25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски банки – помало кредитирање и пониски камати, а зголемена заработка

Македонски банки – помало кредитирање и пониски камати, а зголемена заработка

banka

Благо намалување на каматите, продолжение на трендот на топење на кредитите, стабилизација на депозитите и пред се одлични профити за банките. Ова се резултатите на банкарскиот сектор според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) и според финансиските извештаи објавени на Македонската берза.

Благо намалување на каматните стапки

Според најновите податоци на НБРМ просечните каматни стапки за денарските кредити во јуни биле 6.6%, а за девизните 5.5%. За една година тие се намалиле за 0.5 односно за 0.4 процентни поени.

За новите кредити кои биле одобрувани во јуни просечната камата била 6% за денарските и 5.1% за девизните.

Малите банки имаат највисоки каматни стапки – во јуни тие во просек биле 7.5% за денарските и 5.9% за девизните кредити. Средните имаат просечна камата од 6.9% за денарски и 5.5% за девизни кредити. Големите банки, пак, во просек имаат камати од 6.4% за денарските и 5.4% за девизните кредити.

Негативното салдо на тековните сметки во просек има камата од 10.2%, а каматата на кредитините картички има средна вредност од 10.1%.

Во просек, каматите кои ги даваат банките за депозитите во јуни биле 2.5% за денарските и 1% за девизните. За една година се намалиле за 0.4 односно 0.3 процентни поени.

Продолжува трендот на намалување на кредитите

Продолжува трендот на намалување на кредитите кој започна пролетта како резултат пред се на политичката криза и на неоснованите шпекулации за стабилноста на денарот и за сигурноста на заштедите.

Најновите податоци на НБРМ покажуваат дека во јули вкупните кредити што деловните банки ги имаат пласирано кај граѓаните и кај компаниите биле 4 милијарди 451 милион и 317 илјади евра. Во однос на јуни биле намалени за 11.3 милиони евра.

Од друга страна, по четиримесечен пад, во јули е регистриран благ раст на депозитите. Тие достигнале 4 милијарди 823 милиони и 577 илјади евра. Во однос на јуни биле поголеми за 10.1 милион евра, но се уште се немаат вратено на нивото од март кога почна засилено повлекување на депозитите од банките и претворање на денарите во евра.

Тогаш НБРМ директно интервенираше на девизниот пазар, но воведе и низа други мерки – зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0% како и зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%.

Најновите податоци на НБРМ покажуваат дека овие мерки сепак не влијаеле на пораст на каматите за кредитите за граѓаните и за компаниите како што првично се очекуваше.

Одлично полугодие за големите банки

Финансиските извештаи објавени на Македонската берза, пак, покажуваат позитивен тренд за банкарите, пред се од големата тројка.

Според полугодишниот извештај Комерцијална банка остварила нето приходи од камати од 25.5 милиони евра или 916 илјади евра повеќе од истиот период лани. Заработката од провизии и надоместоци била помала за 363 илјади евра и изнесувала 7 милиони евра. Вкупниот профит достигнал 3 милиони и 366 илјади евра.

Финансискиот извештај на НЛБ Банка покажува приходи од камати од 21.6 милиони евра што во однос првите шест месеци лани е за речиси 2.5 милиони евра повеќе. Приходите од провизии и надоместоци биле зголемени за 219 илјади и достигнале 7.6 милиони евра. Чистата заработка била поголема за милион евра и достигнала 9 милиони и 362 илјади евра.

Најдобри резултати оствари Стопанска Банка. Според финансискиот извештај чистата заработка во првите шест месеци од 2016-та била 19.5 милионни евра или 10% повеќе од 2015-та. Нето приходите од камати биле поголеми за 5.9%, а од провизии помали за 2.4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП