25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто значи Brexit за британските туристи во Европа?

Што значи Brexit за британските туристи во Европа?

odmori3 33

Една од најголемите предности на Британците од нивното членство во Европската унија се одморите во Европа, пишува британскиот весник „Independent“, коментирајќи какви можат да бидат последиците за туризмот на Англичаните.

Со наближувањето на летните одмори многу наскоро милиони Британци ќе ги почувствуваат инстант ефектите од напуштањето на ЕУ, главно преку повисоките цени во странство. На долг рок ќе има и други многу поголеми проблеми.

Ќе чинат ли одморите повеќе?

Во многу краток рок падот на фунтата до рекордно ниски нивоа значи дека цената на сè – од чаша кафе во Париз до ноќевање во луксузен хотел на Малдивите ќе се зголеми.

Степенот на пораст зависи од тоа колку ќе падне вредноста на британската валута. Властите веќе прогнозираа фунтата да загуби помеѓу 12 и 15% од својата вредност.

Во подолг рок клучните валути ќе бидат доларот и еврото. Монетарната двојка евро/фунта е критично важна, бидејќи поголемиот дел од одморите на Британците се во земји, каде трошоците се во единствената европска валута – шпанските брегови, италијанските градови, грчките острови…

Во исто време цените во дестинации како САД, Дубаи и Кина ќе се зголемат пропорционално со зајакнувањето на доларот наспроти фунтата. Двојката долар/фунта е одлучувачка за уште еден фактор – цената на нафтата е во долари. За тоа депресијацијата на фунтата ќе ја втурне нагоре цената на нафтата, дизелот и авионско гориво, како и трошоците за авиокомпании, како „British Airways“ и „easyJet“.

Ќе треба ли Британците да плаќаат повеќе за одморите во текот на оваа и следната година?

Туристичката асоцијација „Abta“ им овозможува на туристичките компании да воведуваат дополнителни такси, кога цената на пакетите за одмор ќе се покачат по датумот на резервацијата поради валутни промени. Често со порастот на цената на нафтата, растат и трошоците за летови и патувања.

Компанијата треба да ги преземе првите 2% од порастот, но ако зголемувањето на трошоците надмине 10%, тогаш туристите имаат право да ја откажат резервацијата. Помалку веројатно е британските туристи да плаќаат дополнителни такси, ако ја платиле однапред целата цена за одмор.

А оние кои го организирале нивното патување самостојно и претстои да платат за сместување и превоз, наскоро ќе ги откријат ефектите од девалвацијата на националната валута.

Ќе исчезнат ли евтините летови?

„Отвореното небо“ е еден од најголемите аргументи од членството во ЕУ. Од 1994-та година секоја европска авиокомпанија може да лета слободно од точка А до точка Б на територијата на Европа.

Оваа слобода им овозможи на компаниите како „easyJet“ и „Ryanair“ да бидат „бум“ и ги принудија компаниите, како „Air France“ и „Lufthansa“ да ги намалат тарифите. Пред референдумот приврзаниците на останувањето во ЕУ предупредуваа дека промената на отвореното небо ќе биде една од првите, ако „Brexit“ се случи.

Но ако Британија успее да договори ваков договор, како тоа на Норвешка во Европската економска заедница, тоа ќе ги промени малку работите – „Norwegian“, нискобуџетната Норвешка компанија лета беспрекорно во Европа. На сличен начин „British Airways“ и „Virgin Atlantic“ имаат лесен пристап до Америка поради договорот меѓу ЕУ и Америка за „отворено небо“.

Ако Велика Британија не се приклучи на Европската економска заедница, за сите патишта меѓу Британија и ЕУ треба да се преговара на билатерална основа. Бирократскиот застој ќе биде огромен.

Како ќе бидат погодени правата на патниците?

При излегување од ЕУ сите права и компензација за патниците автоматски ќе отпаднат. Можно е идната британска влада да создаде сопствени правила за правата на патниците.

На Британците ќе им биде поскапо да ги користат своите мобилни телефони во странство?

Друга корист на Европејците е договорената тарифа од мобилните компании за роаминг. Неодамна таа беше повторно намалена, а од следниот јуни таксите ќе исчезнат целосно во рамките на државите од ЕУ. Тоа едвај можат да го искористат држави кои не се членки.

А што ќе се случи со Британците кои живеат во други европски земји?

Непосреден ефект за оние кои зависат од заштеди или пензии во британска валута, ќе се појави во зголемувањето на цената на животот. Тука се доста ќе зависи од курсот на локалната валута спрема фунтата. Во подолг рок автоматското право да живееш и да работиш во земји од ЕУ ќе отпадне.

Ќе имаат ли Британците потреба од визи за да патуваат во Европа?

Една од точките во кампањата за останување во ЕУ беше дека ќе треба граѓаните од Островот одат прво во шпанската амбасада, пред да патуваат до Бенидорм.

Велика Британија е на второ место по Германија по број на туристи кои патуваат во други земји. На Островот дури има дефицит на туристи – т.е. оние кои патуваат надвор, се многу повеќе од оние кои пристигнуваат.

Но тезата дека владите на Шпанија, Грција, Португалија и други, ќе воведуваат построги контроли кон Британците на границите е силно претерана. Британците ќе продолжат да ги покажуваат пасошите, како досега како земја надвор од Шенген зоната.

Дали ќе се фаворизира британската туристичка индустрија?

Слабата фунта значи дека остатокот од светот ќе си купува повеќе фунти во замена за своите пари во евра, долари, јени или друга валута, претворајќи ја земјата во многу поевтина дестинација за патување. За Британците сепак туризмот ќе стане скапиот потфат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП