25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБогов: Oдлуката за издавање еврообврзница е на Владата

Богов: Oдлуката за издавање еврообврзница е на Владата

bog

Гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов, за „Утрински весник“ вели дека одлуката за издавање еврообврзница е на Владата.

„НБРМ е независна институција и нема надлежност врз задолжувањето на Владата, ниту располага со детални фискални информации“, вели гувернерот на прашањето за износот којшто се побарува, со оглед дека изминатиот период во јавноста се споменуваа далеку помали суми. „Министерството за финансии има сектор за управување со јавниот долг кој го следи пазарот и има најрелевантни информации околу интересот на инвеститорите. Од податоците со кои располага НБРМ, јасно е дека по благиот пораст на приносот на обврзниците на периферните економии минатата недела, оваа недела тие се намалуваат“, вели гувернерот Богов на прашањето дали условите за издавање еврообврзница во моментов се добри за земјава.

Во однос на влијанието на најновото задолжување на вкупниот долг на земјава гувернерот вели дека секое задолжување кое делумно е наменето за финансирање на буџетскиот дефицит го зголемува јавниот долг.

„Уште од 2012 година во континуитет укажувам дека е неопходна фискална консолидација која би го свела буџетскиот дефицит на ниво кое ќе го стабилизира јавниот долг, односно нема да го зголемува јавниот долг како процент од БДП“, вели гувернерот Богов.

Македонската Влада одлучи да се задолжи со нова еврообврзница во износ од 650 милиони евра за покривање на буџетскиот дефицит за оваа и следната година и рефинансирање на старите долгови.

Новото задолжување ќе се реализира оваа година и ќе се отплаќа во наредните 10 години преку посредништво на германската Дојче банк во Лондон.

Првата еврообврзница Македонија ја издаде во 2005 година, кога се задолжи за 150 милиони евра. Во 2009 година беше издадена еврообврзница од 175 милиони евра, а во 2014 година од 500 милиони евра. Четвртата еврообврзница е издадена минатата година на износ од 270 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП