29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзвршителите наплаќаат по 10 милиони евра месечно – од август нови правила!

Извршителите наплаќаат по 10 милиони евра месечно – од август нови правила!

sss

Извршителите просечно секој месец наплаќаат по околу 10 милиони евра долгови од граѓаните и од фирмите. Процесот најчесто трае и подолго од една година. Бројот на блокирани сметки расте, а од август во сила стапува новиот закон кој предвидува значителни измени во нивното работење.

Лани извршителите наплатиле над 107 милиони евра

Над 107 милиони евра наплатиле извршителите лани. Според извештајот на Комората на извршители на Македонија (КИРМ) во 2015-та имало 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.

Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година (лани тоа биле 22.899 барања). Само 16.729 биле решени за помалку од тримесеци.

Според извештајот најмногу пари биле наплатени во Скопје – нешто над 59 милиони евра, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и во Делчево – во сите четири града заедно нешто под 2 милиони евра. Поголемиот дел од должниците биле фирми, а значително помал граѓани.

Извршителите беа воведени пред една деценија

Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.

Во Македонија во моментов има 99 извршители. Превидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети.

Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии лани бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.

Новиот закон ќе ги омекне извршителите

Новиот закон за извршители кој ќе почне да се применува од август треба да го омекне нивниот однос кон должниците. Изменетите правила предвидуваат и засилена контрола на нивното работење, писмена опомена пред принудна наплата, вонсудска постапка за комуналните сметки, кратење на роковите за продажба на недвижностите.

Заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) нема да одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со ова треба да се избегнат дополнителните трошоци.

„Често кај нас доаѓаат луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни. На овој начин ние ќе испраќаме предупредување до нив и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓаните. Извршителот ќе биде должен да го извести должникот и да побара до него во рок од три дена да ги достави сите податоци што се неопходни за постапката за извршување“, објаснуваше претседател на Комората на извршители на Македонија (КИРМ), Зоран Петрески, кога беа најавени новините.

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

„Во досегашната пракса се соочувавме со граѓани кои за првпат дознаваат за својот долг кога ќе го добијат налогот за извршување од извршителот и тоа за нив претставува шок. Воедно, истиот долг веќе е зголемен поради трошоците на постапката за тужење и каматите… Целта е да им се овозможи да ги сервисираат своите долгови пред да бидат тужени, со што во голема мера ќе се намалат тужбените барања и ќе се избегнат непотребните трошоци и на страна на доверителите и на страна на должниците“, вели Петрески.

Има измени и на процедурата за продажба на недвижностите – предвидено е кастрење на роковите за утврдување на нивната вредност од страна на проценителите од 15 на 8 дена, а отстранета е и можноста за трето јавно наддавање.

„Досегашната практика покажа дека постапката за извршување врз недвижности трае долго, при што каматите течат и долгот се зголемува. Воедно постоењето на три продажби предизвикуваше идните купци да калкулираат и да очекуваат намалување на цената, што секако е неповолно и за самиот должник“, објаснува Петрески.

Се зголемува бројот на блокирани сметки

Во февруари годинава имало 77.568 граѓани и 44.933 компании со блокирани сметки. За една година бројот на блокирани поединци е зголемен за над 20.000, а на блокирани фирми за речиси 3.000.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП