23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку денари постојат – како се „креираат“ парите?!

Колку денари постојат – како се „креираат“ парите?!

denariiii

Во паричници, во џебови, под перници, во сефови, на трансакциски сметки, на штедни книшки – кога сите денари што постојат ќе се соберат на едно место се доаѓа до сума од 324 милијарди и 122 милиони. Ако се поделат подеднакво за секој Македонец во просек би имало по 156 илјади и 484 денари.

Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) за вкупната парична маса заклучно со крајот на јули. Во оваа сума влегуваат реалните (отпечатени) денари, но и депозитните (електронски) кои постојат само на сметките во банките.

Има речиси 12 пати повеќе денари на банкарските сметки отколку што постојат готови пари во оптек. Кај банките вкупниот збир на депозитни пари достигнува 296 милијарди и 857 милиони, а во оптек има уште 27 милијарди и 266 милиони денари. Кога тие ќе се соберат се доаѓа до вкупната сума од 324 милијарди и 122 милиони денари.

Кои се најчестите банкноти и монети?

Обичниот човек можеби и има заборавено дека постои банкнота од 5.000 денари. Ова не е ни чудно ако се земе предвид дека во оптек има само 60.886 парчиња чија вкупна вредност изнесува 304.430.000 денари. Ова го покажуваат податоците на НБРМ заклучно со крајот на минатата година.

Според истите податоци најчеста банкнота во земјава е десет денарката, има над 27 милиони парчиња. На второ место е илјада денарката со над 23 милиони парчиња, па стотката со над 14 милиони, петстотката со 10 милиони и педесет денарката со нешто под 4 милиони парчиња.

Кај монетите, најбројни се оние од еден денар, над 88 милиони, од два денари има 57 милиони парчиња, од 5 денари 33 милиони, од 10 денари 25 милиони и од 50 денари 6 милиони.

Кај вредноста од 50 денари, Народната Банка во оптек има пуштено повеќе монети од банкноти односно има над 6 милиони ковани педесет денарки и речиси 4 милиони отпечатени.

Кај вредноста од 10 денари соодносот е речиси ист, 27 милиони печатени и 25 милиони ковани.

Во извештајот на НБРМ стои и дека во оптек се уште има 3.941.198 монети од половина денар односно од 50 дени, но тие официјално беа повлечени на 1 јануари 2013-та.

Овие монети и претходно беа ретки, нивното првото издание од 1993-та од едната страна имаше стилизирано 16-крако сонце, а од другата галеб во лет.

Речиси постојано се печатат нови денари

Секоја година милиони оштетени банкноти завршуваат во машините за уништување на НБРМ. Тие се заменуваат со нови, свежо отпечатени.

Најчесто страдаат десет денарките и педесет денарките, па затоа почнаа да се заменуваат со монети односно ковани и потрајни пари.

Граѓаните што имаат оштетени банкноти можат да ги заменат во која било деловна банка, а тие потоа се префрлаат во Народната банка која ги заменува.

Најголем дел од банките наплаќаат провизија за замена на оштетени банкноти. Провизијата се утврдува на самото место и се зависи од процената, односно колку е уништена банкнотата. Најчесто изнесува од 5 до 10% од вредноста на оштетената банкнота што се заменува.

За оштетени пари се сметаат книжните пари на кои преостаната површина изнесува повеќе од 60 отсто и имаат барем една неоштетена (видлива) нумеричка ознака (сериски број на банкнотата).

Од Народната банка не даваат информација колку банкноти годишно од се уништуваат, тој податок бил класифициран и не претставувал информација од јавен карактер.

Јавно објавените информации од пред неколку години укажуваат дека годишно се уништувале и над 20 милиони банкноти, кои биле неупотребливи поради изабеност, излижаност и излитеност. Само во периодот 1996 до 2005 година биле уништени 140 милиони банкноти од македонскиот денар.

Замената на оштетените банкноти е регулирана во Законот за Народната банка.

„Народната банка може да одбие да замени книжни и ковани пари ако нивниот дизајн е оштетен, разобличен или перфориран или ако повеќе од 40 отсто од нивната површина недостасува. Овие книжни и ковани пари се повлекуваат или уништуваат без надоместок за сопственикот, освен ако постои доказ дека деловите што недостасуваат се целосно уништени, па тогаш Народната банка одобрува целосен или делумен надоместок. Народната банка не дава надоместок за книжни или ковани пари што се изгубени, украдени или целосно уништени. А може да конфискува без надоместок книжни или ковани пари чиј надворешен изглед е сменет, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја“, пишува во законот.

И деловните банки „креираат“ пари

Со секој одобрен заем се „креираат“ нови пари. Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.

Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.

Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.

Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.

Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари. Во земјава, според последните податоци на НБРМ, разликата е речиси 12 пати.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП