25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се наплати сработеното? Растат проблемите со неликвидноста!

Како да се наплати сработеното? Растат проблемите со неликвидноста!

para

Се повеќе компании имаат проблем да го наплатат сработеното. Неликвидноста на стопанството расте. Оваа оценка ја делат бизнисмените од сите три стопански комори во земјава.

СКМ: 45% од фирмите имаат проблем со ликвидноста

Анкетата спроведена меѓу членките на најголемата бизнис асоцијација, Стопанската комора на Македонија (СКМ), покажала дека речиси половина од компаниите имаат проблеми со ликвидноста.

„Генерално може да се оцени дека ликвидноста кај компаниите е нарушена односно од вкупно прибраните резултати од самите компании имаме податок дека 45% од нив позитивно се изјасниле дека имаат проблем со ликвидноста“ вели Билјана Пеева – Ѓуриќ за 24вести.

СКСЗМ: се доцни со наплатата

Најтешко оди соработката со државата и со институциите, велат во Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

„Кога ќе се соберат одредени средства кога навистина ќе мора да се плати нешто, се плаќа; но со мака и сепак се бара и одреден круг на припадност на одредена гарнитура. Она што си се трудел со пот да го заработиш мора и да го наплатиш“ вели Мендерес Кучи за 24вести.

ССК: најголем е предизвикот кај малите и средни компании

Одржувањето на ликвидноста е предизвик и покрај воведувањето на повеќе инструменти – задолжница и закон за финансиска дисциплина сметаат во Сојузот на стопански комори (ССК) каде главно членуваат мали и средни компании. Велат дека проблемот е најизразен токму кај нив.

„Главниот проблем се јавува токму кај оние компании кои имаат повеќе деловни партнери, кои испорачуваат помали количини и со помали вредности и доколку треба задолжница да се издава за секоја од овие испораки или и колку да се групираат таа е неефикасна“ објаснува Митко Алексов од Сојузот на стопански комори (ССК) за 24вести.

Експерти: проблемот е и во самиот менталитет

За дел од домашните економски аналитичари доцнењето во плаќањето понекогаш е навика, проблем бил и самиот менталитет на менаџерите. Сепак, ја посочуваат државата како клучен фактор – и како регулатор и како економски субјект.

„Значаен играч во таа верижна неликвидност е државата… Клучната работа што треба да ја направи извршната власт после изборите е целосна институционална стабилизација и реформа со која ќе ги убеди сите засегнати страни дека институциите ќе функционираат во корист на граѓаните и фирмите, а не во корист на политичките елити… Во моментов тоа ми се чини клучно. Тоа мора да го реши Владата формирана од било која партија, па макар тоа била и сегашната владејачка партија“, изјави неодамна универзитетскиот професор, Марјан Петрески.

10 совети за подобрување на ликвидноста

Entrepreneurs, бизнис изданието на The Guardian, ги дава следниве совети за подобрување на ликвидноста на компаниите:

  • Договорете јасни рокови за наплата
  • Фактурирајте веднаш
  • Користете електронско банкарство
  • Правете анализа на паричниот тек во компанијата
  • Зголемете ја соработката со добрите плаќачи
  • Побарајте од најдобрите клиенти да го забрзаат плаќањето
  • Не се залетувајте по најниската цена, внимавајте и на условите
  • Користете ги современите технологии за следење на парите
  • Не се фокусирајте на профит, туку на прилив
  • Зголемете ја соработката и комуникацијата со вашата банка.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП