24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТешки преговори на самитот ЕУ и Турција

Тешки преговори на самитот ЕУ и Турција

gom

Челниците на Европската унија ќе се сретнат подоцна во четврток во Брисел за со претставниците на Турција да го финализираат договорот со кој оваа земја би се обврзала да ги запре мигрантите на патот кон западните и северните земји од Унијата, а за возврат би добила финансиска помош и други отстапки, меѓутоа преговорите, судејќи според сé, ќе бидат тешки поради низата спротиставености.

Новиот дводневен самит ќе започне во четврток со чувствителната тема за мигрантската криза на којашто 28-те земји членки на ЕУ различно гледаат, а во петокот на европските челници треба да им се приклучи и турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Германската канцеларка Ангела Меркел, чијашто земја минатата 2015 година прими повеќе од милион баратели на азил, најмногу во ЕУ, и оттаму го имаше главниот збор во минатите преговори со Турција, изјави дека договорот меѓу Унијата и Турција ќе биде „првата шанса“ да се изнајде заедничко решение за мигрантската криза. Меркел јасно истакна дека ЕУ „нема да ги жртвува“ демократските принципи за да ја придобие наклонетоста на Анкара за решавање на кризата.

„Целта е јасна: договор кој ќе биде прифатлив за 27-те членки на ЕУ, како и за нашите турски партнери“, изјави во средата претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

ЕУ, која се чувствува претоварена со повеќе од 1,2 милиони баратели на азил во 2015 година, со месеци наназад се обидува да издејствува од Турција да соработува, со тоа што ќе го запре неконтролираниот прилив на мигрантите. На самитот кој се одржа на 7-ми март, Турција изрази подготвеност да ги презема сите нови мигранти кои од Турција испловуваат кон Грција, вклучително и оние кои барат азил. За возврати бара удвојување, на вкупно шест милијарди евра, на помошта од Брисел, укинување на визниот режим за нејзините граѓани од јуни и отворање на петте блокирани поглавја од пристапните преговори.

„Сепак, списокот со проблеми кои треба да се решат е долг, а приоритет е да се почитува европското и меѓународното право“, рече Туск.

Меѓутоа, Обединетите нации предупредија дека е незаконски „колективното и арбитрарно протерување на сите мигранти“ кон Турција. Европската комисија, пак, тврди дека ќе го почитува меѓународното и европското право, како и дека поединечно ќе го разгледува секој случај.

Од друга страна, на барањата на Турција за отстапки од ЕУ, се противат поединечни земји членки. Франција, којашто има резерви кон укинувањето на визите за турските државјани при влегувањето во Шенген зоната, предупредува дека нема да има никакви „прогледувања низ прсти“, кога станува збор за критериумите коишто Турција мора да ги исполни. Австрија, пак, смета дека на авторитарниот исламско-конзервативен турски режим му се даваат воопшто преголеми отстапки, а Унгарија и уште некои земји се против распоредувањето на барателите на азил во земјите од ЕУ според квоти.

Како потенцијално најгорливо прашање се очекува да биде одговорот на турскиот премиер Давутоглу на понудата на Брисел со Анкара да ги отворат новите поглавја во преговорите за членство во ЕУ кои се провлекуваат со години наназад. Некои од тие поглавја ги блокира Кипар кој со децении е во конфликт со Турција кому му одбива да му гарантира подеднаков статус како и на другите членки на ЕУ во врска со пристапот кон турските пристаништа и аеродроми. Претседателот на поделениот на грчки и на турски дел остров во Медитеранот, Никос Анастасијадес изјави дека е подготвен да го повлече ветото на преговорите меѓу ЕУ и Турција за некои поглавја, доколку Анкара го признае Кипар. Турција, пак, бара од Кипар отстапки за Република Северен Кипат во која живее турската заедница, држава којашто ја признава само Анкара.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП