19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната плата 22.187 денари – малкумина над, многумина под оваа сума

Просечната плата 22.187 денари – малкумина над, многумина под оваа сума

den

Некој со навистина многу, друг со навистина малку, а просечната плата е 22.187 денари. Според Македонска платформа против сиромаштија 70% од работниците имаат примања под оваа сума.

Раст на просекот од 0.7% за една година

Македонскиот работник во просек заработува по 22.187 денари месечно. Ова е износот на просечната нето плата за јуни годинава според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во однос на јуни лани таа се зголемила за 0.7%, но во однос на мај се намалила за 0.6%.

Најдобро се платени работниците од секторот финансии и осигурување, просечната плата кај нив е 38.880 денари. Следуваат снабдување со електрична енергија и гас со 37.000, информации и комуникации со 36.800 денари. Наслабо платени се работниците во хотелиерството, просек по околу 15.000 денари, па земјоделството и преработувачката индустрија со по 16.000.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите со по 51.445 денари, а најслабо платени се кожарите и чевларите со по 11.571 денар.

70% од работниците под просекот

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

Разликите меѓу помалку и повеќе платените треба да се пеглаат и со минималната плата. Таа на 1 јануари порасна за 490 денари со што достигна 10.080 денари. Текстилната и кожарската индустрија, кои се и најмалку платени сектори, ќе мораат да исплаќаат барем по 9.000 денари. За нив усогласувањето е одложено.

Просечната плата не е доволна за да се протурка месецот

Една просечна плата не е доволна за едно семејство да го протурка месецот. Според минималната синдикална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на просечно домаќинство му се потребни 32.325 денари. Оваа пресметка се однесува на февруари годинава, оттогаш ССМ ги нема обновено податоците.

Најголем дел од овие пари 13.427 денари или 41.5% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32.5%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086 или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.5%, а за здравство 684 денари или 2%.

Стапка на сиромаштија од 22.1%

Според публикацијата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2014-та“ што ја изготви ДЗС стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.

К. Н.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП