25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАДвојазичен избор поезија „Срцевина“ од Весна Мундишевска Велјановска

Двојазичен избор поезија „Срцевина“ од Весна Мундишевска Велјановска

srcevina-src

Во издание на Битолскиот книжевен круг, од печат излезе книгата „Срцевина“, избор поезија на македонски и влашки јазик од поетесата Весна Мундишевска-Велјановска.

Со изборот опфатени се поетски творби од осум книги поезија на авторката, кои претставуваат потрага по одговорите за симбиозата меѓу човекот и Универзумот, за улогата на поезијата во проекцијата на животот. Преводот на влашки јазик го направи Нушка Ќука Мундишевска.

Во поговорот кон книгата писателката Милица Д. Радевска пишува „Поезијата на Мундишевска-Велјановска е венчавка со зборот – непрегор кој одново и одново блеска како бесценет камен на Универзумот. Куполата на изборите – храмот на вистината за поетесата има света димензија и затоа благословува низ секоја воздишка на песната – затоа што, според поетесата, човекот е чудо на природата и животот е чудо во Универзумот. Тоа е хамлетовско перцепирање на светот и човекот, односно разрешување на енигмата на крстопатот – в неврат или за потфат. Будна пред дрвото на животот, поетесата не е само нем сведок, туку како точка на светот е иницијација на единството на интервалите во хармонична композиција. Поетесата флуктуира три – себе, зборот и човекот, од кој треба да спознаеме за совршенството на обичното. Наједноставната мудрост – споделувањето на љубовта. Мудрото нивелирање со зборот како алатка на спознанието ѝ дава на песната не само димензионирање во безвременоста, туку и го позиционира човекот како единство од посебностите на совршената хармонија на светот“.

Поезијата на Мундишевска-Велјановска се чита и како „извор и утока на љубовта во сите нејзини варијации, но, пред сè, љубов кон човекот и покрај сè и покрај сè“, ќе додаде Радевска.

На тој начин песната и поезијата на Весна Мундишевска-Велјановска проблеснува со една хуманистичка димензија, со еден монолитен човеков порив за светот кој го живееме и доживуваме да се трансформира во помалку болна ѕвездена колиба на нашите опстојби. Затоа нејзиното срце бие во тактот на вонземското, во тактот на зборот кој нè возвишува, нè облагородува за уште една вистина за сеприсутноста на божественото во секого од нас.

Весна Мундишевска-Велјановска е член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на девет книги поезија. Нејзини творби се преведени на повеќе странски јазици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП