19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: 2015 – невработеноста се намали, економијата и долговите се зголемија

АНАЛИЗА: 2015 – невработеноста се намали, економијата и долговите се зголемија

mak

2015-та изминува со намалена невработеност, зголемена економија, подобрен извоз, но и покачен јавен и државен долг.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) Економијата се зголеми за 3.43% од јануари до септември споредено со истиот период лани – во третиот квартал растот бил 3.5%, во вториот 3.2% и во првиот 3.5%.

Овие резултати се под првичните проекции за зголемување на економските активности од над 4%.

 

Полна со предизвици – иста оценка за 2015-та од трите стопански комори

Домашната политичка и светската економска криза се главните причини зошто Македонија ги има овие бројки кои сепак се солидни, велат бизнисмените кои во најголем дел се задоволни од годината што изминува. И во трите стопански комори генералната оценка за 2015-та е иста – „полна со предизвици, со внатрешни и надворешни притисоци“.

„Мораме да признаеме дека 2015-та како и претходните години беше тешка за работење и за опстојување на македонската бизнис заедница, што од објективни причини, опкружувањето пред се финансиската криза во Грција. Но, секако како еден заклучок можеме да кажеме дека бизнис заедница беше жилава, опстои на сите предизвици и ризици со кои се соочуваше и секако покажа дел и добри резултати“, објаснува Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија (СКМ).

„Во 2015-та имаше доста предизвици со кои што македонската бизнис заедница се соочи. Оној економски раст од околу 4% што го имавме проектирано не беше остварен поради што имаме и ревидирана бројка од 3.2% со кои очекуваме да заврши годината. Имавме доста надворешни и внатрешни влијанија. Не беше само политичката криза која имаше доста влијание по стабилноста на економски план. Тука беше и онаа криза која се прелеваше од бизнис партнерите од регионот и од Европа, меѓутоа и мигрантската криза имаше удел“ оценува Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори (ССК).

„2015-та беше турбулентна година од аспект на кризата која ја доживеавме како држава од една страна, а од друга страна и светската берза имаше непредвидени движења во смисла на доларот, нафтата, златото кои имаа големо влијание на компаниите и во нашата држава… Остварениот раст од 3,5 проценти не е резултат на раст на сите сектори во економијата, туку на фаворизирање на одредени области. Имавме перманентен пораст на јавниот долг, буџетскиот дефицит, дупката во Пензискиот фонд“, смета Неби Хоџа, претседател на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

 

Невработеноста се намали на 25.5%

Но и во вакви околности Македонија успеа да ја намали невработеноста. Државната статитика измери пад на стапката за 2.4 процентни поени со што таа се спушти на 25.5 проценти. Според последните податоци трендот особено се засилил во третото тримесечие кога бројот на невработени се намалил за 13.000 и достигнал 243.000. Во истиот период бројот на вработени се зголемил за 11.000 и достигнал 711.000.

Голем удел во тоа имаше проектот „Македонија вработува“ кој директно ги субвенционираше 7.000 компании кои веќе ангажираа 11.000 нови работници.

Сетот мерки предвидува ослободување од плаќање придонеси во период од 3 до 6 години во зависност од возраста и статусот на ново ангажираните кадри.  Посебни поволности се предвидени за вработување самохрани родители, жртви на семејно насилство, поранешни професионални војници, луѓе со ограничена деловна способност.

 

Најавени десетици странски компании, изброени само 116 милиони евра директни инвестиции

Во 2015-та беа најавени десетици нови странски компании, беа потпишани договори со дузина, а почнаа да се реалзираат неколку проекти. Сепак, Народната Банка изброи само 116 милиони евра директни странски инвестиции заклучно со септември. И оваа година остана тајна колку пари како директна и индиректна поддршка добиваат фабриките во слободните зони.

„Државата нека каже колку пари им дава на странските инвеститори. Колку дополнително добива секоја од овие компании. А тие добиваат плус средства. Еве на пример Џонсон Контролс што си замина земаше плус 500.000 евра секоја година. За нив имам видено и знам, но за другите не знам. Затоа треба да кажат колку плус пари им даваат на секоја поединечно. Стопати сме реагирале и сме укажувале“, изјави неодамна претседателот на Стопанската комора на град Скопје, Горан Рафајловски.

Првиот човек на Дирекцијата за слободни индустриски зони (ДТРИЗ), пак, објаснуваше дека она што се правело кај нас не било поразлично од другите земји – секаде секој се борел да го донесе инвеститорот кај себе.

„Поддршката е неспорна, но никој не ја гледа пошироката слика, колку бизниси дополнително имаат бенефит од овие компании, добавувачи, вршители на услуги, одржување, обезбедување и слично. Кога ќе се соберат сите позитивни и негативни аспекти преовладуваат позитивните и тоа доминантно. Никој не ја гледа пошироката слика, сите се занимаваат само со поединечна фирма и толку“, вели Виктор Мизо, директор на ДТРИЗ.

Кон крајот на годината беше најавен и влез на две домашни компании во слободните зони со што до некаде се излезе на долгорочното барање за еднаков третман од страна на македонската бизнис заедница.

 

Банкарскиот сектор остана стабилен, кредитниот раст солиден

Грчката должничка криза немаше влијание на македонскиот банкарски сектор кој остана стабилен.

За една година просечниот Македонец се задолжи за дополнителни 105 евра. Кај банките во октомври имал вкупни позајмици од 935 евра, а во истиот месец лани од 830 евра. Во овој период банките на граѓаните секој ден во просек им одобрувале по 704.000 евра нови кредити, со што вкупниот износ пораснал за речиси 214 милиони евра и надминал 1 милијарда и 933 милиони, покажуваат последните податоци на Народната Банка која предупреди да се подзапре со одобрувањето на потрошувачки, а парите да се насочат кон станбени за граѓаните и инвестициски кредити за компаниите. Од јануари на сила стапуваат нови мерки токму во оваа насока.

„Растот на потрошувачките кредити достигна 12.8% и е двојно повисок од зголемувањето на корпопративните кредити што за нас не е прифатливо на подолг рок, парите треба да се трошат за попродуктивни цели и за креирање раст и нови работни места“, објасни неодамна Гувернерот Димитар Богов.

 

Македонија ја издаде четвртата еврообврзница вредна 270.000.000 евра

Кон крајот на 2015-та Македонија ја издаде и четвртата еврообврзница во вредност од 270 милиони евра. Првично беше планирано задолжување од 500 милиони, но под притисок на дополнителниот – заменик министер сумата беше намалена по што следеше период на натегања во Министерството за финансии околу долгот и аукциите на државни хартии од вредност.

Еврообврзницата е со камата 5.125% или 13 милиони евра годишно. По периодот на доспевање од пет години ќе треба да се вратат вкупни камати од 69 милиони евра. Ја запишаа повеќе од 100 инвестициски банки, пензиски фондови, осигурителни компании, еквити фондови од САД, Европа и од други земји, а трансакцијата се реализараше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк.

Голем дел од позајмените пари отидоа за враќање на стари долгови односно за отплата на 150 милиони евра од еврообврзницата издадена во 2005-та.

Министерот за финансии остана на тврдењето – Македонија е меѓу најмалку задолжените земји во Европа.

„Владата навремено се раздолжува и ги сервисира обврските, со што остава добар впечаток кај инвеститорите. Инвеститорите мора да знаат дека имаат работа со сериозна држава, сериозни институции бидејќи во иднина исто така треба се запишат еврообврзници. Ние тоа го правиме како што го работат сите земји кои што се свесни за тоа дека не може политички да се гледа на обврските на една влада туку тие треба да се гледаат како обврски на државата… Македонија според Евростат е четврта најмалку задолжена земја во Европа зашто ние внимателно позајмуваме средства и враќаме средства“ изјави кон крајот на ноември вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

 

Што значи сето ова за обичниот човек, за просечниот работник?

За една година трошоците на живот се намалија за 0.3%, а цените во  малопродажбата за 0.8%. Државната статистика (ДЗС) пресметала дека најмногу поевтиниле транспортот и комуникациите за 7.9% односно 4.2%, а најмногу поскапале цигарите и алкохолот за 5.1%. Ваквите движења пред се се предизвикани од вртоглавиот пад на цената на нафтата на светските берзи што и немаше многу голем ефект кај крајните цени на домашните производи и услуги.

Во 2015-та просечната плата порасна за 2.3% и надмина 22.213 денари. Стандардот најмногу им се подобрил на вработените во секторите: Уметност, забава и рекреација чии месечни примања во просек пораснале за 34.2%, потоа Административни и помошни услужни дејности со годишен раст од 9.3% и Други услужни дејности за 8.3%. Намалување од 3.4% имало кај Стручните и научните дејности, како и од кај Транспорт и скалдирање од 1.4%.

Статистиката е чисти броеви и проценти, но оценките дали и колку се подобрил стандардот и животот во 2015-та се индивидуални, како и желбите со кои влегуваме во 2016-та.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП