24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОпштина Штип со парична донација за 13 ромски семејства чии домови изгореа...

Општина Штип со парична донација за 13 ромски семејства чии домови изгореа во пожар

stip--tt

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев денес подели договори за парична донација за 13 ромски семејства кои останаа без привремено сместување, откако во пожар изгореа нивните привремени живеалишта во старото нервно одделение во Штип. Тие ќе добиваат по 3000 денари месечно за покривање на трошоците за струја, вода и станарина.

„По пожарот 13 семејства останаа незгрижени, а Советот донесе одлука општината да ги покрива трошоците за сместување на тие лица каде што живеат. Денес ги добија решенијата, но морам да кажам дека тоа е времено решение, а ние бараме трајна солуција за нивниот проблем. Мислам дека наскоро ќе има конкретни работи, за изградба на една типска населба , куќи или станови ќе видиме, тука сакаме да ги сместиме не само овие 13 семејства, туку сите кои сѐ уште престојуваат во старото нервно одделение и оние кои се покрај булеварот Партизанска бидејќи таму сакаме да ја завршиме комплетно реконструкцијата на булеварот. Ние можеме тоа да го направиме, за мене сите граѓани се исти и водиме ред за нив. Важно е дека тие треба да бидат лојални, децата да одат на училиште, а родителите да најдат работа во Штип“, изјави градоначалникот Захариев.

За трајно решавање на проблемот со сместувањето на Ромите, обезбеден е буџет од 1 милион евра.

„Голема благодарност до градоначалникот и Советот, кои излегоа во пресрет за нас, тој се бори за нас, еве сега имаме привремено решени а потоа се планираат куќи или станови за нас. Благодарам за ваквата одлука да ни се помогне“, изјавија дел од Ромите кои добија решение за финансиска поддршка од локалната самоуправа.

Ова значи дека оваа 2016 година, општината ќе издвои 39.000 денари месечно, односно на годишно ниво 468.000 денари. Инаку на иницијатива на градоначалникот, овие 13 семејства добија и еднократна парична помош од страна на Владата на Р.М во висина од 30.000 денари по семејство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП