16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: бизнисот со свадби врти милиони – колку чини една просечна венчавка?

АНАЛИЗА: бизнисот со свадби врти милиони – колку чини една просечна венчавка?

Wedding_Cake

За младите еден од најсвечените чинови во животот; а за рестораните, музичарите, дизајнерите и туристичките агенции профитабилен бизнис. Колку чини една свадба? Колку пари се вртат на годишно ниво во Македонија?

Македонците трошат по околу 50 милиони евра годишно на свадби

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во Македонија, во просек секоја година се склучуваат по 14 илјади бракови.

Пресметките покажуваат дека една обична и скромна свадба со 200 гости чини најмалку четири илјади евра. Сепак има и луѓе кои не слават, но и такви кои трошат и десетици илјади евра. Оттука може да се зборува само за релативни и просечни суми, но во овој бизнис се вртат најмалку 50 милиони евра годишно.

Најмногу пари за ресторан – порција од 12 па до 50 евра

Прослава во ресторан, хотел или дома. Ова е основната дилема при организирањето на свадба, а и еден од најголемите трошоци. Изборот зависи од вкусот, но и од паричникот.

Бројот на ресторани кои се специјализирани за свадби расте постојано. Сепак, со зголемената конкуренција угостителите не ги намалија цените, само почнаа да нудат дополнителни услуги.

„Ако пред 10 – 15 години имаше само неколку места кои беа целосно посветени на одржување на свадби, сега ги има десетици. Секако дека конкуренцијата постојано се зголемува, но ние се трудиме и успеваме да ја следиме. Таа е и добра за бизнисот бидејќи секогаш се трудиме да одиме напред и да нудиме подобра услуга на задоволство на нашите клиенти“ објаснува Марија Петровска, менаџер на ресторан специјализиран за организација на свадби.

„Конкуренцијата е голема во последно време во овој бизнис, сите излегуваат со различни понуди, бонуси и дополнителни услуги; па и ние мора да го следиме тој тренд. Но има доволно работа за сите што се посветени на организирањето свадба која ќе биде вистинско уживање и за младите и за гостите“објаснува Ивица Манчев, менаџер на ресторан специјализиран за организација на свадби.

Цените на менијата со години се речиси исти – се движат од 12 па до 50 евра во зависност од порциите, од пијалаците, но и од угледот и локацијата на самиот ресторан.

„Ние како ресторан стоиме на располагање за сите желби на младите. На пример, подготвуваме и храна која редовно ја немаме на мени доколку има такво барање. Бројот на гостите зависи од свадба до свадба, но мора да се определи при самото резервирање. Врз основа на тоа ние го прилагодуваме капацитетот и ги распоредуваме масите“ објаснува Ивица Манчев, менаџер на ресторан специјализиран за организација на свадби.

За да се испланира една свадбена веселба потребни се од шест до девет месеци. Сопствениците и менаџерите на рестораните велат дека веднаш штом ќе се избере датум треба да се направи резервација и да се остави капар. Оние што брзаат најчесто мора да се одлучат за петок, па дури и друг ден од неделата.

„Имаме случаи кога младите брзаат со свадбата. Вообичаеното време за резервирање е шест месеци однапред за да се запазат термините. Има моменти кога поради најразлични околности се бара термин и само еден месец однапред што многу тешко може да се обезбеди. Во зима има помалку работа, но затоа во лето имаме резервации со месеци однапред и тоа и за петок и за сабота и за недела“ вели Марија Петровска, менаџер на ресторан специјализиран за организација на свадби.

Ако се земе предвид цената на менијата само за ресторан требаат илјадници евра – за најевтината понуда од 12 евра, за свадба со 200 гости ќе треба да се одвојат 2.400 евра.

Кетерингот се попопуларен – проблем нелојалната конкуренција

Кетерингот односно подготвената храна која се носи на самата локација е се популарен. Иако рестораните остануваат примарни локации за организирање на веселбите, кетерингот се користи за веридбата, но и за послужување на гостите кои доаѓаат дома кај младоженецот и кај невестата.

Оние кои се бават со овој бизнис велат дека најголем проблем им е нелојалната конкуренција – нерегистрирани фирми и поединци кои им го рушат бизнисот нудејќи пониски цени но и понизок квалитет, а при тоа не плаќаат и никакви давачки.

„Нелојалната конкуренција ни зема голем дел од клиентите. Се работи за компании или поединци кои работат во супстандардни услови, без примена на стандарди за квалитет како ХАСАП или стандарди за транспорт на храната… Веќе се имаме обратено до Агенцијата за храна и ветеринарство, тие сертифицираа односно издадоа одобренија за кетеринг служби кои генерално во праксата не се контролираат бидејќи многу тешко може да се фати нелојалната конкуренција кога испорачува храна. Тоа е надвор од официјалниот систем на испорака“ објаснува Дејан Атанасовски од „Далма кетеринг“.

Венчавка во црква чини најмалку 4.000 денари

Со еден, тројца или пет попови – Македонската православна црква има тарифник за услугите. Цените се движат од 50 до 100 евра, плус дополнителни трошоци. Така на пример, ако младите одлучат да ги венча еден поп ќе платат 4.000 денари или три попа 5.500 денари.

Цената за венчавка е различна во секоја црква и најверојатно тоа се должи на местоположбата на храмот, дали е во центар или на периферијата. МПЦ-ОА дава услуги и во странство каде има наша дијаспора, цените се разбира се повисоки согласно тамошните стандарди

Муслиманите и католиците овој чин ги чини поевтино. Оџата за венчавка наплаќа 1.000 денари, а католичкиот свештеник само 700 денари.

Но за да биде законски признат чинот на венчавање треба да биде извршен и од страна на државните матични служби. И услугите на матичарот имаат различна цена. Ако сакате да дојде на локација по ваша желба во работен тоа ќе ве чини 50 евра, за викенд двојно повеќе. Во општинските простории цените се неколку пати пониски.

Организатори на свадби – услуга од А до Ш

Иако во Македонија во последните неколку години се отворија поголем број на агенции кои можат да организираат свадба од А до Ш, ретко кој ги користи нивните услуги. Идните брачни парови сакаат овие задолженија да му ги препуштат на некој друг, но сметаат дека на тој начин ќе платат повеќе отколку што планираат. Од агенциите велат дека тоа не е така и дека дополнително можат да издејствуваат попусти од своите постојани соработници. Проблем им е тоа што понекогаш самите клиенти им оневозможуваат да си ја завршат работата до крај.

„Се уште нема свест. На пример, младите мислат дека бабата може подобро да ги замеси кифличките од нашиот кетеринг што го нудиме. Или дека кумот мора да го донесе бидермаерот. Се самите да средат. Мислат дека трошоците така ќе им бидат помали отколку да најмат агенција за организација и протокол, но тоа не е точно“ вели Душица Ристевска, „Хепи Продукција“.

Во Македонија најчесто младите кои бараат стручна помош од професионалци за организирање на свадби се иселеници кои сакаат да се венчаат во родниот крај. Има и такви кои прават свадби во туристички места, па главен проблем им е превозот и сместувањето на гостите. Цените секогаш зависат од потребите, но разочарувањето од изгубеното време и незадоволството од прославата нема друг ден кога ќе може да се надомести.

Снимање и фотографирање – неизбежен дел од секоја свадба

Венчавката секако е момент за паметење. Фотографиите и видео снимките помагаат спомените да не избледнат. Најмувањето професионалци веќе е пракса – чини од 50 до 3.000 евра во зависност од квалитетот, но и дали гостите сами ќе си платат за сликите со младите. Конкуренцијата во овој бизнис е многу голема, па неретко се случува во обид да се заштеди, да се остане без добри снимки. Затоа, мора многу да се внимава при изборот.

„Сите знаат што е квалитет, но ако можат да заштедат најмногу штедат токму на фотографија и веројатно на музика. Ова го работам речиси две децении и сега за сега сум задоволен од бизнисот. Исплатливо е, но зависи од сезоната. Работа имаме од пролет по Велигден па до крајот на октомври, почетокот на ноември. Сепак, има проблеми. Се соочуваме со спуштање на цените од приучени фотографи, конкуренција од рестораните кои почнуваат да нудат фото во пакет со целата услуга, па дури и цвеќарниците и слаткарниците склучуваат договори со нестручни фотографи и нудат некакви пакети“ изјави Димитар Десовски, сопственик на фото – студио.

Венчаница и одело – трошок од најмалку 400 евра

Еден од најважните делови на свадбата секако е изборот на гардероба – венчаниците чинат од 250 па и до неколку илјади евра. Младоженците за костуми плаќаат и до два пати помалку.

Изборот на венчаница е веројатно една од главните дилеми за секоја невеста – се разгледуваат списанија, се пребаруваат интернет страници на светски познати дизајнери со месеци однапред. Иако се почесто има невести со ограничен буџет кои купуваат венчаница од продавница, а некои дури и изнајмуваат невестински фустани за околу 100 евра има и такви кои даваат и по неколку илјади евра за совршениот фустан, а други одат дотаму да се преслечат во две венчаници во еден ист ден. Сепак, кроењето по мерка е најчестиот избор. Шивачките салони имаат работа преку глава во периодот од април до септември.

„Имаме изработка на наши венчаници, ретко носиме увозни венчаници. Најчесто ни доаѓаат клиентите со нивни идеи и нормално со наши сугестии одредуваме заедно каква венчаница ќе изработиме“ вели Марија Ефтимова Ќуштеревска од ателје „Лемар“.

Најчест избор за невестите се венчалните фустани на светски познатите дизајнери изработени од домашни креатори кои настојуваат што е можно покарактеристично да го доловат гламурозниот изглед.

„Поевтина верзија ретко се бара. За венчаницата не штедат невестите. Секоја сака да изгледа беспрекорно за нејзината свадба. Материјали кои што најчесто ги користиме се тул, сатен, чипка. Претежно ги носиме од странство“ објаснува Ефтимова.

Материјали за венчаници има и во земјава, но за поквалитетните невестите одвојуваат повеќе од буџетот бидејќи мора да се увезуваат од странство. Варираат и боите. Ретко која невеста одбира чисто бела како некогаш, а често вметнуваат и други бои кои порано биле некарактеристични за невестински фустан.

Цените на венчаниците почнуваат од 250 евра за наједноставната креација до околу 1.500 евра за најсложената.

„Цените се движат од 15.000 денари па нагоре. Сепак, кај нас има и многу скапи материјали кои што можат да се набават меѓутоа ретко се одлучуваат невестите за толку скапа инвестиција“ вели Данка Ставрова, модно студио „Дама“.

Додека од бизнисот со венчаници во светот многу се заработува во Македонија креаторите се задоволни со тоа барем неколку невести во годината да одберат нивни креации а не реплики на познатите дизајнери.

Музика – трошок од најмалку 400 евра

Исклучиво народна или забавна музика, па дури и диџеј. Група кој наплаќа поевтино или популарен пејач кој држи цена. Трубачи кај невестата дома или само во ресторан. Ова се само дел од дилемите кои младенците ги имаат при организирањето на свадбата. Музиката е клучен фактор без кој ниту една веселба не може да помине.

Што и да се одбере за прослава на еден од најважните денови во животот, невестата и младоженецот ќе мора да издвојат од 400 па се до неколку илјади евра.

До 800 евра чини бенд без разлика за каква музика станува збор. А ако како главен забавувач дојде популарен пејач тогаш цената достигнува од 1500 до 2000 евра.

„Зависи дали ќе има музика и по невестата кога се оди, зависи од тоа во кој град одиме да работиме, дали има патни трошоци, зависи од озвучувањето, дали младите сакаат дополнителни трубачи, дополнителни ди џеи. Цената секогаш зависи од замислата на оние што прават свадба“ вели Александар Тасевски, „Браво бенд“.

Дополнително се плаќа за барем половина час забава со трубачи и плех музика.

Околу 150 евра чини салонски оркестар кој би свирел 15 до 20 минути додека трае чинот на склучување на бракот во матично или во ресторан.

Членовите на бендовите велат дека кога одлучуваат каква цена ќе понудат се раководат и според нискиот стандард меѓу Македонците. Сепак сметаат дека во вкупните трошоци за организирање на свадбата кои се движат од 5.000 до 10.000 евра, 700 евра се незначителен дел.

„Ние имаме проблем односно дилема – дали во годината да отсвириме 50 свадби по 700 евра колку што чини сега нашиот ангажман или да отсвириме 100 свадби по 300 евра. Ние се одлучивме за првото бидејќи сепак значи задоволување на некој наш морален кодекс“ објаснува Дејан Рафаиловски од „Браво бенд“.

Дел од домашните групи кои свират по свадби, велат дека се повеќе Македонци се подготвени да платат за добра музика – пазарењето речиси и да го нема. Во најголем дел се задоволни од заработката. Велат дека од свирењето по свадби може добро да се живее.

„Кога се ќе се собере, вкупниот износ кој јас го заработувам излегува некаде 12-13 илјади евра годишно. Не го кријам тоа, тоа се чесно заработени пари. Кога во една прилика се споредив со еден мој колега во Германија кој приближно ги работи истите работи кои и јас ги работам овде во Македонија неговата годишна заработка е десет пати поголема, достигнува и до 120.000 евра“ изјави Сашо Ливрински, група „Академци“.

Бендот треба да се резервира најмалку два до три месеца пред свадбата за да може да се поклопат термините, објаснуваат музичарите кои додаваат дека кога ќе падне договорот секогаш се оставаат стотина евра како капар.

„Капарот е една од старите традиции на свирачите во Македонија и тој се уште е задолжителен без при тоа да има посредник кој ќе го гарантира и моето учество на свадбата и исплатата, работиме со доверба“ објаснува Сашо Ливрински, група „Академци.

Дел од музичарите сметаат дека за да им биде бизнисот поуспешен потребно е да им се регулира и статусот.

„Статусот е најбитен, да знаеш дека си пријавен како уметник. Сепак, мислам дека ние сме уметници и добро би било да си пријавен, да припаѓаш некаде отколку да си пријавен во некоја сосема друга фирма, на пример како занаетчија или било што, како што прават многу колеги; а сето ова останува како едноставно тезгарење“ вели Дејан Рафаиловски од „Браво бенд“.

Наместо како некогаш кога без народна музика свадбата не била свадба, последниве години трендот се менува, велат музичарите. Младенците се почесто организирале веселби каде најглавниот дел му е отстапен на некој рок бенд, а само еден час гостите имаат можност да играат на добро познатите македонски народни песни, кои младите кои не живеат во Скопје, сепак се уште ги преферираат.

Свадбено патување – тренд кој зема се поголем замав

Парите собрани од свадба младенците често ги трошат за меден месец на некое егзотично место. Патувањата станаа дел од свадбениот концепт, ама и сметка. Топ дестинации се Куба, Малдиви, Тајланд, Бали, Сејшелити Доминикана.

Туристичките агенции организираат буквално се па дури и транспорт со хидро-авиони или глисери до островите од соништата. Хотелите имаат посебни програми за третман на младите.

„Има секакви барања. Од тоа вечерата да биде сервирана на посебен начин, во посебен дел од ресторанот или можеби на плажа. Наутро да се разбудат со расфрлани цветови во собата, со фигури направени од пешкирите. Тоа е многу симпатично и интересно кога ќе го видите“, Никола Голубов од Т.А „Аурора“.

Цените се различни – зависат од самите барања на младите и секако од дестинацијата. Медениот месец може да чини од 500 па и над 5.000 евра.

„Имаме некоја средна вредност на буџет кој што најчесто се повторува. За далечните дестинации цените се движат од 1.000 до 1.200 евра за едно сосема коректно далечно патување како Малдиви и Куба и со сместување во хотел со четири ѕвездички… Се бараат и многу атрактивни крстарења на познатите крстосувачки луксузни бродови кои нудат и ол инклузив услуга. Имаат многу атрактивни цени во одредени периоди од годината кога имаат промоции или кога побарувачката не е голема. Има понуди кои почнуваат од 300 евра“ вели Ана Крстевска – Каламадевска, Т.А „Савана“.

Освен самото патување се повеќе младенци бараат и дополнителни луксузни услуги за кои и не прашуваат за цена. Секако, ова важи за оние со длабок џеб.

„Сме имале такви примери. Еден млад брачен пар кој што отпатува во Дубаи. Аранжманот беше во хотел со пет ѕвездички, цената не надминуваше 2.000 евра по човек со се вклучено. Но, имаа една вечера во Атлантис, подводниот ресторан за која што платија 5.000 евра од човек“ изјави Голубов од Т.А „Аурора“.

Многу малку од паровите одлучуваат свадбеното патување да го поминат во земјава. Но има и странци кои ја одбираат Македонија за медениот месец. Така во Аурора во Берово 10-на младенци од Западна Европа го закупиле хотелот за свадба, а потоа и одморот го поминале на неколку дестинации во земјава. Тоа најчесто го прават мешани парови кои заради економичност решаваат да прават свадба на половина пат.

Многу од македонските млади брачни парови свадбеното патување го организираат по сопствена режија . Ако најдат евтини авионски карти и хотел преку booking цената би била и двојно помала.

Петте најскапи свадби на сите времиња

Во овој бизнис во Македонија се вртат и до 50 милиони евра годишно, но светот има и случаи кога само една свадба ја надминува оваа сума. Кои се петте најскапи венчавки на сите времиња?

  • Кралска венчавка од 1981 година за сегашни 110 милиони долари. Свадбената церемонија на Принцот Чарлс и принцезата Дијана е најскапата свадба на сите времиња. Гламурозниот чин беше изведен во Катедралата Свети Павле пред стотици присутни благородници. Гостите се сладеа со 27 торти од кои само главната беше висока метар и половина чија подготовка траела 14 недели. За да нема изненадувања за секоја од нив имало подготвено и заменска.
  • Свадбата на Ваниша Митал ќерката на индискиот челичен магнат Лакшми Митал во 2005 која чинеше тогашни 60, или сегашни 66 милиони долари. Поканите за гостите биле испраќани во сребрени кутии заедно со авионски билет и соба во хотел со пет ѕвезди во Париз.
  • Свадбата на Принцот Вилијам и Кејт Мидлтон. За разлика од татко му, идниот Британски Крал се покажа како поштедлив и за церемонијата потроши 38 милиони долари. Најголем дел од парите отишле за обезбедување.
  • Свадбата на фудбалската ѕвезда на Манчестер Јунајтед Вејн Руни, кој судбоносното „да“ со избраничката Колин Меклафлин во 2008 година го чинеше тогашни 8 милиони долари. Дел од спектаклот беше чартер лет на 68 гости до Џенова каде заедно со младенците се забавуваа под маски на луксузна јахта вредна 120 милиони долари.
  • Свадбата на ќерката на поранешниот американски претседател Бил Клинтон. Церемонијата на Челзи Клинтон и Марк Мезвински со 500 гости во 2010 чинела 5 милиони долари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП