23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови имиња за стари занаети - фризерите стануваат стилисти, а кројачите дизајнери

Нови имиња за стари занаети – фризерите стануваат стилисти, а кројачите дизајнери

zanaety

Сè помалку ковачи, шапкари, лимари; сè повеќе молери, механичари, електричари. Новите ги истиснуваат старите занаети, иако во целина интересот за овие професии се намалува, а дел од нив претрпеа драстични промени со модернизацијата и индустријализацијата, но добија и нови имиња.

Во Македонија има 7.000 занаетчии

Според Комората на занаетчии во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности. На листата на изумирање се најдоа ковачите, лимарите, шапкарите и часовничарите – овие занаети сè помалку се регистрираат како дејност и нивната бројка во изминатите неколку години континуирано се намалува.

Сепак и за дел од традиционалните занаети како да има светла иднина – бројот на чевлари е во пораст иако тие само поправаат, но не изработуваат обувки; а кај некои покрај модернизацијата на начинот на работа се менуваат и имињата на дејностите – кројачите стануваат дизајнери, берберите стануваат стилисти.

Новите наспроти традиционалните занаети

Ковачите речиси исчезнаа, но на автомеханичарите и на сервисерите на бела техника им оди добро. Се појавија и монтажери на клима уреди, на соларни панели.

Ваквите релативно нови занаети се и повеќе од профитабилни. Така велат оние кои се одлучиле за рачната работа. Дури имале и проблем да најдат чираци и квалификувани работници.

„Порано повеќе се бараше и повеќе сакаа младите да учат, сега се посветени да завршат средно, да се запишат на факултет“, вели сопственичка на фризерски салон.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, објаснува сервисер на бела техника.

Угостители и трговци наместо занаетчии и мајстори – се менуваат чаршиите

Со изумирањето на дел од занаетите и со појавата на нови целосно се менува сликата и во чаршиите. Таму има сè повеќе кафулиња, ресторани и продавници, а сè помалку занаетчиски работилници.

Останаа по уште неколку стари мајстори кои се борат со времето и се обидуваат да ја зачуваат традицијата и наследството. Велат дека сега најмногу работат за странските туристи кои нивните мајсторски изработки ги купуваат како сувенири, а не затоа што навистина имаат потреба за нив.

„Македонците наместо уникатно и природно крзно сега купуваат само конфекциско и синтетичко. Порано сакаше секоја госпоѓа, секој господин да има капа или наметка, да биде облечен во крзно“, вели сопственикот на крзнарска работилница која се наоѓа во скопската стара чаршија.

На оние кои работат со злато, сребро, филигран им оди подобро. Тоа не излегува од мода и не губи на вредност. Но, и овие мајстори се прилагодуваат на модерните трендови. Љупчо Михајлов во својот накит вградува кристали Сваровски. Вели, тоа го бараат муштериите.

„Во склоп на модерното време правиме судир на старото и новото, а токму тоа се Сваровски кристалите“, вели Михајлов.

Нелојалната конкуренција – најголем проблем за занаетчиите

Освен наоѓањето наследници и работници, најголем проблем за занаетчиите е нелојалната конкуренција. Дивите мајстори им ги земаат муштериите, но и им го нарушуваат имиџот. Сепак, во Комората на занаетчии велат дека предизвиците полека се надминувале. Во последно време надлежните имале повеќе слух за нивните барања.

„На пазарите се продава се и сешто. Ако еден колега занаетчија е обврзан на фактури и фискални сметки, треба сите да бидат. Државата страшно губи од нелојалната конкуренција. Мораме да ги штитиме легалните инаку и тие ќе станат нелегални“, велат во Занаетчиската комора – Скопје.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП