20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПараолимпијците подготвени да се борат за медал

Параолимпијците подготвени да се борат за медал

paraolimpijci

Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов се Македонските претставници на претстојните параолимписки игри во Рио. Тие, во петокот, заедно со тренерот Бранислав Јовановски и другите сопатници за Рио го најавија учеството на Параолимписките игри, надевајќи се на повторување на успехот од изминатите континентални натпревари.

„Изминатите параолимписки циклуси и резултатите на нашите спортисти ми даваат за право да очекувам нови одлични резултати, а зошто да не и медали, иако не сакам да наметнуваме императиви од таков вид, што ќе им претставува дополпнителен товар и притисок на спортистите. Агенцијата за млади и спорт во континуитет дава поддршка на Федерацијата за спорт и рекреација на инвалидизирани лица, а нашите спортисти ни возвраќаат со одлични настапи и медали од големите натпреварувања“, рече првиот човек на АМС, Марјан Спасески.

Спортското стрелаштво е еден од најтрофејните спортови во Македонија, особено во делот на параолимпизмот (злато на Бранимир Јовановски во 1992 година на ОИ во Барселона, сребро на Ванчо Каранфилов во 2004 на ОИ во Атина и златото со светски рекорд на Оливера Наковска-Бикова во 2012 година на ОИ во Лондон).

„На овие параолимписки игри ќе се потрудам најдобро што можам да го сработам она што најдобро го знам и да се пласирам во финалето. Напорно работевме и се надевам дека таа напорна работа ќе вроди со плод“, рече на прес конференцијата „златната“ од Лондон Оливера Наковска-Бикова, за која Игрите во Рио ќе бидат четврти во нејзината кариера.

„Вообичаено се поставува прашањето: „Што ние очекуваме од параолимпијадата?“ Јас ќе употребам една изјава од сите наши претходни олимпијци: „Да го направам својот најдобар резултат“. Би сакал да го направам еден од моите подобри резултат, доколку тоа успеам да го остварам тогаш ќе се пласирам во финалето, а таму е се можно. Во секој случај јас и колешката Оливера подготвени заминуваме за Рио“, рече Ванчо Каранфилов, за кого Параолимписките игри ќе бидат петти во кариерата.

Мислењето на Наковска-Бикова и Каранфилов го дели и нивниот тренер Бранимир Јовановски, тој е убеден дека доколку влезат во финалето дека ќе можат да се борат за медал. Во овие игри тој гледа и малку симболика, како што рече во 1992 година тогаш за Барслеона заминал на 30.август исто како и сега, а дисциплината воздушен пиштол на програмата била на 9.септември кога го освои златото. Во оваа дисцплина стрелците ќе настапат на истиот ден како и Јовановски пред 24 години.

„Не смееме да дадеме изјава дека одиме во Рио за да постигнеме македонски рекорд, бидејќи тоа би бил светски рекорд. Оливера е светска рекордерка од Лондон 2012 година, Ванчо во 2004 година го има израмнето европскиот рекорд, јас во 1992 година поставив светски рекорд. Значи нашите рекорди се во рангот на светските рекорди или многу малку под тоа. Меѓутоа средните вредност на резултатите кои ги имавме во периодот на квалификациите од 2014 до денес кажуваат дека имаме сериозна шанса да влеземе во финале, во две дисциплини (воздушен пиштол и спортски пиштол). Тој влез во финале би значело дека сериозно, двајцата наши стрелци ќе се вклучат во борба за еден од медалите“, рече тренерот Бранимир Јовановски, кој во името на тимот ја искажа благодарноста до државните институции и неколкуте приватни компании кои им овозможиле во целост да ги спроведат подоготвките за Рио.

„Како никогаш досега бевме фокусирани само на подоготвките, имавме одлични услови“, рече тој.

Параолимпијците за Бразил ќе заминат на 30. август, на 2. септември ќе биде кренато македонското знаме во олимпиското село, а Параолимписките игри ќе бидат отворени на 7. септември.

Настапите на нашите стрелци се закажани за 9. септември (воздушен пиштол 10м), два дена подоцна ќе се одржи дисциплината спортски пиштол-25м. Последниот настап стрелците ќе го имаат на 14. септември, кога ќе се одржи дисциплината малокалибарски пиштол-50 метри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП