25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови мерки на НБРМ, ново затегање на монетарната политика – ќе растат...

Нови мерки на НБРМ, ново затегање на монетарната политика – ќе растат каматите!

nbrm

Оние што ќе депонираат кеш особено во денари треба да заработат повеќе, а оние што ќе земаат кредит особено во евра треба да платат повеќе. Ова се очекуваните ефекти од најновите мерки на Народната Банка – денешните интервенции во задолжителната резерва и во девизните депозити и вчерашното зголемување на основната камата.

Две нови мерки на НБРМ за поттикнување на штедењето во денари

Зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, како и доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0%. Ова се двете нови мерки што ги утврди Народната Банка (НБРМ) како надополнување на вчерашното зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%.

„Заради натамошно поттикнување на процесот на денаризација на депозитите во домашниот банкарски систем е зголемена стапката на задолжителната резерва за обврски на банките во домашна валута со валутна клаузула… Покрај тоа, заради одржување и зголемување на депозитите во домашниот банкарски систем преиспитани и подобрени се условите за пласирање девизни депозити на домашните банки во Народната банка“ се наведува меѓу другото во соопштението од НБРМ.

Во Централната банка сметаат дека овие чекори ќе го поттикнат растот на штедењето во денари. Задолжителната резерва поради поголемите ограничувања за штедењето во девизи, а девизните депозити поради помалите општи трошоци на деловните банки што следствено би требало да придонесе за повисоки каматни стапки за депозитите на нивните клиенти – домашните правни и физички лица.

НБРМ изврши ревизија и на макроекономските проекции за целокупната економија. Монетарната власт анализите ги темели на две можни сценарија – алтернативно доколку продолжи политичката криза ќе резултира со раст на стопанството од само 1.6% и основно доколку кризата заврши брзо ќе значи раст од 3.5% како што беше и проектирано на почетокот од 2016-та.

„Продолжувањето на политичката криза до крајот на годината ќе го намали растот на македонската економија од предвидените 3.5 на 1.6%. Ќе се намали и потрошувачката, како и инвестициите, ќе дојде до забавена кредитна активност, помал извоз и намалување на девизните резерви. Како што стојат работите сега може да се покаже дека алтернативното сценарио е реално. Ризиците се присутни околу двете сценарија. Надворешниот амбиент, кој е ист и кај двете сценарија, е неизвесен и неповолен. Домашните политички ризици се особено изразени и тоа повеќе во алтернативното сценарио кое укажува на последиците од политичката нестабилност врз економијата“ објасни гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Народната Банка вчера донесе одлука да ја затегне монетарната политика – ја зголеми каматната стапка за благајничките записи за 0.75 процентни поени, од 3.25% на 4%.

Објаснувањето беше дека тоа се прави како одговор на зголемената побарувачка за девизи и повлекувањето депозити, состојби предизвикани од влошените очекувања на економските субјекти поради политичката криза.

Овие потези на Народната Банка доаѓаат по неколку неделната паника на разрочување на денарските штедни влогови и забрзаното купување на девизи, пред се на евра. И покрај тоа што гувернерот Богов повикуваше да престанат неоснованите шпекулации за девалвација на денарот и најави дека ќе се интервенира за да се стабилизира пазарот, што беше направено денеска и вчера, предупреди дека во тој случај ќе биде повисока цената што ќе ја платат сите економски чинители.

Деловните банки прават анализи – не откриваат детали

Деловните банки засега не откриваат дали ќе ги следат сигналите од Народната Банка. Допрва ќе правеле анализи.

По објавата за раст на основната камата ставот на банкарскиот сектор беше дека единствено сигурно е дека ќе пораснат каматите со променливи стапки кои се врзани со оние за благајничките записи, но тие биле многу мал процент од вкупните портфолија. Ова го потврдија и од Комерцијална и од Тутунска.

„Промени веднаш ќе претрпат само оние кредити кои се врзани со движењето на каматата на благајничките записи, но тоа е мал износ во билансите на банките“ велат од Комерцијална банка.

„Зголемувањето на каматните стапки на депозитите и кредитите ќе се оствари само кај оние кредити и депозити кај кои договорната каматна стапка е поврзана со висината на каматната стапка на благајничките записи како референтна каматна стапка при склучување на договорот за кредит, односно за депозит“ велат од Тутунска банка.

Деловните банки не откриваат дали ќе ги зголемат каматите и за дел од останатите кредити и депозити.

„Кај останатите кредитни и депозитни продукти движењето на каматните стапки ќе зависи од движењето на понудата и побарувачката на пари и можноста за пласман на средства, за што се потребни дополнителни анализи. Сепак, одлуката е сигнал, повлекување на вишокот пари и покажување цврст став дека курсот на денарот се брани со сите мерки“ објаснуваат во Тутунска.

Сличен е ставот и на Стопанска Банка – Скопје.

„Ги следиме севкупните активности каде што во последниот период и не забележуваме екстремни придвижувања. Сепак, имајќи ја предвид пошироката констелација на збиднувања и зголемената побарувачка за девизи, објавеното зголемување на каматните стапки на благајничките записи од 3,25% на 4% може да резултира со придвижување и на активните и пасивните каматни стапки во Банката, доколку овие промени кај благајничките записи се од подолгорочен карактер“ велат од Стопанска.

Засега деловните банки не коментираат кои ќе бидат следните чекори по денешните две нови мерки – зголемувањето на задолжителната резерва за обврски на банките со валутна клаузула и доведувањето на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0%.

Аналитичари: мерките на НБРМ ќе ги зголемат каматите

Макроекономските експерти уште при првата мерка на НБРМ со која се зголеми основната камата коментираа дека таа претставува сигнал за зголемување и на каматите за депозитите и за кредитите .

„Мислам дека она што Народната банка сака да го испрати како сигнал со одлуката за зголемување на каматните стапки на благајничките записи, е фактот дека доколку постои некој вишок на ликвидност, вишок на заштеди дека тие не треба да се претвораат во странски валути, туку дека треба да останат во денари. Сметам дека крајната цел е да се дестимулира побарувачката за девизи на девизниот пазар, и со тоа да се смири овој притисок кој што се чувствуваше… Очигледно е дека во основата на оваа нестабилност на девизниот пазар се пред некои настани во политичката сфера, а не толку во онаа економската сфера во однос на фундаментите на економијата“ објаснува универзитетскиот професор Владимир Филиповски.

Сепак, економските аналитичари се согласни – банките допрва ќе прават анализи и ќе ги  следат мерките што ги презема НБРМ.

„Тоа би имало, според мене, негативен одраз и врз стандардот на граѓаните со кредити и по економијата во стопанството. Секако тоа граѓаните ќе го почувствуваат многу бидејќи автоматски ќе се кренат и каматните стапки на кредитните картички кои се повеќе ќе користат во државата и кои покажуваат нагорна линија во задолженост на граѓаните“ вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

За макроекономските аналитичари овие потези на НБРМ бил очекуван поради притисокот на девизниот пазар и одговор на шпекулативната акција за девалвација на денарот и повиците за повлекување пари од банките.

„Ова е знак на претпазливост за да не се наруши стабилноста на денарот и да не се наруши рамнотежата во економијата. Мерките се најавуваа и значат дека банките ќе имаат поголема камата од досегашната ако купат записи од Народната банка, односно помал интерес тие пари да ги дадат како кредити. Сепак, ова се прави за да се спречат одредени инфлаторни притисоци кои секако се поврзани и со девалвација. Народната банка, како што покажува и со оваа мерка, мора да се однесува одговорно, да спречи штета, а не да ја лекува. Инаку, ваква реакција преземаат сите централни банки кога треба да се штитат од шпекулации“ вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП