28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТуризам: странските туроператори носат гости, македонските агенции организираат екскурзии

Туризам: странските туроператори носат гости, македонските агенции организираат екскурзии

turisti

Според статистичките податоци, но и според туристичките работници секторот оди во нагорна линија. Најголем дел од гостите доаѓаат организирано преку странските туроператори, а домашните агенции само ги организираат екскурзиите и прошетките.

Домашните агенции организираат тури низ Македонија

Од домашните туристички агенции кои се вклучени во организирањето на еднодневни и повеќедневни тури низ Македонија велат дека најголем е интересот за Охрид, на второ место е Скопје со околината, а дури потоа останатите делови од земјава.

„Во Охрид најголем интерес има за Свети Наум. Тоа е крстарење со брод, тоа е полудневна тура. Во Скопје најпопуларна е градската тура. Има голем интерес и за посета на манастирите особено во Западна Македонија. Се бара и винската тура. Во помал дел има и од тие што сакаат да искористат од алтернативните понуди – летање со параглајдер, летање со балон, јавање на магаре“ вели Сузана Зелениковска – туристичка агенција „Фибула травел“.

Иако се првенствено насочени кон носење Македонци во странство, туристичките агенции се задоволни од интересот на странците за земјава. Велат дека и од тоа добро се заработува, но и дека се соочуваат со одредени проблеми особено недостаток на стручен кадар.

„Потребен ни е и стручен кадар. Луѓе кои што се придружници на групите, домаќини во хотелите, водичите исто така кои треба да зборуваат повеќе странски јазици. Во дефицит сме со луѓе кои зборуваат холандски и француски“ вели Зелениковска.

Странските туроператори носат голем дел од гостите

Голем дел од странските гости доаѓаат организирано преку меѓународните туроператори. Тие велат дека мигрантската криза и политичката нестабилност имаа влијание на туризмот, но сепак имаат позитивни очекувања.

„Точно е дека резервациите за Македонија имаат мало намалување, но луѓето се менуваат и интересот за дестинациите за кои се интересираат исто така се менува. Македонија е нова дестинација, а светот сепак има една перцепција за дестинациите како позитивни и негативни“ изјави неодамна Жак Креијнен, менаџер во туроператорот ТУИ од Холандија.

Од почетокот на годината 6000 Холанѓани и Белгијци се одлучиле летниот одмор да го поминат во Охрид и Струга, а до крајот на сезонава со чартер летовите на туроператорите „Корендон“ и „Томас Хук“ се очекува да пристигнат уште најмалку 8000.

Македонија интересна и за „авантуристите“ кои патуваат самостојно

Освен организирано преку туроператорите значителен број од странските гости, особено помладите, доаѓаат и „во сопствена режија“ како дел од поголемо авантуристичко патување низ регионот, но и директно во Македонија особено откако се зголеми бројот на директни ниско буџетни летови.

Речиси 800 капацитети се претставени на booking.com, најобемната интернет база за резервации. На сајтот има над 300 објекти во Охрид, 200 во Скопје, 30 во Битола. Може да се најде сместување или храна и во Берово, Кратово, па и во Радовиш.

„На располагање туристички водич до сите околни знаменитости… Бесплатно перење и пеглање на алишта“ – ова се дел од бонусите што ги даваат сопствениците во обид да привлечат гостин повеќе.

„Туристичките објекти многу ги користат услугите од tripadvisor и booking.com, на дел од категоризираните објекти веќе има и лепенки кои покажуваат дека се препорачани од tripadvisor. Овој начин е се поискористен, нашите хотели се добро вмрежени, особено градските хотели. Оттука имаме зголемен обем на отворање на хотели од мал обем кои работат многу успешно со tripadvisor“ изјави неодамна директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лејла Крстевска.

Македонија доби „енциклопедиски туристички водич“

Туристички водич со димензии на енциклопедија. Македонија доби нов промотивен материјал на англиски јазик – на 404 страници се сместени преку 50 мапи и карти, 100 илустрации, 999 фотографии кои покажуваат голем дел од богатствата кои ги крие оваа земја.

„Главното прашање луѓето што го поставуваат е, зошто Македонија чекаше 25 години за да дојдеме до вакво издание? Меѓутоа мислам дека една од клучните работи е дека за вакви крупни работи треба време, треба знаење, треба тим. Не постои земја во Европа последните 25 години која има толку голема потреба за сопствена промоција на државата, на нацијата“ смета авторот на книгата, Гоце Дртковски.

LA Times ја препорачува Македонија

Најновото издание на подлистокот за патување на весникот LA Times ја препорачува Македонија како „едно пријателско и преубаво, а недоволно откриено парче од Европа“.

Во репортажата напишана се вели дека Македонија претставува едно од најдобрите изненадувања во Европа, претставува спој на цивилизации, на крстопатот помеѓу Истокот и Западот.

„Македонија има и дива страна, повеќе од 75% од земјата е планинска, со 16 врвови што се издига над 2,000 метри и повеќе од 50 езера. Огромните шуми од бор, бука и даб се дом на кафеави мечки, европски бизон, рисови, волци, диви свињи и елени. Дивината започнува во рамките на планината Водно во Скопје, каде што може да се стигне до пешачките патеки со жичара со прекрасен поглед кон градот“ се наведува во дел од репортажата.

Македонија е една од последните неоткриени дестинации во Европа, која веројатно ниту луѓето од Западна Европа не ја посетиле, пишува експертот за патеписи Марго Фејф која меѓу другото го коментира и проектот Скопје 2014-та.

„Тоа е дел од владиниот план за обнова на главниот град, како историски град со корени назад кон Александар Велики, кој што јава, поголем и од животот, на коњ на врвот на пиедестал на плоштадот Македонија. Проектот ги крие и зградите од советската ера, позади пластови на бел малтер и фигури на нимфи на покривите. Многу контроверзно за оваа превисока цена, во земја која што се бори со стапка на невработеност од 25 %, да се појавуваат структури и скулптури кои наликуваат Лас Вегас“ се наведува во репортажа.

ДЗС: континуиран раст на бројот на туристи

Според Државниот завод (ДЗС) за статистика во првите пет месеци од годинава, во споредба со истиот период лани бројот на странски туристи е зголемен за 10.4 %.

Според ДЗС вкупниот број на гости има континуиран раст – од 647.000 во 2011-та до 816.000 во 2015-та. Ова се должи исклучиво на посетителите од странство – нивниот број пред пет години бил 327.000 а лани 485.000 со што бил остварен раст од 48.3%. Од друга страна бројот на домашни туристи се одржува на исто ниво – од 300.000 до 330.000 годишно.

Најпосетувана дестинација за странските гости е Скопје, метрополата лани ја посетиле 197.000. Следат езерските места со 167.000 странски туристи, па планинските со речиси 18.000.

Најголем дел од странските туристи се сместуваат во хотели со четири ѕвезди – лани од вкупно 485.000 посетители 198.000 се одлучиле за ваков објект. 111.000 биле во хотел со пет ѕвезди, 91.000 со три ѕвезди, а останатите во хотели со една или две ѕвезди како и во пансиони и други капацитети.

Најголем дел од странските туристи доаѓаат од регионот. Прва е Турција со речиси 91.000 од вкупно 485.000 посетители лани. Втора на листата е Србија со 43.000, па следат Грција со речиси 39.000, Холандија со 32.000, Бугарија со 29.000.

Лани Македонија била интересна дестинација и за 458 посетители од Мексико, 450 од Бразил, 148 од Јужна Африка, 144 од Исланд и по десетина од други подалечни и поегзотични држави.

Македонија има и континуиран раст на бројот на сместувачки капацитети. Во 2011-та во земјава имало 6.110 хотелски соби, а на крајот на 2015-та 7.749. Најголем дел, речиси 2.600 се во хотели со четири ѕвезди, потоа речиси 2.000 со три ѕвезди, 1.200 со пет, а останатите се соби во хотели со една и со две ѕвезди.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП