Најголемиот пензиски фонд во светот оствари загуба од 52 милијарди долари во последното фискално тримесечје по падот на цените на акциите и поскапувањето на јенот, соопштува „Bloomberg“.
Јапонскиот владин пензиски инвестициски фонд (Government Pension Investment Fund) изгуби 3,9%, или 5,2 илјади милијарди јени (52 милијарди долари), во трите месеци, кои завршија на 30-ти јуни. Така средствата на Фондот се намалуваат до 129,7 илјади милијарди јени.
Тоа брише 4,1 илјади милијарди јени поврат од инвестиции за претходните шест квартали, почнувајќи од октомври 2014-та година.
Тримесечниот пад следува по загубата од 5,3 илјади милијарди јени во фискалната година до март, најлошите годишни податоци од светската финансиска криза, досега.
Откако заработи од раниот скок на јапонските акции и девалвација на националната валута, Фондот забележа загуби по падот на акциите и поскапувањето на јапонскиот јен, што ја намали вредноста на странските средства.
„Бидејќи инвестициите се врзани со пазарните движења, природно е тоа да се случи. Нема смисла да се гледа на тоа на краток рок“, објасни Ајако Сера, стратег во „Sumitomo Mitsui Trust Bank“.
Фондот држи 21 отсто од своите инвестиции во локални акции кон крајот на јуни, а 39% во јапонски обврзници.