20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурските власти во Истанбул ќе го пуштат во употреба третиот мост преку...

Турските власти во Истанбул ќе го пуштат во употреба третиот мост преку Босфорот

most bosfor22

Со пуштањето во употреба на третиот мост помеѓу Европа и Азија, Истанбул вечерва го добива третиот „ѓердан“ преку Босфор. Мостот кој го носи името на султанот Јавуз Селим и чија изградба започна во мај 2013-та година е завршен во рекордно време од 39 месеци пред планираниот рок за изградба, и веќе по повеќе особини го нарекуваат и мост на рекордите.

Со широчина од 59 метри тој го претставува најширокиот висечки мост во светот. Целокупната должина на мостот изнесува 2 илјади и 164 метра, а со должина од илјада и 408 метра над морската површина тој го претставува и најдолгиот висечки мост со систем на железница во светот. Мостот има осум ленти за автомобилски сообраќај и две траси за железнички сообраќај, кои сите се наоѓаат на исто ниво.

Новиот мост на Босфор е дел од Северниот Автопат „Мармара“ од чиј досега изграден дел од 116 километри 13,5 километри минува преку вијадукти, а мостот Султан Јавуз Селим се наоѓа во делот Одајери-Пашаќој.  Во европскиот дел на проектот се завршени сите приклучни делници, додека во азискиот дел во почетната фаза возилата ќе преминува по одредени делници. Вкупната должина на автопатите од проектот е 157 километри кои се планира да бидат завршени до крајот на 2018-та година.

За импозантноста на проектот говорат следниве податоци: во целиот проект досега се потрошени околу 230 илјади метри кубни бетон, 50 илјади тони армирано железо, 57 илјади тона градежен челик, 28 илјади тони челични кабли 8 милиони метри кубни асфалт.

Изградбата на мостот чиј градител е холдингот ИЦА (ICA) чинеше 4 и пол милијарди долари и е дело на висока технологија и инженерство, по концесија од 10 години и два месеца мостот ќе му биде предаден на Министерството за сообраќај на Турција.

Новиот мост се очекува во голема мера да го олесни сообраќајот на мегалополисот кој брои 3 милиони и 771 илјада регистрирани возила. Ќе биде смален сообраќајот и на постарите два моста преку Босфор. Товарните сообраќајни возила кои досега поминуваа од вториот мост– мостот Султан Фатих Мехмед, ќе бидат пренасочени на новиот мост и ќе преминуваат на спротивната страна од Босфор без да влегуваат во Истанбул, што додатно ќе се смали оптовареноста на сообраќајот на метрополата.

Мостот ќе биде интегриран во железничкиот систем „Мармарај“ и истанбулското метро, со што ќе се поврзат аеродромите „Ататурк“ во европскиот дел на турската метропола, потоа „Сабиха Ѓокчен“ во азискиот дел и третиот истанбулски аеродром кој е во изградба.

Со железницата што ќе минува преку мостот практично ќе се носат патници од Едрене до Измит. Дневно се очекува премин од 135 илјади возила, преминот од европскиот кон азискиот дел за патнички возила ќе чини околу 3 евра, а за возила со голема тонажа ќе почнува од 4 евра, додека премините од Азија во Европа ќе бидат бесплатни.

На свеченото отворање на кое ќе учествуваат претседателот на државата Реџеп Тајип Ердоан, премиерот Бинали Јилдирим и претседателот на турскиот парламент Исмаил Кахраман се очекува присуство на претседатели на држави и високи државници од балканските земји – Македонија, Србија, БИХ и Бугарија како и од Индија, Северен Кипар, Грузија, Бахреин и министри за сообраќај и економија од многу земји од светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП