20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСедница на Комитетот за оперативна монетарна политика

Седница на Комитетот за оперативна монетарна политика

nbrm1

Ликвидноста на банкарскиот систем се одржува на високо и стабилно ниво. Банките активно ги користат монетарните инструменти. Девизните резерви се во рамки на проекциите. Економските и финансиските услови во домашната економија и изворите на ризици за монетарната политика не се променети во однос на претходниот период и наспроти поволните движења гледано од монетарен аспект, одредени ризици за монетарната политика и понатаму постојат.

Ова го констатира Комитетот за оперативна монетарна политика, на вчерашната седница на која се разгледани податоците за банкарскиот сектор заклучно со февруари 2013 година, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари во март 2013 година, најновите макроекономски податоци за домашната економија и ликвидноста во банкарскиот систем.

Во соопштението од НБРМ се наведува дека на домашниот пазар на пари, и натаму се забележува тргување со депозити на подолги рочности (до 3 месеци) и тргување со хартии од вредност, што упатува на релативно висока доверба помеѓу пазарните учесници. На девизниот пазар се забележани вообичаените сезонски движења кај понудата и побарувачката за девизи.

Трендот на релативно поволни движења кај инфлацијата и девизните резерви продолжи. Податоците за инфлацијата и за март покажуваат понатамошно забавување на растот на потрошувачките цени, при што инфлацијата во текот на целиот квартал се движи под проектираното ниво. Овие движења, како што стои во соопштеието, укажуваат на постојано намалување на инфлациските ризици, во услови на помали притисоци од увозните цени.  Промените во девизните резерви од почетокот на годината се позитивни и се во рамки на проекциите. Притоа показателите за адекватност упатуваат на комфорно ниво на девизните резерви, доволно за неутрализирање на евентуалните неповолни шокови. Показателите за економската активност за изминатата година покажаа малку понеповолна состојба во реалниот сектор од оценетата. Показателите за активноста за првото тримесечје се позитивни и даваат сигнали за поповолни движења во однос на претходниот квартал во согласност со проекцијата. Сепак, се очекува дека ова закрепнување нема да биде доволно силно за да го затвори негативниот производствен јаз и да создаде поголеми нерамнотежи во економијата. Бавното закрепнување на реалниот сектор се пренесува и врз кредитниот пазар на банките. И покрај солидниот и стабилен раст на депозитниот потенцијал, кредитната активност и понатаму е умерена. Искористеноста на депозитната база за кредитирање се намалува, при изразени склоности за вложување во нискоризични ликвидни инструменти, што доведува до натамошен раст на ликвидноста на банките. Овие движења ја покажуваат воздржаноста на банките за преземање поголеми ризици во услови на неизвесен амбиент.

Комитетот смета дека и покрај помалите инфлациски ризици, гледано преку вкупната инфлација, базичната инфлација и понатаму е висока и упатува на можни поголеми пренесени ефекти од растот на цените на храната и енергијата врз останатите цени во економијата. Воедно, во последниот период дојде до повторно зголемување на неизвесноста за состојбите во евро-зоната, што значи можно влошување на надворешното окружување и потенцирање на ризиците за надворешната позиција на економијата.

Имајќи ги предвид најновите пазарни, макроекономски и финансиски показатели, на седницата на Комитетот е одлучено максималната каматна стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,5 проценти, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ  од 24.020 милиони денари.

НБРМ посочува дека ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците. Доколку ризиците останат во контролирани рамки и ако поволните трендови кај клучните показатели продолжат и понатаму, монетарната политика соодветно ќе се приспособи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП