29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗагрозените граѓани ќе добијат фалсификувана роба

Загрозените граѓани ќе добијат фалсификувана роба

carina-garderoba-horgos-1328585176-117696

Фалсификуваните текстилни производи и обувки државата ќе ги дели на социјално загрозени лица и семејства и на жителите од погодените подрачја од некаква елементарна непогода.

Ова се предвидува во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост кој денеска беше прифатен од Комисијата за финансирање и буџет.

Заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини образложувајќи ги измените и дополнувањата рече дека стоката ќе ја дели одреден државен орган, под услов за тоа да се согласи застапникот на трговската марка и да бидат отстранети обележјата на трговската марка од производите.

Во текот на 2012-та година Царината запленила околу 12.300 парчиња, а од почетокот на годината, како што информира директорот на Царинската управа на Република Македонија Ванчо Каргов вкупно се запленети 200.000 парчиња разновидна стока.

Тој потенцира дека запленетите фалсификати од година во година се помали, но се менува начинот на внесување во помали пратки.

Марјанчо Николов од СДСМ истакна дека оваа пратеничка група ќе ги поддржи предложените измени, напоменувајќи дека преку амандмани ќе побараат допрецизирање на текстот.

Комисијата на денешната седница го прифати во прво читање Предлог-законот за преземање акционерски друштва, чија цел, како што рече заменик-министерот за финансии, е да ги заштити малите акционери во Акционерските друштва.

Законското решение предвидува доколку некој што поседува 25 отсто од акциите на одредена компанија сака да купи повеќе ќе мора да даде понуда за преземање до сите акционери во компанијата и од нив да ги откупи по соодветна цена.

Предвидено е цената да не биде пониска од највисоката цена по која преземачот или лицата со кои дејствува заеднички купиле акции во последните 12 месеци и ако со акциите не е тргувано во последните 12 месеци преземачот е должен да понуди цена најмалку колку проценетата вредност на акциите утврдена од овластен проценител.

Марјанчо Николов забележа дека правилата од овој закон не важат за акциите на државата.

„ Не треба да се доведеме во ситуација така лесно да ги продадеме државните компании и тие што ги имавме државата не направи добра проценка и сега се изнесува голем профит надвор од земјата“, рече Николов посочувајќи доколку државата одлучи да ги продаде државните ЕЛЕМ и МЕПСО кој ќе ја утврди цената пазарот или договорот.

Предлог-законот претставува усогласување со европското законодавство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП