25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ: Економијата стабилна, растот остварлив

ММФ: Економијата стабилна, растот остварлив

imfdebt

Македонија е земја со стабилна економија и стабилни макроекономски перформанси во услови на тешки опкружувања. Предвидениот раст од два отсто е остварлив иако има ризици.

Ова е оценката на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која во изминатите две недели престојуваше во Македонија, а денеска на заедничка прес-конференција ја соопштија шефот на мисијата Ивана Влаткова Холар и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Економијата во Македонија, како и растот, се мошне добро позиционирани. Историјата на конзервативни фискални, монетарни и финансиски политики им овозможи на македонските власти простор во политиките за соочување со ефектите од глобалната криза. Како резултат на тоа Македонија избегна голем пад на производството и проблематичен одлив на капитал и е добро позиционирана да се врати кон раст кога ќе дојде до заздравување на ситуацијата во Европа. Умерен економски раст од 2 отсто се уште е остварилив и тој е подлежен на значителни проблематични ризици, рече Холар.

Таа го поздрави расчистувањето на заостанатите долгови на јавниот сектор кое почна во септември 2012 и заврши во февруари годинава и потенцира дека во иднина ова е важно за да се избегне повторно создавање притисоци врз деловниот сектор во однос на паричните средства. – Повторното појавување на вакви задоцнувања во плаќањата би го загрозило заздравувањето бидејќи го попречува правилното управување со готовина од страна на фирмите, посочи таа.

Силната поврзаност со еврозоната и случувањата таму, според Холар, има влијание и врз македонската економија во целина. Во однос на надворешното финанисрање, смета дека голем број фактори ги ограничуваат директните канали на трансмисија на шоковите, дека банките главно се финансирани од домашни депозити и не зависат од надворешните финансирања и оти потребата од надворешните финанисрања на Владата во 2013 година се исполнети преку позајмувањето во јануари. Нивото на девизни резерви се соодветни, но надворешното опкружување останува непостојано, така што порачува властите да останат будни и подготвени да реагираат на сите шокови.

– Одржувањето макроекономска стабилност е многу важен предуслов за раст и тоа налага обезбедување  одржлива фискална политика со постепено намалување на дефицитот со тек на време. Обезбедување соодветен простор во буџетот за инвестиции во инфраструктурата, енергијата, обрзованието, обуката, политиките на работна сила се со цел борба против невработеноста. И внимателно предвидување на расходите што ќе се направи со помош на повеќегодишна фискална стратегија и повеќегодишна буџетска рамка, истакна Холар и додаде дека исполнувањето на овие предуслови и одржувањето на конкурентноста на трошоците во економијата треба трајно да го зголемат растот.

Според вицепремиерот Ставрески, оценката на ММФ е охрабрувачка. – Вкупната оценка е дека нашата позиција во однос на долгот и буџетскиот дефицит е адекватна во времето во кое работиме и дека Македонија има добри изгледи, штом се стабилизираат условите во Европа, да оствари заздравување на економскиот раст и да се врати на патеката на повисоки стапки на раст, рече Ставрески.

Според информациите од првите месеци од годинава, според него, има изгледи да се оствари проектираниот раст на економијата од 2 отсто што би се базирало на солидното остварување на компаниите што работат во слободните економски зони, домашните компании и на јавните инвестиции во неколку клучни области, како патната инфраструктура, комуналната инфраструктура, енергетиката…

Тој посочи дека ризици постојат бидејќи во Европа се уште состојбите се чувствителни и има проблеми таму, а остварувањето на македонската економија во голем дел ќе зависи од тоа што ќе се случува во европската економија.

Елиминирањето на заостанатите обврски кон стопанството и ветувањето дека во иднина нема да ги има и ММФ и Владата сметаат дека тоа е најдобриот начин да се помогне приватниот сектор во времиња кога општата кредитна активност е намалена на банките и кога компаниите се соочуваат со други предизвици. Тој потенцира дека постојат системски мерки што ќе спречат повторно појавување заостанати обврски и во рамки на нив направени се неколку промени во трезорскиот систем и упатството за трезорското работење на буџетските корисници со  цел да не можат да прават обврски ако немаат доволно средства во нивните буџети.

– Гледано нанапред, буџетскиот дефицит и буџетската рамка ќе биде детерминирана во рамки на тригодишната фискална стратегија која е во подготовка. Го делиме мислењето на ММФ дека за Македонија, штом се стабилизираат состојбите во европската економија и се вратиме на позитивните стапки на раст, адекватно би било постепено одмерено намалување на буџетскиот дефицит со цел да се одржи нивото на долгот на умерено ниво како што е денес и тука Македонија има добра позиција, бидејќи сме една од ретките земји во Европа што се соочи со кризата со ниско ниво на вкупен долг и можевме да имаме постабилни услови отколку многу други земји, истакна министерот за финансии.

Оценката за банкарскиот сектор е дека останува стабилен и дека девизниот курс на денарот преку монетарната политика и понатаму ќе биде стабилен.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од опозицијата дека е можно грчко сценарио, рече дека нема економска логика, дека  е резултат на политички шпекулации и оти не базира на ниту еден аргумент. – Ако се погледне која било бројка во однос на нивото на јавниот долг Македонија има шест пати пониско ниво од Грција, неспоредливо воопшто во ниту една рамка. Буџетскиот дефицит е многукратно понизок. Македонија во неколку од последните години остварува раст, а Грција остварува економски пад кој кумулативно е повисок од 25 проценти, рече Ставрески.

Според Холар, нивото на јавен долг не е алармантно и секое споредување со Грција би било претерано. Нивото на јавен долг се во рамки на капацитетот на македонската економија и во рамки на среднорочните фискални стратегија, истакна Холар.

Таа додаде дека стапката на раст е во согласност со фискалната и монетарната политика кои се добро позиционирани со цел да се спречат сите прелевања од кризата што настана од Европа. – Поради среднорочната фискална стратегија, нивото на долг во Македонија е на мошне ниско ниво уште од почетокот на кризата. Фискалната политика е многу важна и нејзиното зацврстување ќе биде еден од клучните приоритети за стапката на раст на долгот да се одржи на стабилно ниво кое со оглед на сите економски шокови и текови во Европа сметаме дека е на сосема вообичаено и стабилизирано ниво, рече Холар.

Вицепремиерот Ставрески потенцира дека во изминатите години профилот на македонскиот долг е соодветен на капацитетите и можностите на државата да врши отплата и оти во секотрот за управување со јавен долг се води сметка за сите аспекти, вклучително и периодот на отплата, роковите на отплата, нивото на каматните стапки, нивото на гарантиран долг. – Со предвидените стапки на економски раст и соодветно на движењата на буџетските приходи воопшто нема никаков проблем со сервисирањето на обврските во следните години, потенцира минитерот.

Според него, искуството на кризата покажа дека земјите што го балансираа нивото на буџетски дефицит и долг остварија повисоки стапки на раст преку можностите во тоа време кога настапија услови на криза во приватниот сектор за да реализираат капитални инвестиции и привремено да го поддржат економскиот раст. Тоа, како што рече, го направи и Македонија, во што помогна и претходно предвремената отплата на долгот во 2007 и 2008 година кога го намаливме нивото за 10-тина проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП