18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

 latestnews

 

Пекинг – Инфлацијата во Кина минатиот месец успори повеќе од очекувањата, укажувајќи на тоа дека зајакнувањето на второто по големина светско стопанство, се уште е слабо, соопшти Заводот за статистика во Пекинг. Врз основа на податоците за инфлацијата, централната банка на Кина, ќе може бар за сега, да се воздржи од заострување на монетарната политика, што ќе доведе до раст на берзите, наведуваат аналитичарите. Меѓутоа тие предупредуваат дека и понатаму постојат многу проблеми во економијата. Индексот на потрошувачките цени ЦПИ, главна мерка за инфлацијата изнесувал 2,1 отсто минатиот месец, во однос на 3,2 отсто од февруари, кога цените пораснаа поради прославата на лунарната Нова година.

Париз – Француско-холандската авионска агенција Ер Франс КЛМ најавува зголемување на обемот на сообраќајот за 2,2 отсто како и на транспортните капацитети кои во март биле на стабилно ниво. Компанијата соопшти дека истовремено има намера да ги намали трошоците за транспорт за 12,1 отсто. Ер Франс во март превезол 6,45 милиони патници, а степенот на завземеноста на летовите пораснал за 1,7 отсто на 84,2 отсто. Карго секторот забележа намалување на капацитетот од 6,6 отсто, а коефициентот на пополнетоста е намален за 4,1 отсто на 65,1 отсто.

Амстердам – Претседателот на управниот одбор на Гаспром Алексеј Милер и претседателот на управниот одбор на холандската компанија Гасуние, Пол ван Гелдер, потпишаа во Амстердам договор за соработка на двете компании на истражување на можноста за ширење на гасоводот Северен тек. Со договорот, на чие потпишување присуствуваа претседателот на Русија Владимир Путин и премиерот на Холандија Марк Руте, предвидува и реализација на други инфраструктурни проекти во Европа за обезбедување на редовно снабдување со гас во земјите на северозападна Европа и Велика Британија, соопшти Гаспром.

Берлин – Германскиот извоз е намален во февруари, што е уште еден сигнал дека најголемата европска економија не е зајакната во целост од лошиот период од крајот на минатата година, покажаа официјалните податоци во Берлин. Извозот во февруари падна за 1,5 отсто на месечно и 2,8 отсто на годишно ниво, на 90,4 милијарди евра, додека увозот е намален во однос на јануари за 3,8 милијарди евра, во однос на 16,8 милијарди во јануари. Германското стопанство падна во четвртиот квартал во 2012 година, а деловната активност и покрај тоа што од тогаш е зајакната и понатаму е релативно слаба, дел поради хроничните проблеми во остатокот на монетарната унија.

Москва – Клучна задача на Банката на Русија е намалување на инфлацијата на 3 до четири отсто, најави на пленарна седница на Државната дума кандидатот за местото претседател на централната банка и помошник на претседателот на Русија Елвира Набиулина. Според разни оценки немонетарната инфлација денес е една половина од инфлацијата, рече таа. Поради тоа неопходна е потесна соработка на централната банка со регулаторните органи, укажа Набиулина. Таа смета дека реалниот проблем на Русија е економскиот модел и дека мора да има промени, бидејќи во спротивно нормата ќе стане 2 до 3 проценти на раст.

Штутгарт – Германскиот гигант Порше објави дека продажбата во март на глобално ниво пораснала за 19,8 отсто на рекордни 14,494 возила, благодарение на високата побарувачка во Германија, САД и во Кина. На германскиот пазар Порше продаде речиси една третина возила – 2,159, додека во САД забележа зголемена продажба од дури 41,7 отсто на 3,487 возила. Во Кина, германската компанија продаде 3,032 возила или за 17,9 отсто повеќе од март 2012 година. Во првото тромесечје оваа година, Порше вкупно продаде 37.009 возила што е за 21,1 отсто повеќе од истиот период лани.

Њујорк – Американскиот алуминиумски гигант Алкоа во првото тромесечје оваа година оствари раст на нето профитот од 59 отсто и достигна 149 милиони долари. Лани профитот во истиот период бил 94 милиони, соопшти компанијата. Нето профитот по акција бил 11 центи, што е над 8 центи по акција колку што прогнозираа аналитичарите во анкета на агенцијата Факт сет.

Берн – Бројот на ноќевањата во швајцарските хотели повторно во февруари забележа пад и тоа пред се поради намалената посета на странски гости, соопшти националниот Завод за статистика. Во швајцарските хотели бројот на ноќевањата во февруари падна за 1,4 отсто во однос на истиот период лани, на 3 милиони. Падот на бројот на ноќевањата претставниците на швајцарскиот туризам го објаснуваат со тоа што 2012 година била престапна, така февруари траеше еден ден подолго отколку оваа година.

Виена – Виенската и Варшавската берза разгледуваат можност за спојување чиј резултат би бил единствена платформа за пласман и трговија на акциите на земјите од централна и источна Европа. Преговорите се наоѓаат во рана фаза и се уште не можат да завршат со договор, пренесе Блумберг повикувајќи се на портпаролката на Виенската берза. Таа рече дека извршниот директор на матичната компанија Винер берза, Михаел Бухиа, наредните денови ќе се состане во Варшава со новиот директор на тамошната берза, Адам Мациејевски. Челниците на Варшавската берза одбија да коментираат.

Париз – Трговскиот суфицит на Франција е зголемен во февруари 2013 година, од јануарските 5,65 милијарди евра, на 6,01 милијарда, соопшти националната Управа на царината. – Извозот повторно е намален. Испораките на комисионата стока се зголемија, додека продажбата на аеронаутичката и вселенската опрема се намали – се наведува во соопштението на Царината. Извозот во февруари изнесуваше 35,84 милијарди евра, додека на увозот се потрошија 41,2 милијарди евра.

Париз – Буџетскиот дефицит на Франција кон крајот на февруари достигна 27,1 милијарда евра, додека лани во истиот период тој изнесувал 24,2 милијарди евра. Во соопштението на француското министерство за буџет се потенцира дека зголемениот дефицит во овогодишниот буџет е последица од данокот воведен на мобилната телефонија 4Г и кој ланскиот буџет го пополнил со 2,6 милијарди евра. Причина за зголемувањето на јавниот дефицит се и зголемените трошоци во државниот сектор за 1,3 отсто на 64,4 милијарди евра во првите два месеца во 2013 година.

Амстердам – Инфлацијата во Холандија во март успори на 2,9 отсто на годишно ниво, главно благодарение на падот на цените на бензините, соопшти холандскиот Завод за статистика. Во соопштението се наведува дека потрошувачките цени во првите два месеца во 2013 година се зголемени за 3 отсто на годишно ниво. Холандската инфлација релативно е висока во споредба со другите земји на еврозоната, дел поради зголемените даноци на цигарите.

Мадрид – Со рецесија погоденото стопанство на Шпанија бележи нешто подобри резултати во почетокот на 2013 година, по падот од крајот на минатата година, изјави шпанскиот министер за економија Луис де Гиндос. Шпанската економија очигледно зајакнува во однос на последните три месеци во 2012 година, кога беше забележан негативен стопански раст од 0,8 отсто, рече Де Гиндос, не изнесувајќи прецизна прогноза за првиот овогодишен квартал. Шпанија поминува низ втора по ред рецесија, откако не успеа доволно да зајакне од колапсот на кредитите на пазарот за недвижнини од 2008 година и економската катастрофа поради која стапката на невработеност достигна рекордни 26 отсто.

Париз – Најголемиот светски ланец на ресторани на брза храна Мекдоналдс, до крајот на тековната година во Франција ќе вработи околу 43.000 луѓе, што е за околу 3.000 повеќе во однос на 2012 година. За таа цел, компанијата на 16 април во своите ресторани во 150 градови во Франција, ќе организира промоција на дејностите на кои ќе ги ангажира своите 700 вработени, кои на посетителоте ќе ја откријат природата и привлечноста на занимањата, од набавувачи, келнери, бармени, па се до менаџери или директори на ресторани.

Волфсбург – Германската компанија Фолксваген забележа во март пад на продажбата на автомобили од 0,8 отсто во однос на истиот месец лани, пред се поради послабата побарувачка во западна Европа и Латинска Америка, соопштија од истоимената групација. Фолксваген испорача 532.400 автомобили во март, што е пад во однос на 536.700 возила во март 2012 година.

Брисел – Групата на компании предводени од американскиот софтверски гигант Мајкрософт ја повика Европската комисија да покрене антимонополска истрага против Гугл. Иницијативата под името Фаир Серч која ја покренаа 17 компании, меѓу кои се Мајкрософт, Нокиа и Оракл, го обвинува Гугл за незаконско работење. Според тврдењата на таа групација Гугл ги условувал производителите на мобилни телефони, давајќи им го својот оперативен систем Андроид, само под услов некои од неговите софтверски апликации како ЈуТјуб и Гугл мапс директно да ги инсталираат на своите уреди.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП