24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: инвестиции – колку државата плаќа за една странска фабрика, какви се...

Анализа: инвестиции – колку државата плаќа за една странска фабрика, какви се платите таму?

si

Во првите четири месеци од годинава странските инвестиции достигнале речиси 100 милиони евра. Статистиката покажува дека Македонија е на претпоследно место во регионот според вложувањата по глава на жител. Кои поволности ги добиваат компаниите?

Во првите четири месеци од годинава инвестиции од 100 милиони евра

Речиси 100 милиони евра странски директни инвестиции во Македонија во првите четири месеци од годинава. Според податоците на Народната Банка вложувањата во април биле нешто над 34 милиони, во март 27.5 милиони, во февруари 34.5, а во јануари само 0.5 милиони евра; или вкупно 96.760.000 евра.

Гледано по години, на Македонија најдобро и одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та странските инвестиции достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та инвестициите биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони, а во 2015-та 157 милиони.

Според НБРМ лани најмногу пари во Македонија влегле од Бермуди (181.67 милиони евра), од Сент Винсент и Гренадини (49.45 милиони) и од Германија (32.46 милиони). Во истиот период најголемо одлевање имало кон Франција (-164.12 милиони евра), кон Обединетото Кралство (-45.42 милиони) и кон Унгарија (-31.18 милиони).

Претпоследно место во регионот според инвестициите по глава на жител

Според податоците на Здружението на млади истражувачи и аналитичари (ЗМАИ) земјава е на претпоследното место во регионот според привлекувањето на странски инвестиции по глава на жител.

Во 2014-та во Босна тие биле 111 евра, во Македонија 124, во Бугарија 178, на Косово 202, во Србија 210, во Албанија 284, во Црна Гора 601, а во Хрватска дури 612 евра по глава на жител.

Сепак, голем дел од овие средства се резултат на приватизации на државни компании или на преземање на постоечки приватни фирми. Ако се споредуваат само гринфилд инвестициите односно вложувањата во сосема нови погони Македонија и не стои така лошо. Во 2014-та во Албанија имало 6 гринфилд инвеститори, во Црна Гора 7, во Босна 21, во Хрватска 31, во Македонија 32, во Бугарија 52 и во Србија 81.

Анализите на ЗМАИ покажаа и дека домашните компании имаат поголем ефект врз економијата и дека парите што се трошат за привлекување инвеститори треба да се пренасочат кон државни вложувања.

За привлекување на странски инвеститори Македонија за шест години потрошила 110 милиони евра a нивното учество во БДП во 2014 година изнесувало 1.35%.

Кои поволности ги добиваат странските инвеститори?

Поволностите за странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кој направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ објасни Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи при презентацијата на истражувањето.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Странските инвеститори даваат помали плати од домашните компании

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во април 2016-та била 22.356 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 16.604 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави неодамна Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Во Центарот за економски анализи, пак, сметаат дека ниските плати се во колизија со високите технологии кои ги носат инвеститорите.

„Ниските плати кои во просек се под националниот просек се во судир со политиките кои декларираат дека привлекуваме високи технологии“, вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

Домашните компании се чувствуваат дискриминирани

Менаџерите на домашните компании во најголем дел се чувствуваат дискриминирани во однос на инвеститори, но сепак ја поддржуваат политиката за привлекување странски корпорации. Ова го покажува истражувањето на граѓанското здружение DevelopmentSolutions кое спровело анкета кај 268 раководители на фирми. Од нив 70% целосно или делумно се согласуваат со тезата „домашните компании се дискриминирани во однос на странските инвеститори“.

„Дополнителен аргумент е дека на домашните инвеститори се посветува недоволно внимание, во смисла на тоа дека не може да добијат помош дури и во решавањето на некои основни проблеми од секојдневното работење, а камоли да добијат такви дарежливи повластици како што добиваат странците“, изјави Ристо Карајков, DevelopmentSolutions при презентацијата на истражувањето.

Сепак, инвеститорите имаат повеќе позитивен отколку негативен ефект, сметаат во DevelopmentSolutions. Според нив речиси сите држави на еден или на друг начин се обидуваат да ги привлечат големите компании кај себе.

„Забележана е и дури фрапантна цена од 800.000 евра што ги платила една држава за едно ново отворено работно место од страна на една германска компанија“, вели Ристо Карајков од невладината DevelopmentSolutions.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП