19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКучи: Политичката криза да се надмине за да не трпи економијата

Кучи: Политичката криза да се надмине за да не трпи економијата

kuci 3333

Економските перформанси на една земја не можат да се посматраат независно од политичката конотација, од моменталниот амбиент кој создава лоши перцепции и во рамки на државата, но уште повеќе надвор од неа, рече министерот за економија Дритон Кучи кој денеска учествуваше на дебатата на тема: „Политичката криза и нејзиното влијание врз економската ситуација во Македонија“, која се одржа на Економскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово.

„Ако се земе предвид времетраењето на политичката криза во која се наоѓа Република Македонија и на тоа се додаде влијанието на остатоците од глобалната светска криза, но и мигрантската криза со која се соочува Европа, перформансите на домашната економија ќе претрпат удар. Неизвесноста кај деловните субјекти, и домашни и странски, влијае врз донесувањето одлуки за инвестиции, посебно капитални, врз бројот на нови вработувања и севкупната потрошувачка“, рече Кучи.

Според него неопходна е континуирана реализација на државните економски политики во насока на поттикнување на економските активности, мерки за вработување, субвенции во земјоделството, поттикнување на градежните активности, туризмот и рударството, а благодарение на нив годинава државата бележи раст на вкупната трговија со светот од 4.5% во однос на истиот период минатата година, при што извозот е пораснат за 5,7 отсто, а увозот за 3,7 отсто.

„Растот на македонскиот извоз овој период е најистакнат во ЕУ од 12,2 отсто, а увозот од ЕУ во Република Македонија е пораснат за 5,5 отсто. Втор наш партнер се ЦЕФТА земјите, каде што македонскиот извоз е пораснат за 4,3 отсто. А познато е дека ставката на извоз има силно влијание на растот на БДП. Токму на овие параметри се базира иницијалната проекција на раст на бизнис секторот од околу 3,5 отсто, образложена со континуитетот на економски раст на Република Македонија и континуираните капитални инвестиции, кои претставуваат двигател на економијата“, појасни Кучи.

Ситуацијата е малку поразлична кај странските инвеститори, истакна министерот Кучи, бидејќи не е исклучено дел од нив да ги одложат плановите за инвестирање во Македонија, да го пролонгираат доаѓањето, да инвестираат во земји со слични макроекономски услови, но повисока стабилност.

„Оттука, брзото решавање на политичката криза, не само што ќе привлече нови инвестиции, туку ќе ги забрза и постојните да ги прошират своите деловни активности. Кризата треба да послужи како лекција за сите, а движечка сила на економијата треба да биде бизнис секторот. Тој мора да е вистински партнер со државата и да остане континуирано вклучен во креирањето на политиките и мерките за економски развој. Во меѓувреме, за Македонија битно е да продолжи да ги следи стандардите што се преговараат со Европската комисија, во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија и да ги минимизира  директните негативни последици врз тие стандарди, со цел да продолжиме да ги следиме европските критериуми“, рече Кучи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП