25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Про-за Балкан“ со идеја Македонија земја на фокус на Саемот на книга...

„Про-за Балкан“ со идеја Македонија земја на фокус на Саемот на книга во Франкфурт

pro-balkan

Македонија да биде земја на фоукс на Саемот на книгата во Франкфурт во 2022 година, е идеја која произлезе од фестивалот „Про-за Балкан“, што во недела вечер се одржа во пријатната атмосфера на Даут-пашиниот амам.

Исполнета повеќе странски и домашни гости, синоќа беше отворено четвртото издание на Меѓународниот литературен фестивал „Про-за Балкан“. Филигрански избраното друштво на автори од земјите од регионот, збогатено со нивно промовирање од нивните почитувачи – македонски автори, го привлече вниманието на публиката која го исполни Даут-пашиниот амам. Таа стана поблиска со делата на Георги Господинов од Бугарија, Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ од Србија, Асли Перкер од Турција и до Луан Старова од Македонија, благодарение токму на нивната промоција. Модератор низ промоцијата беше Ана Јовковска, а за делата на годинашните гости зборуваа писателите Александар Прокопиев, кој е уметнички директор на фестивалот, Ермис Лафазановски и Елизабета Шелева.

Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој посака и даде идеја Македонија да стане земја во фокус на Саемот на книгата во Франкфурт во 2022 година, идеја која ја возбуди публиката, со прашањето дали реално Македонија може да биде дел од светското друштво на план на литературата. „Сите земји што ја реализирале идејата, не зажалиле, Турција е добар пример за тоа. Македонија треба да си ја сфати многу сериозно тоа.“

Фестивалот го помогнаа Министерството за култура, Турскиот културен центар во земјава, Културниот центар на Бугарија во Македонија, Европската Комисија во Македонија.

„Годиниве што поминаа, на „Про-за Балкан“ дојдоа извонредна група автори, важни издавачи, при тоа, авторите кои настапуваа тука и со кои се дружевме, се разнородни по своите творечки патишта, ние не сме типично тврд фестивал. Гостите што ги имаме и годинава имаат свој пат и клуч. Крајната цел е македонската публика да се запознае со автори чии дела не само што се регионално важни, но преминуваат и граници. Сите автори што ги имаме гости, се веќе преведени на македонски јазик, а од друга страна, зачестија и преводите на нашите автори на јазиците во регионот. За нас е многу важно што со нас е Џон О Брајан, од „Далки аркајв прес“, рече Прокопиев.

Тој зборуваше и за делото на Господинов, кој е добитник на наградата „Прозарт“ што ја доделува фестивалот. Прокопиев истакна дека без разлика каква е структурата на романите на познатиот бугарски писател, во богатата композиција постои лиричност, која претпостави дека доаѓа од поезијата што ја создава.

„Контрабандист помеѓу поезијата и прозата. Поезијата е многу важна за луѓето што пишуваат романи реченица по реченица. Јас почнав со поезија, така што таа шизофренија помеѓу двата жанра, мене ми е многу важна. Во „Физика на тагата“ ми беше важно да разработам различни стилови на раскажување, има хексаметар, Сократов дијалог, митолошки расказ и ми беше важно како се ќе се собере во едно. Книгата има и места за одмор, кога читателот, треба да си ги собере мислите и да продолжи“, рече Господинов.

Тој се осврна на зборот тага, истакнувајќи дека на Балканот кога ќе се изговори тага, боли во грлото. На италијански на пример, е меланхолија и колку тоа лесно звучи. Тагата има географија, балканската тага е погуста.

Детството е важен период од животот на секого и во делата на Господинов има големо место. Тој се потсети на своето детство и на влијанието на него од страна на неговите баба и дедо, кои му раскажувале приказни.

На темата егзил зборуваа Шелева и авторот Луан Старова. Тој е автор на уникатна ..„Татковите книги“, „Време на козите“, роман што доживеа превод на 20-ина јазици. Во романите на Старова се наметнува егзилот. Тој се прашува и колку турцизми има во денешните балкански јазици. Може ли да се биде победник од егзилот, беше едно од прашањата што Шелева му ги постави на Старова.

„Судбината на авторот на овие простори, ..јас ги прифатив разликите како можна егизстенцијална разврска, оти моето семејство е насекаде, растев во повеќе јазици, има низа работи што ме прават во еден среќен егзил, а дали постои излез, па мислам дека заради тоа и пишувам. На нашиве простори се вкрстиле многу цивилизации. Често се интересирам за јазикот во регионот и колку јазиците на земјите од Балканот лесно попримаат странски зборови, а своите ги губат.

За делото на Видојковиќ зборуваше Прокопиев. Тој е автор на осум романи, кои се многу популарни кај српската публика, особено помладата. „Сите Црвенкапи се исти“ е издание на „Македонска реч“.

„Имав среќа што се јавуваат генерации на клинци од 16, 17 години, кои ги читаат моите книги, а на нив нивните родители им ги предложиле моите книги. Често слушам компименти дека продолжиле да читаат откако ги читале моите книги. Никогаш не сум си замислувал дека пишувам за млади, а е битна работа, кога младите не сакаат да ги читаат лектирите во школо, а ете сакаат да ме читаат мене. Мојата цел е да продолжам да пишувам, без разлика на успехот. Важно е дали нашите дела ќе не надживеат нас“.

Андреј Блатник е во друштвото на гостите. Претседателот на Литературниот фестивал во Виленица беше гостин на „Про-за Балкан“ пред неколку години, а него го претстави Ермис Лафазановски. На прашањето дали се движи балканската книжевност и каде…Тој истакна дека годинава претседател на жирито на неговито фестивал е токму Лидија Димковска. Додаде дека се повеќе македонски автори се преведуваат на словенечки јазик. На прашањето како стои женското писмо, Блатник даде еден оптимистичен, еден песимистичен одговор.

„Добивам впечаток дека и марганизираните групи во општеството добиваат простор да се изразат, тоа е оптимистчко гледање, а песимистичкото е, дека кога некоја професија е во криза, тогаш настапуваат жените“, рече Блатник.

Единствената жена-писателка на фестивалот е Асли Перкер, која е една од најпопуларните авторки од Турција. Таа е новинарка и писателка, која е актуелна во нашата земај со книгата „Гробот на џелатите“, во издание на „Бата прес“. Таа објасни за нејзината фасцинација со гробовите и колку тоа било нормално во времето кога растела.
„Книгата ја пишував во Њујорк и баш се чувствував како во егзил. Бев тажна, ми фалеше мојата земја“.

Карановиќ, кој е подолго време во Скопје, како автор во резиденција, истакна дека бил многу пријатно изненаден од гостопримливоста на луѓето во градот.
„Имав здравствен проблем, луѓето мнгоу ми помогнаа, дури и во болница. На нашите општества им се случија многу непријаности, многу од луѓето закачија депресија, некои наведнаа глава и на некој начин имав потреба сите тие приказни да ги искористам во моите книги“, рече тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП