беа присутни и 52 странски гости.

На фестивалот „МакеДокс“ се доделуваат наградите „Кромид“ – за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ – за најдобар студентски филм и Награда за филм со најдобри етички идеи од сите програмски селекции.

Жирито за наградата „Кромид“ во состав: Дон Едкинс, продуцент од Јужна Африка, Лена Пасанен, директорка на Меѓународниот фестивал на документарен и анимиран филм во Лајпциг, и Владимир Гојун, филмски монтажер од Република Хрватска, наградата ја додели на документарниот филм „Пожар на море“ од Џанфранко Роси.

„Наградата ’Кромид‘ за најдобар филм во главната програма на филмскиот фестивал ’МакеДокс‘ се доделува на филмот со беспрекорна уметничка експресија, кој раскажува приказна што е истовремено актуелна и тешка. Визуелниот јазик во филмот синеастички пристапува кон една особено важна тема во светот денес.

Режисерот умешно и несвојствено се занимава со животот и смртта, откривајќи ѝ на публиката нови, интимни слоеви на кризата која се одвива недалеку од нас“, е образложението на жирито, кое едногласно ја донесе одлуката.

Жирито за наградата „Млад кромид“ во состав: Стефано Теалди, продуцент и режисер од Италија, Иика Вахкалахти, извршен продуцент во компанијата „Раф кат сервис“ (Rough Cut Service), и Мила Турајлиќ, режисерка и продуцентка од Србија, наградата ја додели на филмот „Марта и Ники“ на Тора Мортенс од Шведска.

„Филм со силна вибрација. Навидум едноставен, но способен да ја воведе публиката во една од најсилните субкултури на младата генерација. Ова е посебен, умешно направен филм за две девојки, нивното пријателство, потрагата по корените и искушувањето на машката доминација во светот на хип-хопот“, стои во образложението на жирито.
Посебно признание во селекцијата на нови автори добија филмовите „Земјата што ја освоивме“ на сценаристката Миријам Смит и режисерот Кристофер Приор од Нов Зеланд и „Две детства“ на Владимир Головнев од Русија.

„Земјата што ја освоивме“ е освојувачка филмска приказна концентрирана на машката субкултура во Нов Зеланд, каде што една мала заедница на земјоделци си го исполнува животот играјќи рагби и пренесувајќи ја оваа практитка од колено на колено, додека „Две детства“ е краток филм кој го поттикнува прашањето за важноста на историјата во нашите животи и во општеството. Филмот ги истражува живите и згаснатите традиции, улогата на војните денес и во минатото, како и начинот на кој генерацискиот јаз влијае на предизвиците со кои се соочуваме, образложи жирито.

Жирито за наградата „Кокарче“ во состав: Наташа Петровиќ, македонска театарска и филмска актерка, Воскресија Андреевска, сликарка и графичка дизајнерка, и Иван Шопов, писател и автор на сценарија за анимирани филмови, донесе одлука за најдобар филм во студентската програма да го издвои филмот „Арлет – Храброста е мускул“ на режисерот Флоријан Хофман.

„Изборот на важна, релевантна и провокативна тема никогаш сам по себе не гарантира успешен документарен филм, но, во случајов, сметаме дека е важно да им се даде глас на оние луѓе чиј глас недоволно се слуша, или, пак, воопшто не се слуша. А, приказната за 15-годишната Арлет од Централноафриканската Република е токму таква – приказна за индивидуа која се наоѓа во земја каде владее насилството, стравот, несигурноста и неизвесноста, а надежта за подобар живот ја има во промили. Во такви околности, решеноста да им се даде глас на обезгласените е голема доблест“, образложи жирито.

„Почитувано жири, почитувана ’МакеДокс‘ екипо, навистина сум почестен што ја добивам оваа награда на ’МакеДокс‘. Тоа е филмски фестивал чиј фокус не е во индустријата на правење и продавање на филмови, туку во разменувањето на мислења и рефлектирање на идеи. За жал, тоа веќе ретко се наоѓа… Затоа, благодарам на целата фестивалска организација и срдечните волонтери. Благодарам за вашата неуморна посветеност на киното. Главниот лик во мојот филм, Арлет, кажува една африканска изрека, која ѝ служи како мото: Храброста е мускул. Идејата е дека храброста може да се тренира како мускул. Така што, ако сте храбри и продолжите да бидете тоа, сѐ полесно ќе бидете храбри. Ајде да ги здружиме силите како филмски автори и едноставно, како луѓе – но не само под смоквиното дрво – и да го тренираме овој мускул“, возврати со порака режисерот Флоријан Хофман, а наградата во негово име ја подигна Хелга Тајпел од амбасадата на Германија во Скопје.

Посебно признание „Кокарче“ за студентски филм доби „Пазар“ на режисерот Симон Гилард од Белгија, поради неконвенционалното раскажувачко решение. Со својот неверојатно моќен визуелен приказ, овој режисер покажува дека приказната може успешно да се раскаже и без зборови, со помош на сликите, боите и звуците, кои ги држат сетилата.
Жирито за Наградата за најдобри етички идеи во состав: Влатко Галевски, филмски критичар и филмофил од Македонија, Катри Мерикалио, финска новинарка и активистка за добросостојбата на децата, и Маријане Гизае, едукатор од Германија, која над 20 години работи со медиумите на развојни проекти во Јужна Африка, одлучи наградата да ја додели на „Совршениот круг“ на режисерката Клаудија Тоси од Италија.

„Филмот очебијно се издвојува поради третманот на универзалниот и чувствителен проблем во приказната и посебниот пристап на режисерката кон протагонистите. Нема однапред испланирани агенди во позадината, ниту пак директно вмешување во дејството. Камерата на Бранд Ферро го документира само она што се одвива пред неа. Филмот создава подлабоко разбирање за неизбежниот дел од животот – смртта“, образложи жирито.

Специјално признание за етички идеи доби филмот „Бисерното копче“ на режисерот Патрицио Гузман. Филмот е за домородните народи од Патагонија и нивната судбина. Кога се уништува група на домородни народи, не исчезнува само нивната култура, јазикот и духот, туку се уништува и дел од светската цивилизација и конечно, нашата сопствена егзистенција. Филмот нѐ потсетува дека човечката етичност и слобода не зависат од Бога, а уште помалку од полицијата, потенцира жирито за наградата Етички идеи.
На последната вечер на „МакеДокс .7“ беа доделени и наградата „Златна каса“ на Миа Ферро, бидејќи е срушен рекорд во продажба на билети стар три години, додека за најдобар волонтер беше прогласен Дин. Вечерта ја разубавија и разиграа „Черкези оркестар“.

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП