19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе топат депозитите, се намалуваат кредитите – надлежните смируваат

Се топат депозитите, се намалуваат кредитите – надлежните смируваат

opi

Пад и на кредитите и на депозитите. Најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека во јуни вкупните вложувања на граѓаните и на компаниите во банките биле 4 милијарди 813 милиони и 447 илјади евра што е за 12.5 милиони евра помалку во однос на мај. Кај кредитите намалувањето е за дури 84 милиони евра до вкупна сума од 4 милијарди и 547 милиони евра.

Ова е продолжување на негативните трендови кои почнаа во март а кои беа поттикнати од политичката криза и од шпекулациите.

НБРМ: банкарскиот систем е стабилен

Сепак, Народната Банка оценува дека „во услови на турбулентно домашно опкружување, банките ја одржаа својата стабилност и сигурност“.

„Банкарскиот систем помина низ реален стрес – тест при што покажа висока отпорност на шокови“ вели гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Намалувањето на кредитите било резултат и на мерката за задолжително „чистење“ на кредитните портфолија од старите и целосно расходувани нефункционални кредити. Со неа за една година тие се намалиле од 11.5% на 7.5% од вкупните одобрени кредити.

„Банките добро управуваа со ликвидноста и непречено беа извршени сите барања за исплата на депозитите, пред се благодарение на традиционално високиот обем на ликвидна актива која ја држат, но и на засилениот мониторинг. Ова, заедно со навремените мерки на монетарната политика, придонесе брзо да се стабилизираат перцепциите во јавноста за ризиците во банкарскиот систем“ заклучи на денешната седница Комитетот за финансиска стабилност на НБРМ.

МФ: еврообврзницата ќе го поттикне домашното кредитирање

Во Министерството за финансии (МФ), пак, тврдат дека еврообврзницата од 450 милиони евра значи влез на свеж капитал во земјава кој ќе им остави повеќе простор на деловните банки да се свртат кон кредитирање на компаниите.

„Политичката криза имаше извесен ефект, дојде до попрудентно однесување на банките, воведена беше порестриктивна политика во однос на кредитирањето на корпоративниот сектор и до повоздржано однесување на инвеститорите, но сега имаме доволно стабилност и ликвидност во банкарскиот сектор“ тврди министерот за финансии, Кирил Миновски.

Серија мерки кои засега имаат ограничен ефект

Топењето на кредитите и намалувањето на депозитите поттикнато од политичката криза и од неоснованите шпекулации одеше контра мерките кои ги воведе Народната Банка на почетокот на годината а кои имаа за цел токму поттикнување на кредитирањето на фирмите, но и ограничување на кредитирањето на граѓаните.

Народната Банка од 1 јануари одлучи да го зголеми капиталното барање за потрошувачките кредити и за минусите на картичките, а да го намали за дел од корпоративните кредити што всушност првите ги прави поскапи, а вторите поевтини за самата банка, а при тоа не би требало да влијае на каматните стапки.

Алармот во Народната Банка беше вклучен во почетокот на мај кога беше воведена серија нови мерки – беа извршени интервенции во задолжителната резерва и во девизните депозити и беше зголемена основната камата. Целта беше оние што ќе депонираат кеш особено во денари да заработат повеќе, а оние што ќе земаат кредит особено во евра да платат повеќе.

Сепак, засега овие чекори имаат ограничен ефект иако успеаја да ја задржат стабилноста на банкарскиот сектор.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП