29 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАкционерите на Макпетрол биле контактирани за да ги продадат акциите пред објавената...

Акционерите на Макпетрол биле контактирани за да ги продадат акциите пред објавената понуда за преземање од Балкан петролеум

pilon

И пред израелецот Ури Бидер да се појави на акционерското собрание на Макпетрол, овој контроверзен бизнисмен не бил непознат за некои од акционерите на компанијата. Неколкумина потврдија дека биле контактирани, па дури и вознемирувани за да ги продадат акциите, а им биле нудени и документи да ги потпишат однапред. Тоа се случило пред да биде објавена јавно понудата за преземање од Балкан петролеум.

Луѓето кои ги посетувале акционерите се поврзани со повеќе помали македонски компании меѓу кои е и Алов, во која раководител на скопската подружница од април е токму Ури Бидер, израелец познат и по скандалот со уништувањето на романската компанија Рафо. Бидер има повеќе фирми низ светот за продажба на нафта. Почнал од Украина, а покрај англиската Балкан Петролеум и раководната позиција во Алов од Македонија, Телма дојде и до документи според кои Бидер бил директор на сега веќе затворената компанија Алфа Оил. Телма веќе објави дека Ури Бидер е запишан во македонскиот централен регистар во април оваа година.

Со впишувањето автоматски и без пречка добива право на престој во државата. Тоа се случува еден месец пред формирањето на компанијата Балкан петролеум холдинг лимитед во Лондон. На 8-ми јуни од оваа фирма во Скопје стига  понудата за Макпетрол. Директор на фирмата е Васили Евдокимов, 59-годишен британски државјанин. Балкан петролеум не му е единствена фирма, според достапните документи, неговото име се појавува како основа, директор или акционер во вкупно 22 компании формирани во Лондон. Со таков принцип на работа всушност, името на Евдокимов е параван за вистинските сопственици на фирмите кои сакаат да го сокријат идентитетот за време на нивните зделки поврзани со офшор фирми.

Евдокимов досега три пати потпишал полномоштво за Петар Стојановски и го пратил во Скопје, но Макпетрол три пати го оценува како непотполно. Фирмата која ја води Евдокимов со фирмата во која Ури Бидер бил директор се разликува во еден збор, за македонската е додаден и зборот холдинг, додека Бидер бил директор во Балкан Петролеум Лимитед-која работеше во Романија со уништената рафинерија РАФО. Бидер во моментот е во странство, но пред да замине бил на собранието на Макпетрол со полномоштво на акционер. Друштво му правел директорот на Алов, каде Бидер е раководител, а фирмата Алов на почетокот на годината почнува да испорачува нафта за ЈСП откако за 10 милиони евра победи на тендерот. Од ЈСП велат дека добавувачот Алов досега ги почитувал своите обврски од договорот и ја испорачувал нафтата од стовариштето во Илинден каде во тек се градежни активности.

извор: Телма

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП