18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоразителни податоци: Македонците загреваат помалку од половина од домот – кои се...

Поразителни податоци: Македонците загреваат помалку од половина од домот – кои се другите начини за штедење?

eee

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

Изолацијата како најефикасен начин за заштеда на енергија е застапена во само 18% од домовите – најдобро стои скопскиот регион со 29%, а најлошо пелагонискиот со нешто под 7%.

68% од куќите и становите имаат дрвени прозорци, 29% ПВЦ, а нешто над 3% алуминиумски.

Според ДЗС најголем дел од куќите и становите во Македонија се изградени уште во времето на Југославија (82%) кога не се водело сметка за енергетската ефикасност. Помалку од 1% се направени во последните 5 години откако штедењето на енергија и заштитата на природата станаа поактуелни и подостапни.

Инаку статистичарите пресметале дека 58% од домаќинствата живеат во индивидуални куќи, а 42% во станбени згради. Просечната површина на домовите е 83 квадратни метри – најголеми се во југозападниот регион со речиси 100 квадрати, а најмали во вардарскиот, нешто над 73 квадрати.

Загревањето само на една до две соби е можеби ефикасен начин на штедење, но со тоа се намалува квалитетот на живот. Експертите по енергетска ефикасност даваат други совети со кои можат да се скастрат сметките. Пониска температура за 1 степен, помала сметка до 10%. Ова е основниот метод за намалување на трошоците за греење. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни.

Едноставни совети за намалување на сметките за греење

Дополнителните совети кои лесно можат да се применат и не чинат многу, а кои експертите за енергетска ефикасност ги даваат се:

  • навечер или кога нема никој дома системот да не се исклучува туку да се намалува температурата на 15 до 18 степени,
  • ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината,
  • проветрувањето да се прави само преку ден кога е најтопло, навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат,
  • котлите на нафта гас и дрва редовно да се чистат – најмалку еднаш годишно,
  • електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел,
  • пополнете го просторот меѓу ѕидот и прозорецот со силикон. Така ќе престанете топлиот воздух да излегува надвор,
  • ако е сончево, потргнете ги завесите. Сонцето ќе ви обезбеди многу природна топлина во студените денови. Вратете ги завесите кога ќе се скрие сонцето,
  • поставете теписи, по можност со подолги реси, врз дрвените подови и плочките. Тие ќе ја стопираат апсорпција на топлината од подот,
  • оставајте ја вратата отворена додека се туширате. Така ќе можете да ги искористат предностите на топлиот воздух кој доаѓа од топлата вода, и во други делови од домот, не само во бањата,
  • кога ќе завршите со печењето, оставете ја вратата на рерната отворена за топлиот воздух да се разнесе низ целата кујна.

Сепак, за вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП