28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Време е Северна Кореја да се отвори кон интернетот, инаку времето ќе...

„Време е Северна Кореја да се отвори кон интернетот, инаку времето ќе ја прегази“

erik1

Северна Кореја мора да излезе од присилната изолација, а тоа ќе се случи само ако властите им дозволат на граѓаните да користат интернет. Во спротивно земјата ќе остане неразвиена, рече во четвртокот извршниот директор на „Google“, Ерик Шмит, по контраверзната посета на Пјонгјанг.

По три дена поминати во најзатворената земја на светот, заедно со бившиот американски дипломат Бил Ричардсон, Шмит на аеродромот во Пекинг, рече дека е „време Северна Кореја да се отвори кон интернетот, инаку времето ќе ја прегази“.

„Додека планетата секојдневно се повеќе се поврзува, одлуката на Северна Кореја да остане виртуелно изолирана ќе ја погоди самата држава, нивниот економски раст и многу други работи“, рече претседателот на гигантот за пребарување.

Севернокорејците одамна се бомбардирани со државна пропаганда и практично се отсечени од светот. Пристапот до некоја информација која не е државна речиси е невозможен и остро се казнува.

„Ја охрабривме севернокорејската влада да ја развие употребата на интернет“, рече Ричардсон, бивш американски амбасадор при УН и додаде дека со властите разговарал за Американецот со корејско потекло Кенет Бау, кој е уапсен минатиот месец во Пјонгјанг.

„Ни рекоа дека здравјето му е добро и дека наскоро ќе почне судењето. Тоа звучи охрабрувачки“, рече Ричардсон.

Американскиот Стејт Департмент оцени минатата недела, дека моментот за посета на директорот на „Google“ и бившиот дипломат Ричардсон на Северна Кореја, не е соодветен и дека на посетата не и претходела никаква иницијатива, туку дуото патува приватно и не носи никаква порака од американската влада.

Ричардсон ја искористи посетата да проговори за политиката, и тврди дека ја повикал севернокорејската влада да ги „прекине тестирањата на балистичките ракети и можните нуклеарни тестови“.

Минатиот месец Северна Кореја успешно лансираше ракета за да ги покаже своите воени програми, а меѓународната заедница тоа го прими со изразена загриженост, поради можноста ракетите да носат нуклеарни боеви глави. Напредокот во воената технологија е шокантно различен од технолошкиот мрак во кој живеат 24 милиони Севернокорејци.

Внатрешната мрежа на интернет се користи од 2002 година, а мобилните телефони се воведени во 2008 година, но повеќето граѓани на Северна Кореја не знаат што се случува во надворешниот свет, а кога би имале пристап до интернет, би го срушиле целиот систем, оцени Брајан Бриџис, аналитичар на универзитетот Линган во Хонг Конг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП