28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Ана Амбаркова - Национален консултант на Организацијата за индустриски развој...

Интервју со Ана Амбаркова – Национален консултант на Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации (УНИДО)

aad

Денар: Се основа кластер за развој на туризмот во Тиквешкиот регион. Кои беа причините?

Главна цел на Класерот за туризам во Тиквешкиот регион е да се постигне забрзан и одржлив економски развој на регионот преку искористување на природните, културните и инфраструктурните капацитети со кои располага. Односно убавините и предностите на овој регион да ги истакнеме и направиме подостапни за странските туристи преку нивна заедничка регионална промоција. Туристите кои ќе дојдат да бидат поорганизирано пречекани, и да им се понуди програма која нема да ги остави рамнодушни. А ние цврсто веруваме дека овој регион, навистина има што да понуди.

Кластерот за развој на туризмот во Тиквешкиот регион е резултат на билатералната соработка помеѓу Р. Македонија и Р. Словенија, вторава во септември 2013 година одвои ЕУР 220.000 за поддршка на активности кои придонесуваат кон развој на туризмот во Р. Македонија. Како членка на УНИДО, Р. Словенија, одлучи да ја користи методологијата за развој на кластери на УНИДО, како алатка за одржлив економски и индустриски развој, докажано во пракса во многу земји во развој и транзиција низ светот.

Двата региони кои се таргетирани со овој Проект се регионот на Охридското езеро и Тиквешкиот регион. Во вториов, не идентификувавме активна организација која може да акумулира ресурси и да спроведе активности во индустријата туризам, иако имаше економска оправданост да постои такво здружување.

Проектот организираше редовни средби со идентификувани поединечни чинители во туризмот од овој регион, кои беа изложени на примери за здружување во регионот и на соработка со Кластерот за туризам од Охрид, по што почна  да се развива иницијативата за единствено тело со мисија да го развие туризмот во Тиквешијата, како индустрска гранка на која особено значење и се дава и во Националната стратегија за економски развој на Владата на Република Македонија.

aab

Денар: Кој се ќе биде вклучен во ова Здружение?

Со поддршка на УНИДО, иницијативата за развој на Кластер за туризам во Тиквешкиот регион, формално основаше Фондација, која претставува јавно-приватно партнерство. Покрај деловниот сектор, интересот за основање на вакво тело го препознаа и Општините Кавадарци, Неготино и Демир Капија, кои преку Одлука донесена на Општински Совет пристапија кон здружување со ВВ Тиквеш и Тиквеш вински туризам, ВВ Стоби, ВВ Попова Кула и Центарот за едукација и вмрежување во туризмот – ЦЕНЕТ од Демир Капија. Здружението е основано во Ноември оваа година, и веќе го изработи својот три-годишен стратегиски план 2016-2019 година, а воедно разви и викенд туристички производ, кој ќе биде промовиран на промотивниот настан во декември и преземен од туристички агенции.

 

Денар: Зошто се избра токму Тиквешкот регион?

Во Вардарскиот регион, Тиквешијата е главниот центар за одгледување грозје и производство на вино. Најголемите три Општини во овој регион се: Кавадарци со 40.000 жители, Неготино со 20.000 жители и Демир Капија со 5.000 жители. Во Тиквешијата се идентификувани околу 80 винарии, кои обработуваат околу 70% од целото обрано грозје во регионот. Поради недостиг на организирана промоција, Р.Македонија не доживува огромно признание како врвен вински регион од страна на конзументите на вино ширум светот. Иако Р. Македонија има многу долга традиција во производство на вино, туризмот е релативно нов сектор. Дегустацијата на вино за туристи беше иницирана во 2000 година, а првата и засега единствена во регионот мала винарија со сместувачки капацитет беше изградена во 2005 година. Во 2012 година, во Тиквешкиот регион се регистрирани само 2,4% од вкупниот број на туристи кои пристигнале во земјава, што го прави овој регион подобар само од северо-источниот регион. Овој мал показател секако не го рефлектира фактичкиот број на посети. Тиквешкиот регион се’ уште  не е перцепиран како дестинација сам по себе, но винскиот туризам е дел од понудата на едно-дневни посети на посетителите кои престојуваат во останатите региони на Македонија.

aaa

Денар: Од кога и ефективно ќе почне да функционира овој проект? Кои се очекувањата?

Проектот на УНИДО во Македонија е при крајот на фазата на имплементација. Почна во декември 2013 година и завршува во март следната година. Фазата на имплементација на активностите е во период од две години, со цел да се зголеми конкурентноста на селектираните кластери, преку вклучување на повеќе чинители во интегрирани локални и регионални вредносни синџири,  унапредена динамика, колективна ефикасност, продуктивност и одржливи деловни партнерства. Пристапувањето на една компанија/организација во кластер и овозможува да постиге повеќе отколку со своите индивидуални капацитети, организирајќи се во динамични и продуктивни мрежи, развивајќи стратегиско партнерство со други фирми и институции, со што ги подобруваат своите конкурентски предности базирани на економија од обем, иновација и учење.

Она што беше идентификувано како предизвик во Македонија, е дека за разлика од повеќето земји во регионот кои бележат позитивен раст во бројот на туристи на годишно ниво, особено странски туристи, земјата не го следи овој тренд. И покрај големите потенцијали, особено во културен и еко-туризам, во земјава недостасуваше јасна стратегија која го таргетира туризмот и потребните нивоа на инвестиции. Иако секторот беше мал и неразвиен, лоцирани беа многубројни можности. Во светски рамки, туризмот учествува во просек со 9,3% во БДП на земјите. Во споредба со земјите во регионот, туризмот во македонскиот БДП учествува во просек со 5,4%.

Во туризмот во Македонија, компаниите се соочуваат со особени предизвици како недостиг на поврзани вредносни синџири, поврзаност помеќу различни комплементарни индустрии, недостиг на институции кои го управуваат пазарот, квалитетна работна сила, инфраструктура, јасни и имплементирани стратегии, но и слабо искористување на постоечките капацитети, како резултат на фрагментираната туристичка индустрија, слабата поврзаност помеѓу чинителите и недостигот на прилагодување кон нови трендови во туризмот и создавање на нови производи во туризмот.

 

Денар: Какви се искуствата од воведување на кластери во останатите земји? Кон што треба да придонесат кластерите?

Последниве години во голем број на земји е остварен регионален развој преку промоција на кластери во туризмот и спроведување на успешни јавни и приватни иницијативи, насочени кон поттикнување соработка, иновации и врски меѓу туризмот и производствените индустрии.

Кластерите се динамични економски системи, кои стануваат многу популарни во дебатите на тема економски развој, во последниве години. Владите во светот ги сметаат кластерите како потенцијални двигатели на развој на претпријатијата и иновациите. Кластерскиот пристап им помага на локалните фирми да се движат надвор од нивните индивидуални капацитети, самите да се организираат во динамични производствени мрежи, да развиваат стратегиски односи со други фирми и институции, како и да ги подобрат своите конкурентски предности врз основа на економии од обем, иновации и учење.

Имајќи ги предвид специфичните предизвици со кои се соочуваат земјите во развој, УНИДО има формулиран модуларен пристап за имплементација на развој на кластерски иницијативи кој се фокусира на:

  • Фасилитирање на процесот на преземање на заеднички активности во насока на реализација на колективни ефикасни придобивки;
  • Обезбедување на таргетирана поддршка на институционалната структура за поддршка на кластерите;
  • Вклученост на актерите од јавниот и приватниот сектор врз основа на нивните капацитети и надлежности.

 

УНИДО своето техничко искуство го стекнува преку успешната имплементација на бројни програми за техничка помош имплементирани во областа на кластери, конзорциуми, партнерства и развој на корпоративно-општествена одговорност  уште од 1990 година во Јужна Америка, Африка, Азија и Источна Европа.

 

Денар: За крај кажете ни малку повеќе за УНИДО?

УНИДО е специјализирана агенција на Обединетите Нации која промовира индустриски развој, намалување на сиромаштијата, инклузивна глобализација и одржливост на животната средина. Мандатот на организацијата за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) е да промовира и овозможи забрзан, инклузивен индустриски развој во земјите во развој и економии во транзиција. Седиштето на Организацијата и воедно интернационален центар е Виена, Австрија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП