28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделски маки: како од мали расцепкани ниви да се стигне до големи...

Земјоделски маки: како од мали расцепкани ниви да се стигне до големи обработливи површини

nivi

Од мали расцепкани ниви до крупни обработливи површини. Пет милиони евра преку европските ИПА фондови им стојат на располагање на земјоделците за консолидација на имотите.

„Во Македонија во моментов има од 3.5 до 4 милиони парчиња земја. Ако се знае дека овие површини се одделени со меѓи има над 50 000 хектари неплодно земјиште само поради овие причини. На групирањето на земјиштето мора да се посвети посебно внимание. Ќе има подобра искористеност на земјоделската механизација како и намалување на трошоците на производство. Од друга страна ќе треба на некој начин да се решат проблемите наследени од минатото. Нерешените имотно – правни односи кај земјоделците можеби е најголемиот проблем, за што во иднина државата ќе треба да посвети големи внимание“, вели претседателот на Сојузот на земјоделци на Македонија Вељо Тантаров.

Процесот е доброволен, а неодамна беа донесени и законски измени со кои дополнително се олесни.

„Ќе се воспостави модел што ќе ги привлече земјоделците да се вклучат во постапката за консолидација иако теренското истражување покажа дека и онака интересот е голем. Консолидираните реони планираме финансиски да ги поддржиме од Програмата за рурален развој, а конкретно во Егри треба да се изградат соодветна инфраструктура, пристапни полски патишта до новоформираните парцели и канал за одводнување“, вели заменик – министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски.

Консолидацијата на земјиштата е значаен дел и од Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020.

„Малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на земјоделското земјиште се најголемите проблеми за македонското земјоделство, што резултира со неефикасна употреба на земјоделското земјиште. Необработеното напуштено земјиште е исто така сериозен проблем за понатамошен развој на секторот“, се заклучува во стратегијата.

Според официјалните податоци едно домаќинство во просек има по 5 оддалечени ниви, а голем дел од нив и до 10 со што се зголемуваат трошоците за нивна обработка.

Малите расцепкани парцели не се проблем само во Македонија туку и во целиот регион. Просечната големина на земјоделските стопанства е од 2.5 до 2.8 хектари, а на катастарските парцели 0.3 до 0.5 хектари што е далеку под европскиот просек кој изнесува 20.

Половина Македонија под земјоделско земјиште, третина ниви незасеани

Освен расцепканоста на парцелите голем проблем за македонското земјоделство се и незасеаните ниви односно неискористениот потенцијал за обработка.

Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на статистичарите од вкупната површина од 415.004 хектари засеани биле само 276.567.

Ова мора да се промени велат агроекономистите според кои потребно е да се направат посебни програми и стратегија како да се натераат земјоделците да ги обработуваат овие површини,на пример преку дополнителни субвенции.

„Најчесто овие необработени површини се во ридско – планинските делови, но има и во рамничарските делови. Секако штетата што не се обработуваат е голема. Сигурно има околу 50.000 хектари кои можат слободно да се обработуваат, да се посеат со житни култури како пченица, пченка, ‘рж, јачмен, овес и добиточна храна. Ние сме нето увозници на сите овие култури и трошиме милиони евра. А така не само што ќе ги покриеме домашните потреби туку ќе има и за извоз“, вели агроекономистот и универзитетски професор во пензија Борис Анакиев.

Инаку речиси половина Македонија е под земјоделско земјиште – ниви, лозја и пасишта. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 кмили 1.264.408 хектари се земјоделска.

Најголем дел или 7.503 кмсе пасишта, ораници и бавчи се 4.150км2, ливади 594 км2, лозја 232 км2, а овоштарници 159 км2.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та во однос на 2014-та вкупните земјоделски површини се зголемиле за 12.5% км2 или 0.1%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП