29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews1

Најнови вести од светот 01.04.2013

 

Москва – Во третото тромесечје оваа година Министерството за финансии на Русија очекува зајакнување на стопанскиот раст, рече за новинарите заменик министерот за финансии Алексеј Мојсејев. – Ако Европа не приреди некои нови изненадувања, а јас се надевам дека нема, ако не избие некаде некоја војна, тогаш мислам дека второто и третото тромесечје мора да бидат доволно добри (на планот на економскиот раст). Како прво, тоа ќе биде добра основа. А потоа во третиот квартал можно е да се очекува зајакнување – рече Мојсејев. Тој исто така укажа дека инфлацијата во Русија може да ја надмине прогнозата на централната банка од 6 отсто во случај на лоша жетва.

 

Вилнус – ММФ прогнозира дека стопанството на Литванија оваа година ќе оствари раст од три отсто. На тој начин, според показателот на темпото на раст на економијата, Литванија оваа година ќе остане еден од лидерите меѓу земјите на Европската унија, соопшти ММФ. Минатата година БДП на Литванија пораснал за 3,6 отсто, пренесе Финмаркет.

Мостар – Во однос на претходната година, во јануари во Босна и Херцеговина бројот на невработените е зголемен за 13,867 лица, па сега се над 560.000, изјави директорот на Агенцијата за статистика на БиХ Зденко Милиновиќ. Бројот на невработените во јануари, прецизираше тој, изнесувал 554,714 лица, што е за 2,5 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Тој објасни дека меѓу невработените најголем број се високо квалификувани и квалификувани луѓе, кои во почетокот на годината на евиденција во заводот за вработување биле речиси една третина од вкупниот број.

 

Никозија – Кипар нема намера да ја напушти европската монетарна унија, изјави кипарскиот претседател Никос Анастасиадес, потенцирајќи дека состојбата во неговата земја е под контрола по договорот за помош со Европската унија. Претседателот се обрати на јавноста откако банките на Кипар беа отворени за прв пат по речиси двонеделна пауза поради страв од одлив на депозити. – Немаме намера да ја напуштиме еврозоната – рече Анстасијадис за новинарите во Никозија. – Во никој случај нема да експериментираме со иднината на нашата земја – додаде тој.

 

Пекинг – Странските компании во Кина сакаат новата власт во Пекинг да реагира на нивните молби и да ја намали бирократијата и пречките за инвестирање во време на влошена деловна клима, наведе Американската трговска комора во Кина. Резултатите на анкетата, која комората ја спроведе во 325 компании, покажа дека само 28 отсто испитаници сметаат дека инвестициската клима во Кина е на пат да зајакне, во однос на 43 отсто од претходната година. Иако 78 отсто компании се оптимистички во врска со работењето во Кина во следните две години, само 18 отсто навеле дека планираат позначајно да ги зголемат инвестициите во следната година, во споредба со третина испитаници од ланската анкета.

 

Токио – Јапонската корпорација Панасоник одлучи да ги исклучи своите хартии од вредност од листингот на Њујоршката берза и во најскоро време раководството на берзата ќе поднесе официјално барање за тоа. Како што се наведува во соопштението на Панасоник, причината за тоа е економската нецелисходност на нивното присуство на Њујоршката берза, каде се тргува со незначителен удел на активата на корпорациите. Како што се очекува процесот на исклучување на акциите на Панасоник од листингот ќе биде завршен во април оваа година.

 

Љубљана – Надзорниот одбор на Осигурување Триглав на третата овогодишна седница ја потврди нето добивката на Триглав Групата за деловната 2012 година која изнесува 73,2 милиона евра, што е 54 отсто повеќе од 2011 година. Потврдената нето добивка на Осигурување Триглав, која во однос на претходната година се зголеми за 15 отсто и изнесуваше 50,4 милиони евра, соопшти Осигурување Триглав. Профитабилноста на капиталот на Триглав Групата и Осигурување Триглав повторно е подобрена на ниво на Групата и изнесувала 13,8 проценти, што е за 4,2 процентни поени повеќе од 2011 година, со што е надмината целта поставена до 2015 година, (12 процентна профитабилност на капиталот).

Амстердам – Буџетскиот дефицит како и јавниот долг на Холандија, петта економија на еврозоната, лани биле над европските норми, соопшти Заводот за статистика на таа земја. Јавниот долг на Холандија во 2012 година изнесувал 71,2 отсто од БДП додека европската норма дозволува 60 отсто. Ланскиот холандски буџетски дефицит исто така ја надмина европската норма од 3 отсто, достигнувајќи 4,1 отсто.

Загреб – Падот на потрошувачката на гас во Хрватска е видлив веќе трета година по ред, лани се потрошени само 2,82 милијарди кубни метри гас или 6 отсто помалку од 2011 година, изјавено е на 12 гасен форум во Загреб. Иако помалку гас е потрошено и поради релативно топлото време, без екстремни студови, факт е дека индустријата веќе со години, од 2007 година троши се помалку гас. Интересно е дека Петрохемија лани забележала пад на потрошувачката на гас за 6 отсто, токму на ниво на падот на национално ниво.

 

Берлин – Германската енергетска компанија Е.ОН го продаде секторот за гас во Унгарија, т.е. компанијата за снабдување Е.ОН фолдгас трејд и компанијата за складирање на гас Е.ОН фолдгас стонџ, на државната компанија МВМ Ханганен електрисити. Како што соопшти Е.ОН компаниите се продадени за 870 милиони евра, сметајќи го и преземањето на должничките обврски. Во очекување на одобрение на антимонополскиот уред, планирано е трансакцијата да се заврши во втората половина на годината.

 

Киев – Транспортот на природен гас преку територијата на Украина е намален во текот на јануари и февруари за 24,3 отсто, во споредба со истиот период лани. Во првите два месеца оваа година трнспортирани се 4,3 милијарди кубни метри гас, во однос на 13,4 милијарди во истите месеци лани, соопшти министерството за енергетика и рударство на Украина. Увозот на гас во Украина е намален во јануари и февруари за 23,2 отсто, на 4,7 милијарди кубни метри, а неговата потрошувачка во земјата била помала за 15,5 отсто и изнесувала 13,9 милијарди кубни метри.

 

Љубљана – Стапката на инфлацијата во Словенија падна за 0,7 отсто на 2 отсто овој месец, во време на долготрајната економска слабост која влијае на намалување на цената, соопшти Заводот за статистика во Љубљана. Иако растот на цената на храната и пијалоците од 10 отсто и електричната енергија од 11,9 отсто најмногу придонесе за раст на инфлацијата во последните 12 месеци, цената на автомобилите паднаа за 4,8 отсто, на природниот гас за 9,8 отсто, а телекомуникациските производи и услуги за 3,3 отсто, што ја ограничи инфлацијата. Овој месец најмногу пораснале цените на облеката и чевлите, за 8,7 отсто, додава Заводот.

 

Будимпешта – Трговскиот суфицит на Унгарија е зголемен во јануари на 316,2 милиона евра, во однос на 143,1 милион од декември, соопшти Заводот за статистика во Будимпешта. Меѓутоа, суфицитот од јануари на годишно ниво е помал за 41 милион евра, наведува Заводот. Извозот во јануари пораснал на 6,46 милијарди евра, во однос на 5,44 милијарди од претходниот месец и во однос на 6,20 милијарди во јануари 2012 година. Увозот е зголемен на 6,15 милијарди евра од 5,29 милијарди во декември и во однос на 5,84 милијарди во јануари лани.

 

Париз – Буџетскиот дефицит на Франција во 2012 година е намален од 5,3 на 4,8 отсто од БДП наместо планираните 4,5 отсто, соопшти Заводот за статистика во Франција. Француската влада во согласност со договорот со европските партнери, се заложи 2012 година да ја сведе на буџетски дефицит на 4,5 отсто од БДП, но тоа не и појде од рака. Јавниот долг на Франција продолжи да расте лани до рекордни 1.833,8 милијарди евра, што изнесува 90,2 отсто од БДП, додека владата предвиде 89,9 отсто. Во 2011 година јавниот долг на Франција изнесувал 85,8 отсто од БДП, а дефицитот 5,3 наместо планираните 5,2 отсто.

 

Никозија – Кипарската централна банка соопшти дека на дневно ниво ќе ги ревидира строгите контроли на капиталот, како и дека ќе се обиде да ги заблажи таму каде што ќе може. – Секој ден ќе ја мериме и ќе настојуваме да ја намалиме контролата, со цел да го зачуваме и стабилизираме кипарскиот финансиски систем – наведено е во соопштението на банката. Иако мерките за контрола на капиталот за нас се тешки, ветувањето за подобрено економско опкружување може да се реализира, ако заедно работиме и ја сфатиме неопходноста на овие акции.

 

Лихтенштајн – Лихтенштајн на американските власти им предаде информација за фондациите и други инвестициски дејности на американски граѓани, кои САД ги товарат за избегнување на плаќање на данок. Овој трансфер на податоци следеше откако американското министерство за правда побара детали за 20 доверителни фондови кои работат во Лихтенштајн, мала европска земја позната по тајноста на банкарското работење.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП