Widgetized Section

Go to Admin » Appearance » Widgets » and move Gabfire Widget: Social into that MastheadOverlay zone

Интервју со Давор Вукадиновиќ – Претседател на Управен одбор на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и Филип Николоски, Втор генерален директор на КБ Пензиско друштво

Време: 18:23

Датум: април 13, 2016

Категорија: ИНТЕРВЈУ

dav

Денар: На кој принцип функционира пензискиот систем во Македонија?

Давор Вукадиновиќ: Од 2006 година во Република Македонија оперативно започна да функционира реформираниот тристолбен пензиски систем. Со реформата се надополни тогашниот пензиски систем базиран на генерациска солидарност, со комбиниран пензиски систем на генерациска солидарност и капитално финансирано пензиско осигурување.

За лицата кои се членови само на Државниот Фонд на ПИОМ (Прв столб), придонесот за пензиско и инвалидско осигурување во висина од 18% од бруто-платата во целост се уплатува во Фондот за ПИОМ. Кај членовите на Задолжителниот пензиски фонд (Вториот столб) од 18% на придонес за пензиско осигурување од бруто-платата, 12% се уплатуваат во Фондот за ПИОМ, а 6% се уплатуваат на индивидуалната пензиска сметка на осигуреникот во Задолжителниот пензиски фонд. Третиот столб е доброволно пензиско осигурување потпомогнато со даночни стимулации од државата. Средствата се уплатуваат индивидуално или од страна на работодавец на пензиската сметка на членот, а за истите не постои обврска за редовност во уплати или висина на уплати.

Со воведениот нов систем кој е комбинација на тековно и капитално финансирање се изгради систем со бенефиции за поединецот и дополнителни ефекти за целата економија. Поединецот е посигурен, бидејќи финансирањето на пензијата се врши од повеќе извори, ризикот се диверзифицира, а транспарентноста во работењето останува еден од основните принципи во работењето и комуницирањето со членовите. Во општеството пошироко, се создаваат услови за долгорочна солвентност на пензискиот систем, зголемување на националните заштеди, зајакнување на моќта на инвестирањето, што индиректно придонесува за раст на економијата и по ефикасен пазар на трудот.

Денар: Како се станува дел од доброволниот пензиски фонд и кој се може да биде член?

Филип Николоски: Многу лесно и едноставно,  преку склучување на договор за членство во доброволен пензиски фонд со овластен агент на пензиското друштво и барем една уплата во рамките на доброволниот пензиски фонд.

Член може да биде секое лице кое е на возраст од 15 до 70 години, и кое нема остварено право на пензија согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, ниту пак е корисник на истата.

Членство во доброволен пензиски фонд може да се стекне и преку професионална пензиска шема, доколку компанијата во која лицето е вработено, има склучено договор за организирање и финансирање на професионална пензиска шема.

Членот односно компанијата ја определува висината и динамиката на уплатите, а акумулираните и оплодени пари може да се подигнат на 52 годишна возраст за жени, и 54 за мажи.

Штедењето во доброволниот фонд има и даночни бенефиции од страна на државата.

Денар: Кажете ни нешто повеќе за третиот столб. Зошто е важно граѓаните да се приклучат кон него?

Давор Вукадиновиќ: Доброволните пензиски фондови се формирани со цел на граѓаните да им се овозможи да ја надополнат пензијата од Првиот и Вториот пензиски столб и да си осигураат дополнителни примања за старост.

Придонесите, кои се извор на средства за првиот и вториот пензиски столб, се обезбедуваат од законски дефинираниот придонес за пензиско и инвалидско осигурување што се задржува од бруто- платата на вработениот.

За да се надополнат идните примања на пензионерите, од 2009 година во структурата на пензискиот систем започна да функционира и трет столб, доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, преку кое граѓаните и работодавците можат да обезбедат дополнителна пензиска заштеда која ќе овозможи одржување  на животниот стандард што го имале пред да се пензионираат.

Денар: Што придонесува граѓаните да имаат стабилна пензија?

filip

Филип Николоски: Една од основните цели на реформираниот пензиски систем е да  се обезбеди долгорочна стабилност и сигурност на пензискиот систем. Стабилноста на пензијата е обезбедена со начинот на кој што е поставен и функционира тростолбниот реформиран пензиски систем во Македонија.

Една од главните цели е членовите да имаат стабилна пензија. На тоа влијаат строгите законски одредби, по кои работат сите институции вклучени во пензискиот систем, специјализираноста во работењето со искусни и стручни лица,  организираноста и достапноста со широката лиценцирана агентска мрежа и секако транспарентоста во работењето.

Членовите во секое време може да имаат електронски увид во нивните пензиски заштеди од вториот и третиот столб.

Денар: Какви бенефити им носат приватните пензиски фондови на граѓаните на Република Македонија?

Давор Вукадиновиќ: Со направената реформа дел од средствата кои се одвојуваат за пензија се акумулираат во еден од двата пензиски фонда од вториот столб и истите се управуваат со цел остварување на принос и обезбедување пензија при што товарот врз буџетот на државата за покривање на првиот столб ќе се намали. Во одржливоста на целиот систем клучна улога има третиот пензиски столб кој е на доброволна основа и е стимулуран од државата со даночно ослободување на уплатите. Токму третиот столб има за цел  унапредување на финансиска состојба заради евидентното продолжување на животниот век на пензионираните членови.

Според последните официјално објавени податоци, приносот на задолжителниот, НЛБ Пензиски фонд во номинален износ за периодот од 31.12.2008 до 31.12.2015 година, период од седум години, сведен на годишно ниво изнесува 7,87%, а за истиот период реалниот принос сведен на годишно ниво изнесува 6,45% (реалниот принос се добива од номиналниот принос корегиран за промената на нивото на трошоците на живот за пресметковниот период). Приносот на доброволниот фонд, НЛБ Пензија плус во номинален износ за периодот од 31.12.2009 до 31.12.2015 година сведен на годишно ниво изнесува 6,16%, а за истиот период реалниот принос сведен на годишно ниво изнесува 4,25%. Остварените приноси на долг рок позитивно ќе влијаат врз висината на пензијата која ќе ја добиваат нашите членови.

Важно е да се искористат бенефициите од досегашните искуства и понатаму да се продолжи со развој и унапредување на системот. Притоа пристапот треба да биде конзистентен, темелен, стручен и сеопфатен. Внимателно да се детектираат предностите и придобивките и истите и натаму да се афирмираат, но и да се настојува да се детектираат слабостите и да се предлагаат соодветни решенија. Добро е да се следат трендовите во поразвиените системи, а воведувањето на промените и искуствата на други системи, треба да биде приспособено на нашите специфичности.

Денар: Кои се ризиците, а кои предностите кои со себе ги носат вложувањата во приватните пензиски фондови?

Филип Николоски: Средствата во приватните пензиски фондови, кои граѓаните ги вложуваат со цел стабилна и повисока пензија се сигурни и управувањето со нив подлежи на строги законски прописи.

Долгорочниот карактер на средствата со кои управуваат пензиските фондови дава можност во процесот на инвестирање на средствата да се изгради портфолио со оптимален принос наспроти превземен ризик. Со инвестирањето на средствата на фондовите во диверзифицирано портфолио во инструменти со фиксен и инструменти со варијабилен принос се овозможува од една страна заштита на средствата а од друга страна се обезбедува раст на истите. Предноста во ваков тип на портфолио е тоа што заштедите на идните пензионери се диверзифицирани во различен спектар на инструменти кои опфаќа од државни обврзници до вложување во акции на најголемите светски компании, а сето тоа со контролирано ниво на ризик.

Дополнително, овие средства се целосно одвоени од средствата на пензиското друштво, се чуваат кај посебна банка – чувар и се наменети за исплата на идна пензија.

davor

Денар: Колкава е свесноста кај нас за важноста на овие фондови и дали би можеле да направиме паралела за културата која се негува кон приватните фондови во странство и кај нас?

Давор Вукадиновиќ: НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје најмалку еднаш годишно во писмена форма (во плик со зелена боја) или во електронска форма доставува годишен извештај за пензиска заштеда до ченовите на задолжителниот и доброволниот пензиски фонд. Покрај тоа, современите начини на комуникација, овозможуваат секој заинтересиран член во било кое време информации за својата пензиска заштеда да добие преку интернет страната на Друштвото, со пристап во својата Лична сметка. За жал, интензитетот на таквите барања е сè уште многу мал. Друштвото, секоја година регистрира зголемена комуникација со членството, и зголемен пристап на интернет страната, во периодот по доставувањето на годишните извештаи.

Генерално, според состојбите и праксата, како и според направените истражувања преку анкетирањето на членството, сè уште постои голем простор за работа и зголемување на свесноста и заинтересираноста на членството за капитално финансираните пензиски фондови. Ние веруваме дека во ерата на масовно користење на интернетот и социјалните мрежи, ќе се постигне напредок и во овој сегмент и дека новите генерации ќе покажат зголемен интерес и за оваа област и ќе почнат да мислат за обезбедување на пензиска сигурност многу порано, во годините кога се во врвот на својата работна спосбност, а не непосредно пред пензионирањето.

Денар: Што превземате за да го развиете механизмот за популаризација на штедењето во приватните пензиски фондови?

Филип Николоски: КБ Прво пензиско друштво секогаш се обидува да биде дел од модерните трендови во маркетингот, со цел да го популаризира штедењето во приватните пензиски фондови, особено кај младите.

Постојано сме присутни со промотивни штандови на големи настани, саеми, семинари, конференции, симпозиуми. Исто така вршиме и ПР активности, давање изјави и интервјуа на менаџментот и раководни лица од Друштвото во печатени и електронски медиуми, објава на ПР текстови поврзани со пензискиот систем и работењето на Друштвото, радио и ТВ реклами, флаери, теле-маркетинг до потенцијални членови, разни анкети и друго.

Друштвото ги користи и популарните социјални мрежи, Facebook, YouTube и LinkedIn за промоција и лесна достапност до секаква информација за штедењето во пензиските фондови.

Секоја година во фебруари и март КБ Прво пензиско друштво испраќа извештаи за пензиска заштеда до сите членови на двата фонда на нивната адреса. Поврзано со оваа активност, Друштвото спроведува 2 маркетинг кампањи и тоа: маркетинг кампања „Зелен плик“и маркетинг кампања за ажурирање на лични податоци на членовите на пензиските фондови.

Во моментов, во тек е голема маркетинг кампањата под мотото “Каков пензионер си станал“ за промоција на пензискиот систем во РМ.

Ова е заеднички проект со НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување-МАПАС.

 

КОМЕНТАРИ

  • Интервју со Томе Пачаразлиев, дипл. машински инженер и сопственик на компанијата Транзит

    Интервју со Томе Пачаразлиев, дипл. машински инженер и сопственик на компанијата Транзит

    Разговор со Томе Пачаразлиев, дипл. машински инженер и сопственик на компанијата Транзит, која e една од првите фирми во Македонија која се занимава со увоз,…

  • Интервју со Ајхан Узун, Генерален Директор на Рамсторe Македонија

    Интервју со Ајхан Узун, Генерален Директор на Рамсторe Македонија

    Ајхан Узун: Поставувањето на високи стандарди и позиционирањето како лидер е голем предизвик Факт е дека никој не може да остане рамнодушен и да не…

  • Интервју со претседателот на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски

    Интервју со претседателот на ФФМ – Илчо Ѓорѓиоски

    Можеби во блиска иднина поради проектите кои ги реализирав ќе бидам означен како најлошиот, а можеби и како најдобриот претседател на федерацијата. Факт е дека…

  • Интервју со Никола Илиевски, Менаџер во A&Е Груп

    Интервју со Никола Илиевски, Менаџер во A&Е Груп

    Tonino Lamborghini е кафе кое е симбол на италијанската култура и традиција Денар: Првата асоцијација која ја добиваме кога ќе се спомене престижниот бренд Ламборџини…

  • Интервју со г. Глигор Цветанов, Извршен Директор на Макпрогрес ДОО Виница

    Интервју со г. Глигор Цветанов, Извршен Директор на Макпрогрес ДОО Виница

    Денар: Макпрогрес постои 26 години. Што е тоа што ја одржува компанијата, а што е тоа што ја движи напред? Целосната посветеност на менаџментот и…

  • Интервју со Јандре Здравески, сопственик и директор на Металотехника Прилеп

    Интервју со Јандре Здравески, сопственик и директор на Металотехника Прилеп

    Само 1-2 милиметри нанесени од „ТермоСтоп“ заменуваат 50-70 милиметри класична изолација, а заштедата на енергија е 30-50%, со што инвестицијата во ваква изолација се враќа…

  • Интервју со м-р Лазе Камчев- Главен Извршен Директор на КД Фондови

    Интервју со м-р Лазе Камчев- Главен Извршен Директор на КД Фондови

    Инвестициските фондови обезбедуваат профитабилност, сигурност и ликвидност Живееме во време кога сме соочени со најразлични предизвици. Тоа честопати не спречува да размислуваме за својата иднина,…

  • Интервју со Мурат Јуксел, маркетинг директор на Рамстор Македонија

    Интервју со Мурат Јуксел, маркетинг директор на Рамстор Македонија

    Денар: Рамстор маркетите се еден од лидерите во малопродажбата, постојано зголемувајќи ги стандардите во таа област. Дали би можеле да издвоите кои се тие деловни…

  • Интервју со Виктор Устијаноски, сопственик на Укион

    Интервју со Виктор Устијаноски, сопственик на Укион

    УКИОН ДООЕЛ е интернет ориентирана компанија основана со визија да понуди едноставност во интернет работењето. 1. Кои се услугите кои ги нуди Укион? Нашето работење…

  • Интервју со Маја Бојчевска Ѓорѓиевска, генерален менаџер на Агенција за обезбедување на имот и лица ОСА

    Интервју со Маја Бојчевска Ѓорѓиевска, генерален менаџер на Агенција за обезбедување на имот и лица ОСА

    Денар: Г-ѓа Ѓорѓиевска, вашата компанија е првата основана Агенција за обезбедување на имот и лица во земјата. Успешно работите веќе 16 години, која е тајната…