29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦените на нафтата на најниското ниво од мај

Цените на нафтата на најниското ниво од мај

nafta 35

Цените на нафтата на лондонската берза се спуштија во вторник близу до 44 долари за барел, на најниското ниво од мај оваа година, под притисок на загриженоста дека нема толку скоро да биде постигната рамнотежа меѓу понудата и побарувачката на глобално ниво.

Цената на барел сирова нафта на лондонската берза падна за 28 центи, на 44,44 долари, по што за кратко го допре најниското ниво од 10 мај од 44,28 долари. На американскиот пазар цените на сировата нафта падна за 43 центи, на 42,7 долари.

Цените на сировата нафта во Лондон сѐ уште се околу 60 отсто повисоки во однос на рекордно ниските нивоа забележани во јануари од само 27 долари за барел. Но, нивниот раст го ограничува континуирано големата понуда и слабиот раст на побарувачка за нафта.

„Сега нема многу причини за оптимизам“, вели аналитичарот Оливер Џејкоб од компанијата Petromatrix, укажувајќи на слабите рафинериски маржи што веројатно ќе ја придушат побарувачката.

Рекордното производство на нафта од страна на Организацијата на земји извознички на нафта(ОПЕК), заситеноста на пазарите со нафтени деривати и знаците за зголемена активност на дупчење во САД во светло на ниските цени ја зголемија загриженоста заради вишокот на понуда.

Британскиот нафтен гигант BP, првата нафтена компанија што ги објави деловните резултати, извести во вторник за пониска од очекуваната добивка во второто тромесечје. Извршниот директор на BP, Боб Дадли е оптимист и очекува пазарот да почне да се закрепнува кон крајот на годината и во текот на 2017 година, иако смета дека за решавање на вишокот резерви е потребно повеќе време.

„Гледаме дека пазарот доаѓа во рамнотежа, можеби е веќе таму…Има многу резерви и ќе треба време да се ослободиме од нив, околу 18 месеци или слично“, рече дали за Reuters.

Се очекува овонеделниот американски извештај да покаже пад на резервите на сирова нафта, но истовремено раст на резервите на бензин.

Од своја страна, ОПЕК соопшти дека референтната цена за барел на неговата нафта во понеделник изнесувала 41,35 долари, што значи дека паднала за 36 центи во однос на претходниот трговски ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП