23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛокалното население сака Шар Планина да биде национален парк

Локалното население сака Шар Планина да биде национален парк

shar55

Дури 83 отсто од локалното население коешто живее во општините долж Шар Планина сака планината да биде прогласена за национален парк, покажа истражувањето за утврдување на свесноста на населението во однос на прашањата поврзани со идното прогласување на Шар Планина за национален парк што Македонско еколошко друштво и платформата „Пријатели на Шара“ го спроведоа во 2015 година.

„Резултатите од ова истражување се навистина позитивни, конечно знаеме какво е мислењето на локалното население во однос на прогласувањето на Шар Планина за национален парк во руралните и урбаните средини во овој регион. Анализата на податоците покажа дека луѓето сметаат оти со идното заштитено подрачје не само што ќе се воведе поголема контрола врз ресурсите на планината, туку и дека тоа ќе донесе позитивни промени во однос на развојот на регионот“, изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин, раководител на проект во Македонско еколошко друштво.

Истражувањето е спроведено во повеќе од 30 населени места во општините Јегуновце, Теарце, Тетово, Гостивар, Боговиње и Врапчиште на репрезентативен примерок од 410 испитаници на возраст од 18-60 години. Според членовите на платформата „Пријателите на Шара“ ова истражување потврди и еден од поголемите проблеми во однос на ресурсите на планината, а тоа е илегалната сеча.

„Во повеќе од прашањата, луѓето одговараа со загриженост во однос на користењето на шумите на Шар Планина. Според истражувањето дури 63 отсто од испитаниците сметаат дека дрвата на Шара се користат прекумерно.  A ставот дека генерално природата на планината не е заштитена е изнесен од 79 отсто од испитаниците“, изјави Александра Тимосиеска од Институтот за развој на заедницата од Тетово.

Речиси сите испитаници одговориле дека Шар Планина има потенцијал за развој на туризмот, како фаворити се наведени зимскиот туризам 83 отсто, планинскиот туризам 80 отсто и рекреативниот и спортски туризам кој е наведен од 71 отсто од испитаниците. За жал, истражувањето покажа дека само 19 отсто од испитаниците се свесни и запознаени за придобивките на екотуризмот.

Иако ставот на населението е позитивен за Шар Планина да стане национален парк, информираноста за процесот околу нејзиното прогласување е ниска. На прашањето  „Дали сте слушнале дека Шар Планина е предложена за заштитено подрачје?“, негативно одговориле дури 61 отсто.

Ова истражување е активност на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо управување на ресурсите на Шар Планина“ спроведуван од Македонско еколошко друштво и финансиран од Германската федерална агенција за животна средина DBU. Целта на овој проект е активно вклучување на локалните чинители во иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк и лобирање на локално и национално ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП